Меѓу книгите од проектот „Читаме заедно“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, има една сурово искрена приказна проткаена со многу хумор и сарказам, „Гробиштата“ од романскиот писател Адријан Телешпан.
Лекциите научени од книгите најдолго се паметат. Особено ако протагонистите се соочуваат со проблеми со какви што човекот неизбежно се соочува секојдневно. Проблеми како потрагата по среќа и исполнетост. Главниот лик Адријан Грин, уморен од себедокажувањето и безличното секојдневие, се преселува во Лондон, верувајќи дека ќе му се насмевне среќата. А таа го носи на блиските гробишта, каде што станува администратор. Како во книгава, така и во животот, среќата понекогаш се насмевнува на чуден начин.
Благодарение на Телешпан, добиваме една поинаква, многу храбра и бунтовна книга, која борејќи се против стереотипите успева да ја врати вербата во животот. А за квалитетно издание во огромна мера придонесува нејзиниот преведувач, Ермис Лафазановски, кој автентично ја пренесе приказната доловувајќи го слободниот литературен израз, што е особено важно во ваков тип на книжевност што допира политички и религиозни теми за кои владеат различни мислења.
Оваа и сите други книги од проектот, секоја со различна тема и секоја со убавината на културата што авторот ја пренел на хартија, еднакво придонесува за убавината на книжевноста – зашто ја наоѓа својата суштината во јазичната, националната, уметничката и, секако, личната разновидност.