Гого Ивановски е македонски поет и раскажувач, роден на 18 јануари 1925 година во Скопје. Работел како новинар во Радио Скопје, потоа како уредник во Македонската телевизија. Учествувал во уредувањето на списанието „Современост“ и книжевниот весник „Хоризонт“. Од 1946 г. членувал во Друштвото на писателите на Македонија. Во текот на неговата писателка кариера објавил петнаесетина книги со поезија и проза. Починал на 15 декември 2004 година во Скопје.
Нашиот избор падна на две негови песни кои се надеваме дека ќе ви се допаднат.
Сенки
Имам песни кои никогаш не сум ги напишал,
а знам дека ги имам и се мои;
тоа се песни кои воопшто нема да ги напишам –
ним им е дадено да живеат како сенки.
Сe мислам дека штом ќе се обидам
да ги пуштам во светот на виделината
ќе им го збришам превезот на магијата
како правта од крилата на пеперутката.
Па ќе ми паднат немошни пред нозете,
и нема повеќе да бидат тоа што биле…
После ќе жалам задека сум посакал
да им го дадам она што го немам.
Но жалта тука нема да помогне,
пеперутките втор пат не ќе полетаат…
Не, тие песни нема да ги напишам,
ќе ги чувам за да не станат никогаш стварност.
Одмор
Спушти ја завесата на прозорецот,
да стане полутемнина,
притвори ја бесшумно вратата,
притаи се.
И ништо не ми расправај,
ништо не ме прашувај –
да биде тишина:
сакам за миг да замислам дека сум сам,
дека сум стасал на некој завој од вековечноста
времето кај што запрело –
каде што луѓето не ги познавам,
каде што никому нема што да дадам,
каде што од никој нема што да земам…
Каде што се е така како што е.
Некаде кај што тишината на беспристрасноста
ги израмнува нерамнините на желбите и барањата.
И како далечен патник без пристигање
да го спуштам за миг багажот.
Потем леко да поминам со рака
врз капките на челото набабрени.
Спушти ја завесата на прозорецот,
во полутемнината сакам да замислам –
дека се одмарам.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот