Нашите велат: сиромавиот плаќа двапати! Симболиката на тоа е дека понекогаш толку гледаме на цената, и гледаме да купиме што е можно поевтино, така што на крај испаѓа дека ќе треба да платиме двојно, мислејќи дека сме го купиле „евтино”.
Од друга страна, пак, девизата дека, ако е скапо мора да е добро, и не знам дали и колку вреди, не за друго, сведоци сме на поплаки и на скапи работи. Да, тие се можеби помалку, ама ако сме дале „премногу” пари за некоја услуга/продукт, сакаме да немаме никакви или многу малку поплаки.
И пак се враќаме на главното прашање, дали повеќе се исплатува да се купи нешто евтино или нешто скапо?! Едно е јасно, многу од нас се фокусираме на тоа евтино наспроти скапо, а всушност, главниот муабет и главното прашање за тоа дали да земеме нешто евтино или скапо не е во цената туку во квалитетот. И од тука, целата дилемата не треба да ни биде во фокус на тоа дали и колку е нешто евтино или скапо, туку треба да биде дали и колку е нешто квалитетно наспроти дали и колку е неквалитетно.
Квалитетот е она што ја дефинира цената, на прво место, па после сè друго. Ако нудите врвен квалитет, имате право да имате и висока цена, во спротивно, за тоа што го нудите, има купувачи и за пониска цена . Од друга страна, пак, ако сте купувач на услугата/производот, квалитетот е тој кој треба да ви помогне во изборот на тоа дали некоја работа е скапа или не, односно дали и колку е квалитетно за тие пари.
Секако, не ретко може да се најдат услуги/производи кои се малку преценети, па тие се со толку висока цена што претпоставувам дека е поради погрешна проценка на тимот кој ја дефинирал цената или, пак, едноставно, сопственикот си се оценил, да не кажам преценил, толку!
Со овие два примера, кога се работи за дефинирање на цената, сакам да кажам дека вие сте тие кои треба да ја одредите, но при тоа да бидете објективни и реални пред себе, дали некоја работа вреди за тие пари и ако не, за колку! Дали преовладува квалитет или мислите дека тоа нешто не вреди за тие пари.
Но, едно треба да ви биде многу јасно и важно, ако сакате да успеете во бизнисот, тогаш треба вашите услуги/производи да вредат за парите што ќе ги дадат луѓето за нив. Ако е обратно, тогаш на долг рок, нема да имате успех!
Со успех во промените,