Откако пандемијата на вирусот COVID 19 ја парализираше цела Европа и добар дел од светот, една од темите која што се постави е дали ќе биде можно летово да се отпатува некаде и каде би можело да се оди.
Вестите што се објавуваат во последниве две недели ни даваат за право да бидеме оптимисти кога станува збор за одење на море, а засега се чини дека оние што сакаат ќе можат да се капат во Грција, Турција, Црна Гора, Хрватска, а веројатно и на некои други места што ги посетиле во претходните години.
Ако можеби сметаме дека патувањето на подалечни дестинации оваа година сè уште претставува преголем ризик, тогаш добро е да знаеме какви се нашите права и обврски ако одлучиме да не патуваме. Особено ако веќе сме го одбрале аранжманот и сме уплатиле дел од летниот одмор.
Владата донесе Уредба со законска сила за примена на законот за туристичката дејност за време на траење на вонредната состојба (Службен весник на РСМ, бр. 80 од 27.03.2020 година).
Уредбата упатува на издавање на ваучери од страна на туристичките агенции за патниците, во случај на откажување на аранжманите од страна на туристичките агенции.
За таа цел, врз основа на примена на одредбите од Уредбата и врз основа на мислењето дадено од страна на Министерството за економија – сектор за туризам и угостителство, во продолжение ви ги презентираме условите и начинот за подигнување и користење на ваучерите.
Сите туристички агенции кои ги имаат откажано своите аранжмани за време на траење на вонредната состојба се должни да издадат нов ваучер на корисникот (патникот) на туристичкиот аранжман.
Ваучерите ќе се издаваат во три примероци, со рок на важење најдоцна до 31.12.2021 година. (еден примерок од Ваучерот ќе се достави и до Министерството за економија, за потребната евиденција).
Начинот на издавање на Ваучерите ќе се реализира во согласност на двете страни. Односно, туристичката агенција-организатор на аранжманот или овластената туристичка агенција за продажба (од една страна) и корисникот на ваучерот-патникот (од друга страна), ќе се договорат за: дестинацијата, терминот на реализација и времетраење на аранжманот.
Вредноста на ваучерот ќе биде во истот износ колку што била уплатата за аранжманот, а кој е откажан поради вонредната состојба.