Семејните релации може да бидат многу комплицирани. Повеќето луѓе чувствуваат силна грижа на совест ако сериозно размислуваат за можноста да се дистанцираат од одреден близок член од семејството или фамилијата, иако тоа е правилна одлука.
Но, колку и да е тежок изборот, понекогаш тоа е за доброто на двете страни.
Не можеме да го одбереме семејството во кое сме се родиле, но затоа изборот е наш дали ќе бидеме блиски со членовите од семејството или ќе се одалечиме ако врската е токсична и ни предизвикува болка.
Нема дилема дека тоа е тешка одлука, но ако е единствен начин да ве одржи емоционално здрави, тогаш тоа е правилниот начин да се носите со таа ситуација.
Во прилог погледнете ги 5-те причини зошто е во ред да го сторите тоа…
1. Тие се присутни само кога им треба нешто
Оние што имаат здрав однос со членовите од своето семејство или фамилија знаат дека роднините се присутни и во тага и во среќа, во богатство и сиромаштија. Тие секогаш се тука да не поддржат и помогнат.
Но, не е невообичаено во некои семејства да има и личности кои се појавуваат само тогаш кога им треба нешто или имаат некаква корист од помошта што ви ја нудат. Токму за тие луѓе треба да се замислите, дали вреди да бидат дел од вашиот живот?
2. Ве осудуваат
Светот е полн со луѓе кои осудуваат и нормално е низ животот да сретнете неколкумина такви, но не и кога осудувањето доаѓа од вашето семејство. Ако се работи за критика, тоа е сосема различно и пренесува порака дека тие се грижат и сакаат да бидете најдобрата верзија од себеси.
Но,ако членовите на семејството или роднините ве осудуваат до степен на неприфаќање и појава на чувство дека не сте доволно добри онакви какви што сте, тогаш тие луѓе не заслужуваат дел од вашето секојдневие, а уште помалку од вашите емоции.
Фамилијата треба да биде тука за вас и да ве подигне секогаш кога се чувствувате дека тонете, а не да ве буткаат уште подолу.
3. Ве озборуваат
Ако семејството или роднините го гледаат вашиот живот како сценарио од некоја ТВ сапуница што треба да ја раскажуваат наоколу, тогаш најпаметно е да не споделувате ништо со нив – бидејќи таквите луѓе не можете да ги промените.
Уште полоша верзија е ако покрај раскажувањето додадат и лоши зборови и свое лично неодобрување, тогаш можеби треба и да се дистанцирате од нив, бидејќи семејството треба да има почит кон вашата ранливост и приватност, а дискретноста е нешто најмалку што можат да ви го понудат за возврат кога им го доверувате својот живот и длабоки грижи.
4. Ве манипулираат
Доколку во семејството или фамилијата има личности што еден ден ве понижуваат и третираат ужасно, а веќе наредниот се најфини со вас , тогаш нешто не е во ред. Здрав однос со членовите од семејеството и фамилијата значи само едно: здрав однос.
Тука нема простор за злоба, алчност, завист и скриени намери. Доколку сето тоа е присутно, веројатноста е голема дека ве манипулираат. Овој т.н. “биполарен“ круг е резултат на тоа што кога тие ве третираат лошо, чувствуваат дека им се одалечуваат и веднаш почнуваат со добриот третман за да ве вратат назад, да ја имаат контролата. Но, не им треба многу време за да почнат повторно и нивната природа да излезе на површина.
5. Прават да се чувствувате безвредно
Тоа е уште една манипулативна тактика, со цел да се чувствувате немоќно и да си ја преиспитувате сопствената перцепција, меморија и разумност.
Обично се случува кога одреден член од семејството или фамилијата ќе направи нешто што според вас не е во ред и вие искрено и добронамерно ќе се соочите со него, но за возврат добивате “свртена топка“ и вие се претварате во лошиот лик.
Кога ова се случува константно и се чувствувате немоќно и безвредно, тоа е доволен знак за да ја прекинете токсичната врска и да верувате во себеси.
Секако, во секое семејство и фамилија се случуваат недоразбирања, кавги и понекогаш постои чувство на тага, разочараност и чувство дека не сте доволно вреднувани и тоа е сосема во ред. Се додека состојбата не стане хронична и незадоволството постојано.
При објавување материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот