„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Коментарите за совети, можете да ги пишувате на: www.facebook.com/tipoftheweekPriracnik Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој
Одамна сакав да напишам нешто на оваа тематика, но сега бев инспириран откако пред некој ден, во едно друштво, се дискутираше токму за оваа тема. Имено, се работи за тоа дека веќе толку сме сите отуѓени едни од други, затворени во своите светови, секој си го брка својот пат, сите со дигнати глави, што веќе никој ниту на улица со комшиите не се поздравува.
Муабетот ни беше дека порано, комшиите не ни тропаа на врата туку само си влегуваа кај нас дома. Мајките си имаа специјално време во денот кога си се собираа кај комшиките и си пиеја кафе и муабетеа. Дури веќе ни ајвар не се прави како порано. Кога луѓето ќе се собереа кај некој од комшиите и заеднички правеа зимница за сите фамилии, со дружба по цели денови и ноќи.
Но, ајде можеби и многу барам кога зборувам за некоја комшиска дружба, социјализација и меѓусебно помагање. Она што е најлошо во моментов е дека веќе нема никакво почитување, а не се ни поздравуваме кога ќе се видиме со комшиите во маало. Можам да забележам и дека кога ќе се сретнеме на улица, дури и со главите вртиме на друга страна (или сега најмодерно, гледаме во телефоните). А најстрашно е дека и помладите толку станаа диви, што не почитуваат ниту постари ниту ништо. Во наше време, не можеше а да не го поздравиме некој постар комшија, чичко, тетка, дедо или баба.
Кога бев во Америка во 90’те (како средношколец), ми беше многу интересно дека не само во соседството, туку и каде било на улица, кога ќе сретнеш некој по пат, и ќе направиш контакт со очи, сите те поздравуваа (една искрена насмевка и кратко „здраво”). Воопшто не го познаваш човекот, прв пат го гледаш, но кога ќе ти се насмее и ќе те поздрави, сепак убаво ти доаѓа.
Не сакам да навлегувам во психолошкиот момент на поздравувањето, зошто ни е тешко да се поздравиме или зошто сме толку станати диви, отуѓени и самобендисани. Но, сакам да го искористам овој неделен совет само да ве потсетам и да ве поттикнам, без оглед колку е тешко, или дека тоа никој не го прави и не се поздравува, кога ќе сретнете некој во маало, стар, млад, голем, мал, жена, маж, најдете сила и енергија само да „му се насмевнете и да се поздравите”. Па макар тоа било и најнамќорестиот комшија. Верувајте дека колку и да звучи чудно и невозможно, сепак ќе му испратите убава енергија, позитивно чувство и ќе му го направите денот поубав.
На вас едно “здраво/добар ден” нема да ви претставува тежина, а на некој може и да му го направите утрото/денот поубаво.
Со успех во промените,
Петар Лазаров
Член на тимот
МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
Доколку сакате текстовите да ги добивате на Вашиот е-пошта или мислите дека некои Ваши колеги, соработници и пријатели треба да ги добиваат овие текстови, испратете ни ја/ги на tow@macedonia-export.com
При објавување материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот