ИНТЕРВЈУ: ВИНКА САЗДОВА, писателка
Пишува: Ана Јовковска
По повод новонастанатата ситуација со пандемијата, писателката Винка Саздова напиша: „Стишува џевата и буката надвор, а светот во нас оживува. Внатрешната перцепција се засилува. Забележуваме ситни нешта околу нас што не сме ги забележувале досега, будни сме за секоја мисла и чувство што се пројавува во нас. Ловиме нијанси, ја освестуваме сопствената сензитивност, го чувствуваме дури и допирот на крилјата на птиците што летаат слободно на небото. А ние заробени… Во домот, но не и во душата“. Вака срочено, Саздова ги посочи позитивните аспекти кои може да изникнат од овие вонредни услови на живеење, а тоа се длабењето и проникнувањето во себе, во природата, во шарениот свет во нас и надвор од нас. Оној свет што не е ароматизиран со мирисите на загадувањето и не е испрскан со светлината од рекламите и билбордите. Оној свет во кој штрковите не слетуваат на бетонски облакодери, туку во својот природен хабитат во кој човекот направи масакар со својата алчност…
По и за време на Ковид-19, романтизирана параноја или соочување со предизвиците на достоинствен и креативен начин? Многу прашања ѝ поставив на Винка Саздова што во овој разговор ги читате како прочистувачки лекции за духот… Ако нејзините рефлексии за реалната ситуација во која се наоѓаме ве најдат на патот до вашето огледало, погледнете во ликот што неприликите ви го оживуваат…
АЈ: Во вашиот нов, петти роман Вилино, велите: „Домот е чувство, не простор“. Како се чувствувате деновиве дома, во изолација, во оваа вонредна ситуација на светска пандемија?
ВС: Одамна научив да живеам во тихување, далеку од метежи и од сѐ што е пренагласено, та затоа немам чувство дека нешто особено се сменило во мојот живот. Вонредни се вестите, сѐ друго ми е исто. Дури и поубаво, ако се изземат туѓите судбини и статистиките. Ми годи тишината. Појот на птиците. Ноќите само со понекој лаеж на пес во далечина. Секогаш сум била близу природата, поврзана сум со неа. А еве ја сега со сета своја полнота и во градот. Буи животот насекаде околу нас, потсетувајќи нѐ на радоста на постоењето. На тоа дека сме дел од природата, но не нејзини господари. Посакувам тоа да го запомниме и кога ќе мине оваа пандемија. Кога ќе се вратиме на својот „нормален“ живот. Всушност, мене токму овој живот ми е нормален. Ослободен од губење време на непотребни нешта, празни комуникации, бегства. И со присуство на себе.
АЈ: Додека пишувате секогаш сте во карантин, навистина доброволен, ќе речете, но сепак карантин. Понекојпат и со месеци. Веројатно затоа поголемиот дел од годината го минувате во Охрид. Како изгледа тој ваш доброволен пишувачки карантин во којшто нема средби и нема комуникации ни со најблиските?
ВС: Една од најважните лекции што треба да се научат во животот е дисциплината. Ништо не се постигнува без неа. И зад најголемата слобода стои дисциплината. Тоа, се разбира, не го знаат сите, мислејќи дека слободата е анархија, неправење ништо, угодување само на сетилата. Не, воопшто не!
Кога пишувам, морам да бидам во изолација. Потполно оддалечена од сѐ, освен од себеси. За среќа, го открив Охрид, кој ми го нуди токму тоа што ми е потребно. Тихување, убави глетки, но и можност за физичка активност. Јас не можам без движење, морам да поминам најмалку десет километри во денот за да се чувствувам убаво, лесно и полна енергија. Таму сите денови ми се исти: станувам рано, пешачам (брзо) крај езерото, пливам (лете) околу еден час, се враќам назад, во станот. Тоа трае три часа. И потоа цел ден затворена во соба, со лаптопот пред себе. Одвреме-навреме ќе излезам на тераса да го изнагледам езерото, па пак внатре. Ретки контакти, понекој телефонски разговор со семејството. Така со месеци. Навидум тоа е крајно монотон живот, ако се гледа отстрана. Но токму тогаш ги живеам своите највозбудливи мигови. Се нурнувам во световите на моите ликови и ги преживувам нивните судбини.
Денешниот човек, за жал, го заслужува токму светот во кој живее. Преполн отрови, осквернавен, и на материјално и на духовно ниво. И најмногу поради една особина која денес безмалу се смета за доблест: алчноста. Aлчноста е најголемото зло на денешницата!

АЈ: Каков свет мислите дека заслужуваме?
ВС: Денешниот човек, за жал, го заслужува токму светот во кој живее. Преполн отрови, осквернавен, и на материјално и на духовно ниво. И најмногу поради една особина која денес безмалу се смета за доблест: алчноста. Да, алчноста е најголемото зло на денешницата. Трката по материјалното, вреднување на другиот преку тоа што го поседува, но не и по вредностите што ги има во себе. Посакувам, навистина посакувам оваа пандемија да роди еден нов човек: свесен, одговорен и благодарен.
Деновиве некаде прочитав дека Земјата го забавила своето движење. Се воодушевив. Ако оваа информација добие научна потврда, тоа би била револуционерна порака. Природата, Бог, ни го покажува патот. Вели: Забави малку. Сопри. Каде си се затрчал? Навистина: кај си се затрчал ти, модерен човеку? Информатичката технологијата ја вивна во небеса, а себеси не се спозна!
Напати помислувам дека овој пат навистина се работи за живот или смрт. Или ќе сопреме, ќе се свестиме, или ќе нѐ нема. Иако… не сум баш оптимист. За жал, светот го водат поединци кои мислат дека се бесмртни, дека се некаков вид надлуѓе. Нивниот глад за моќ е толку деструктивен што сѐ престорува во пеплиште. Но не е само тоа… Треба да се смени свеста кај обичниот човек. Еве, погледнете што се случуваше овие денови околу нас. Пред карантиските викенди луѓето трескаво ги празнеа продавниците. Што му е потребно на човек за два дена? За толку кусо време не се умира и да немаш ронка храна, не пак преполни фрижидери и шпајзови. А потоа… градот затрупан со смет. Животот не е грабање, туку дишење во ист ритам со Земјата и Универзумот. Промените би се случиле доколку тоа го сфатиме.
AJ: Велите дека пред нашите очи се одвива „експеримент на планетарно ниво“ и најискрено се надевате дека по сето ова човештвото ќе направи квантен скок кон свесноста. Прогнозите се неизвесни и ова не е спортска прогноза на која би можеле да типуваме… Сепак, што мислите, каков свет ќе донесе оваа пандемија по своето завршување? Ќе биде ли човекот уште поотуѓен и роботизиран, производството автоматизирано, комуникациите дигитализирани, или, пак, ќе станеме посвесни и разбудени? Ќе се сменат ли приоритетите на државите во смисла на градење на силно јавно здравство и вложување во науката, образованието и културата, наместо во оружје?
ВС: Ниту едно оружје не може да го убие вирусот. Ниту сето богатство на овој свет не ќе ни го спаси животот. Глејте како се шири ковид-19! Од еден човек – четворица, и потаму, по геометриска прогресија. Кога така би се ширела и добрината! Секој да почне првин со себе. Тоа е преземање на одговорност. Не друг, јас. Да не чекам од другиот да ми изгради „прекрасен нов свет“, ами јас самата да почнам да го градам.
Дека човештвото ќе се смени, тоа е сигурно. Всушност, промените веќе се случија. Комуницираме оддалечени едни од други, преку социјалните мрежи. Се гледаме на видеокол, шетаме виртуелно по музеи и галерии. Иднината е сега. Наивно е да се мисли дека доаѓаат подобри денови. Романтизмот и ренесансата се минато, сега почнуваме да ги живееме СФ-приказните од филмовите и книгите. Тоа што беше чиста фикција, стана реалност. И тој процес е несопирлив. А сепак… сакам да верувам дека оваа пандемија ќе биде една голема шлаканица која ќе го разбуди човештвото. Има една многу убава реплика во филмот Преведувачката со Никол Кидман, каде што таа вели: „Sвекотот на сето оружје не е погласен од шепотот на вистината“. Посакувам тоа да се случи.
Наивно е да се мисли дека доаѓаат подобри денови. Романтизмот и ренесансата се минато, сега почнуваме да ги живееме СФ-приказните од филмовите и книгите. Тоа што беше чиста фикција, стана реалност. И тој процес е несопирлив.
АЈ: Како дипломиран психолог, иако активно не се занимавате со вашата примарна професија, сигурно ќе го уважите стравот како легитимна емоција или како заштитен механизам, особено во вакви кризни времиња. Но потенцирате дека не можеме долго да се плашиме и дека мораме да почнеме да се занимаваме и со убави нешта. По таа линија го цитарате Епикур, кој рекол: „Во кризни времиња мудрите луѓе си ја копаат својата градина“. Која е вашата градина денес?
ВС: Љубовта кон семејството, кон себе, кон сите оние мали мигови што животот го прават единствен и неповторлив. Читањето и пишувањето. Писателот е привилегиран што може да живее во паралелни реалности. Имагинативниот свет понекојпат е повистинит од вистинскиот живот. Јас сум сите ликови во сите мои книги. Сегде сум била кај што биле тие, сум проживеала сѐ што тие проживеале. Чудесно искуство.
Голема умешност е и кога немаш избор да имаш избор. Звучи нелогично, ама сепак е така. Имам избор: да се чувствувам заробено или слободно, да фрчам цел ден со носот или да направам нешто корисно, креативно, љубовно.
АЈ: Ми се допадна текстот на професорката Калина Малевска која ја посочува романтизацијата на карантинот како погрешна, пишувајќи: „Карантинот некогаш како да се перципира како фина можност да запреме од брзото темпо и да се посветиме на себеси и нашите блиски. Ова е далеку од реалната состојба. Не е потребен карантин за човек да размисли за себе или да посвети време на блиските. Карантинот е недостиг од избор и правењето нешто под присила и без своја волја затоа што сме се нашле во некакви околности не може никогаш да биде позитивно, па макар и го искористиле за креативни работи (кои и онака можеме да ги правиме кога нема карантин)“.
Каков е вашиот став за креативноста во карантин? За уметноста во лоши времиња?
ВС: Голема умешност е и кога немаш избор да имаш избор. Звучи нелогично, ама сепак е така. Имам избор: да се чувствувам заробено или слободно, да фрчам цел ден со носот или да направам нешто корисно, креативно, љубовно. Секој од нас би имал повеќе самопочит доколку успее хендикепот од моментната ситуација да го престори во предност. И токму тоа треба да се вежба во овие карантински денови.
Карантинот сите нам ни ги изостри сетилата. Стави пред нас огледало кое не ни го разубавува ликот, ами токму спротивното. Одразот е многу верен на тоа што е внатре, во нас самите. За некого тоа може да биде инспиративно, за друг, пак, сосем инхибирачко. Како и да е, лошите времиња се инспиративни. Немирот е искра од која може да букне оган. Не постои лошо време за уметноста. Живеам сега и овде. Кога би создавала ако не сега?

Животот не е грабање, туку дишење во ист ритам со Земјата и Универзумот.
АЈ: Дали опасноста од корона-вирисот нè доближува до стравот од смртта за кој многу писатели пишуваа како за потрага по смислата?
ВС: Стравот од смртта нѐ доближува до животот. Одеднаш смртта не е „непроверената гласина“ на Кустурица, ами неизбежност. Значи, тука е! Не им се случува само на другите, ами еве ја!, тропа и на мојата врата! си вели секој од нас. И што можам да сторам? трескаво се прашуваме. Да го славам животот, да му се радувам, ете тоа. Да бидам свесна за секој миг, за секој здив. И да бидам благодарен што постојам, што ме има.
АЈ: Романот Вилино го започнувате со мислата на Руми: „Зошто остануваш во зандана кога вратата е ширум отворена?“ Која е најголемата зандана во која некогаш сте се нашле?
ВС: Стравот. За него пишувам во мојот прв роман, Последниот чај. Многумина се препознаа себеси во таа приказна, што е уште еден показ дека стравовите и копнежите ни се исти. Различно е само справувањето со нив.
АЈ: Дали купувањето книги е новата шопинг-манија во време на изолација?
ВС: Се случи нешто многу интересно, речиси прекуноќ се сменија навиките на купување на книги. Интернет-книжарницата kniga.mk ја имаме веќе десет години и таа доживеа вистински процут во карантинските денови. Тоа е сосем логично. Зошто читателите да излегуваат од дома, да се изложуваат на опасност, кога саканата книга може да им стаса на домашна адреса? Нашите соработници речиси не можат да достасаат да ги пратат сите дневни нарачки. Овој период беше и вистинско време за лансирање на нашата апликација за електронските изданија. Интересот е неверојатен. Од сите страни на светот се симнуваат книги.
АЈ: Издавачкиот центар ТРИ поттикна прекрасна иницијатива, пишувачкиот предизвик „Карантински приказни“ од кој се очекува да излезе вистинска антологија на изолацијата или, како што велите, „книжевна хроника на овој планетарен карантин“. Каков беше интересот од публиката? Колку карантински раскази ќе се објават? И кога би можеле да ја очекуваме книгата?
ВС: Стасаа многу раскази. Интересот беше огромен. Нашата редакција ќе направи избор од морето пристигнати приказни и во текот на мај ќе биде објавена и книгата, во електронско издание. ТРИ ги покани и своите автори да напишат карантинска приказна. Тоа ветува дека ќе имаме убава антологија на изолацијата. Сведоштво за едно време што никој од нас не би сакал да се повтори.
Една мисла на Сенека ме фасцинирала уште од студентските денови: Научив самиот себеси да си бидам пријател. Така никогаш нема да бидам сам.
АЈ: Многу ми се допадна дијалогот меѓу ликовите во вашиот роман, во кој тие се потсетуваат на едно племе во Африка со чудна тактика на воспитување и казнување – кога некој ќе стори нешто лошо, сите седнуваат околу него и му раскажуваат за доблестите и за добрините што ги сторил, наместо да го кудат, го фалат и величаат. Ние, пак, сѐ почесто на социјалните мрежи ќе си извадиме очи едни со други за само еден погрешен, избрзано напишан збор. Ги доживувате ли социјалните мрежи како нова инквизиција?
ВС: Сега ништо не е поразлично од порано. Можеби е само потранспарентно, оти преку социјалните мрежи на увид ни е сечие мислење.
Има една интересна приказна: Еден учител им рекол на своите ученици: „Погледнете ме убаво. Што гледате?“ Тие се вгледале во неговата снежнобела одора на која имало една црна точка. „Црна точка“, изустиле сите во еден глас. „И вие во сето белило ја видовте оваа мала црна точка!?“ завртил со главата учителот. Ете тоа се случува: се немаат очи за убавото, ами само за грдото. Се бараат црните точки во туѓите зборови, постапки, а светлите не се забележуваат, или, пак, ако се забележат, бргу се забораваат. Така било, така е. Мене ми пречи и нешто друго. Затапеноста и тоталната неинвентивност на корисниците на социјалните мрежи. Се споделуваат крајно здодевни, банални текстови и фотографии. Се убива сопственото и туѓото време. Чуму сето тоа? Та сите ние треба да се инспирираме едни со други! Да го развиваме убавото во себе, во другиот.
АЈ: Во последно време често размислувам за луѓето кои живеат сами и за оние кои се осамени, а сега се принудени да бидат во изолација и лишени од физички контакти. Социјалното дистанцирање за луѓето кои не користат социјални мрежи практично значи отуѓување од комуникација и социјална интеракција. Во Вилино пишувате: „Самотијата не се мери со присуството на другите, туку со отсуството на себе си“. Коментар?
ВС: Не ни се потребни социјални мрежи за близина со другите. Тие создадоа лажна слика за блискоста. Ја отуѓија комуникацијата. Имаш илјадници пријатели кои те следат, коментираат, ти праќаат срциња. А не те познаваат. Ниту ти нив. Ништо не си значите едни на други.
Во Вилино има една мисла на Сенека која ме фасцинирала уште од студентските денови: Научив самиот себеси да си бидам пријател. Така никогаш нема да бидам сам. И навистина. Бесмислено е да се очекува другиот да ја пополнува твојата празнина. Мора самиот да си го изградиш својот духовен дворец. И ако умееш да бидеш со себе, ќе умееш и со другите.

АЈ: Повторно една куса мисла од Вилино: „Секој избор е одрекување од нешто друго“. Што најмногу ви недостига во овие вонредни услови?
ВС: Ми недостига семејството собрано на купче. Разговорите, погледите, детскиот џагор и смеа. И мојот карантински расказ е посветен на тој копнеж. На оддалеченоста.
АЈ: Овој разговор ќе го завршам со вашите зборови: „Имаш два избора: да бидеш уплашен или радосен. Што одбираш?“ Па, што одбирате и што си посакувате?
ВС: Ја одбирам радоста, се разбира. Одбирам срцето да ми пее заедно со птиците. А себеси си го посакувам истото она што му го посакувам секому: Светлината да живее во моето срце и ум!