Македонската балерина Стефанија Гаштарска е првата Македонка кој стана дел од ансамблот на рускиот театар „Бољшој“ во Москва.
Осумнаесетгодишната балерина од Скопје настапи на сцената на овој театар пред две години во улога на принцезата Аурора од балетот „Заспаната убавица“. Станува збор за балетска гала вечер посветена на кореографот Мариус Петипа, а сцената ја делеше со уште 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.
Гаштарска заврши основно музичко училиште во „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, а средното музичко училиште го заврши во Русија. Таа е првата македонска балерина која своето образование го заврши во престижната Бољшој балетска академија со најдобрите оценки.
Веста дека Гаштарска се вработи во Бољшој театарот на социјалните медиуми ја споделија и од компанијата „Гришко“, производител на светски познати балетанки, чиј бренд-амбасадор е младата скопска балерина.