Мартин Несторовски е 28 годишен каратист од Скопје, кој на овој спорт е активно посветен веќе 22 години. Поразговаравме за неговите почетоци, за напредокот во кариерата, за подемите и падовите како и за идните планови.
Мартин, кога беа Вашите први чекори во каратето?
Тренирам цел живот, поконкретно од 6 години. Еве веќе 22 години како тренирам карате. Со друг спорт не сум пробал да се занимавам професионално, но рекреативно да. Знам да заиграм фудбал, кошарка и слично.
Никогаш не сте посакале професионално да се занимавате со друг спорт?
Искрено, не. Како мал бев многу хиперактивен. Постојано бев во движење. Карактеристика која сметам дека сум ја наследил од моите родители, бидејќи и мајка ми и татко ми како мали имаат вежбано карате.
Дали тоа значи дека постојано си бил во контакт со овој спорт?
Не директно, но секогаш каратето било присутно во мојот дом, преку разговор, следење на случувањата и слично. Татко ми поактивно се занимавал кога бил помлад. Инаку спортски бил професионално ангажиран со фудбалот, така што спортот ми е во крвта. Што се однесува до мајка ми, стигнала до кафеав појас, била многу посветена на каратето, но животот ја однел во друг правец.
Чија беше идејата да почнете да тренирате карате?
Моја беше првичната идеја. Кога бев мал, како на многу деца така и мене, ми беа омилени филмовите со карате борби каде главните ѕвезди беа Брус Ли, Џеки Чен, Стивен Сигал, па дури и Чак Норис кој беше многу популарен во тоа време. Така, решив дека сакам да го научам тој спорт и приказната тргна. Мојот сосед во тоа време, тренираше карате, голем професионалец кој имаше своја школа. Во комуникација со моите родители на оваа тема, дошле до заеднички заклучок да почнам да посетувам часови кај него. Јас бев дете кое знаеше да биде агресивно многу често и имав потреба од дополнително трошење на енергија. Така што каратето беше еден вид спој на корисното и потребното, односно мојата љубов кој овој спорт и потребата за трошење енергија. Првиот клуб каде што почнав да тренирам се викаше „Балкан“, денес веќе не постои. Таму тренирав 6 години, а се уште сум во контакт со едниот од тренерите кои ми ја покажаа основата на овој спорт.
Зошто си заминавте од клубот „Балкан“?
Причината беше заради тоа што после 6 години интензивен тренинг, јас се уште немав искуство на натпревар, секогаш бев во некоја резервна форма присутен. Иако се чувствував подготвен, сепак не добив шанса тоа да го покажам пред поширока публика. Така и си заминав, решив кариерата да ја продолжам на друго место. Следниот клуб каде што заминав беше „Карате клуб Аеродром“. По само две недели тренирање го добив искуството кое го сакав, бев пријавен на турнир и тоа во Бугарија каде што освоив трето место, што беше доказ прво за мене, а потоа и за другите дека сум бил подготвен.Останав 3 години во клубот, период во кој го зголемив моето искуство на турнири и секако го надополнував моето знаење. Како и во секој спорт, така и во каратето има подеми и падови кои ги искусив. Но, благодарение на семејството, успеав да издржам и да продолжам напред.
Како изгледа е процесот на надградба во каратето?
Почнуваш како јуниор, ја учиш основата и стигнуваш до позиција сениор. Во мојот прв клуб тоа беше врвот. Кога си помал, секогаш има повозрасни на кои се огледуваш, учиш од нив, сакаш да бидеш на нивно место еден ден. Кога стигнав јас до таа позиција, си заминав, како што спомнав и претходно. Преминав во вториот клуб каде што се случи истото, бидејќи тоа е природен процес на надградба и повторно бев само јас на генерацискиот врв. Од третиот клуб, односно последниот, каде што сум во моментов, клубот „Металург“ станав дел кога после настап во едно училиште, ми пријде еден од тренерите на овој клуб кој ме забележал на турнири и претходно, и ми предложи да се префрлам кај нив. Тогаш имав 16 години и се уште се консултирав со мојот татко, кој беше во улога на менаџер, со оглед на тоа дека бев дете. Во консултација со тренерот кој тогаш ме тренираше во клубот „Аеродром“, Горан Алексовски, решението беше донесено – се префрлив во „Металург“ бидејќи беа број 1 и немаа конкуренција.
Откако преминав таму, се почувстував малку изгубено, морам да признаам. Се запознав со нов стил и начин на вежбање, на кој ми требаше време да се адаптирам. Тоа што многу ми се допадна беше атмосферата за работа. Имаше добри спортисти и натпреварувачи кои сакаа да го пренесат нивното знаење. Две години отакако се префрлив во Металург, со напорно вежбање и макотрпна работа успеав да остварам резултати. Во спортот и генерално во животот е многу тешко да промениш одредени навики. Во каратето тоа се моторичките движења. Тука важи правилото: ако си деснак побрзо и подобро ќе ги научиш движењата со лева рака, отколку да ги поправиш мааните на десната рака.
Што значеше промената за Вас?
Секојдневни тренинзи, соочувањата со промените и разликата во пристапот. Се зголеми и конкуренцијата, се бориш во самиот клуб за повисоко место и статус. Тоа е макотрпен процес, но со упорност, желба и енергија може да се постигне добар резултат.
Дали тогаш почнаа и професионалните ангажмани?
Да, тоа беше периодот кога каратето ми стана кариера. Бевме опремени со се што треба, од соодветни душеци, т.н татами, до се останато. На 18 години, после 2 години, во 2008-та го освоив првиот европски медал на репрезентативно ниво во Трст, Италија.
Како се движеше кариерата понатаму, кои успеси следеа?
Тоа беше период кога се запишав на факултет, уште една промена на која мораше да се навикнам. Следното првенство беше на ниво на универзитети, Европско-универзитетско првенство во Кордоба, Шпанија каде што имав одличен настап, освоив трето место во поединечна конкуренција и бевме европски прваци во тимските настапи. Таа година Универизитетот „Свети Кирил и Методиј“ беше европски првак во карате што не е мала работа. Следеа и други натпревари и успеси каде што имав одлични резултати. За жал, 2010 не беше моја година бидејќи имав мал пад во кариерата што е дел од животот на секој спортист. За среќа, следната 2011 година беше година за паметење. Тогаш за првпат се отвори Светска премиер лига која беше составена од 7 турнири кои беа распоредени во текот на целата година од кои се собираат бодови. На последниот турнир се прогласуваше севкупен победник. На првиот туринир кој се одржува секоја година, стандардно во Париз, јас бев прво место. Ако таму еден каратист освои медал, гарантирано освојува и понатаму, бидејќи конкуренцијата е многу силна. Така јас во 2011 година бев Севкупен победник на целата лига односно GRAND WINER.
Кое е Вашето најголемо лично достигнување?
Јас имав пауза од 7-8 години од првиот официјален европски медал до вториот. Кога јас преминав во сениори, во Македонја во тој период имаше голема конкуренција. До ден денес имам многу добар конкурент, Жарко Арсовски, натпреварувач од Штип кој во 2010 година беше трет во свет. Тоа беше период каде што јас не можев да заземам дирекно место, но со тек на време работите се променија.Но, 2015 година ќе ја паметам засекогаш. Тогаш на Европското првенство во Истанбул, Турција освоив трето место. Што е уште позначајно, тогаш се одржаа првите Европски Олимписки Игри во Баку, Азербејџан. Европското превенство беше во март, а крајот на јуни беа Игрите. Всушност, Европското првенство ни беше квалификациско за тоа кој ќе оди понатаму. Конечно влеговме и во Олимпиското семејство. Јас на Европското, освоив трето место и со тоа изборив директен пласман (норма) во олимписка категорија во Европа. Одеа само 8 натпреварувачи од секоја категорија. Првите тројца, односно четворица(имаше две трети места) одат дирекно, петтиот и шестиот влегуваат со помал ранг, еден предложува домаќиниот и еден влегува со вајлд карта. Незаборавно искуство од секој аспект, а од организациски посебно. Таму се чувствуваше духот на Олимпијада. Јас освоив трето место заедно со Емил Павлов, натпреварувач од Македонија. Едниствено, ние двајца бевме со директено изборена норма, останатите беа со вајлд карта.
Во моментов сте вработен во Агенцијата за млади и спорт, со полно работно време. Како успевате да ги усогласите работните обврски таму и Вашите спортски ангажмани?
Кога се сака сè се може, а јас за среќа имам разбирање од колегите. Успеваме да се организираме за да не претставува никому тешкотија. Кога сум во период на подготовки, тоа бара поголем ангажман во текот на денот, вежбам по два пати. Затоа гледам првиот тренинг да биде рано наутро, пред работните обврски, а вториот по завршување на истите.
Како изгледа Вашето слободно време, што сакате да правите за викенди?
Сакам да се релаксирам, сакам да одмарам. Голем љубител сум на филмови, па дел од времето го поминувам и на тој начин. Повремено сакам да излезам навечер со пријатели низ градот, да се опуштам како секој млад човек. Морам да признаам дека сум фан на компјутерските игри, така што дел од слободното време го поминувам и на тој начин.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот