Во Вевчани на Василица, целото место празнува. Тоа не е ниту ново, ниту пак сега откриено. Сите, вклучувајќи ги и домаќините и гостите, го очекуваат карневалот кој трае два дена (13 и 14 јануари) чиј почеток е околу 14 часот. Со него се соживуваат и активно, сите присутни учествуваат во карневалските поворки сè до крајот, на 14 јанаури, во попладневните часови. Традиција стара дванаесет века, поточно кога Вевчанци го прифаќаат светецот Василиј Велики како заштитник на Вевчани и вевчанските василичари.
Годинава се одржува 1220-тото издание на Вевчанскиот карневал. Тоа е културно просветна и научна манифестација која што се одржува по стариот Јулијански календар, на едно деноноќие, на 13 и 14 јануари. Карневалот е настан со традиционални маски и претставува симболизација на една свадба во чиј состав влегуваат традиционалните маски: зетот и невестата, побратимите, Глупиот Август и василичарите како свадбари. Музиката се зурли и тапани, кои што се наменети за василичарите, односно за василичарската свадба. Маските на карневалот остануваат како такви во текот на целото време односно тие традиционалните не се пагански, туку се сретнуваат на карневалот од 9 век во старата Кутмичевица, во чиј простор влегуваат струшките предели со вевечанското поднебје.
Локацијата каде што започнува е почетокот на селото, собрани во две групи: горномааалски и долномаалски. Активните дејствија на карневалот се следни – посета на секое вевчанско домаќинство, потоа крштевање на бистрите Вевчански извори, гостењето на василичарската визита и трансформирањето на групите василичари на Вевчанскиот карневал на сред село, во текот на едно деноноќие. На крајот од карневалот се палат маските, а веќе следниот ден се сублимираат случувањата и се утврдува собраната сума парични средства која васлиличарите ја добиваат после посетата на куќите и се гледаат приоротетите на нивно наменско трошење за потребите на заедницата.
На 13 и 14 јануари сите патишта водат во Вевчани. Кога ќе стигнете до портите вевчански отворето го ќесето и платете влез, затоа што така е редот. За време на карневалот Вевчани дише и живее со полни гради, не се штедете и почувствувајте ја традицијата македонска која опстојала со векови.
За многу години празникот!
Текстот е извадок од интервјуто Hybrid.mk со Илија Каланоски, магистер по историски науки, автор на вкупно девет книги и еден роман во два дела посветени на Вевчани.
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.