Пишува: Ана Јовковска
Драга Синоличка, последно се видовме „во живо“ пред скоро седум години на промоцијата во Велес на мојата прва книга „Пулсот и времето“, кога Вие бевте една од промоторките на делото. Оттогаш не сме разговарале длабоко и интимно… Затоа, овој разговор решив да го направиме низ траекторијата на личното, а всушност преку извадоци од Вашите современи куси прозни форми, наместо низ класични прашања. Во ова интервју одиме интимно до коска! Ќе Ве цитирам за да Ве инспирирам да го продлабочиме напишаното во Вашата нова книга „Никогаш не кажувам“ (Арс Либрис, 2021) чија промоција беше минатиот месец. Всушност, ќе го распостелеме животот низ клучните точки и крстопати. Треба само да си веруваме една на друга…
AJ: „Никогаш не кажувам дека секогаш се вљубував до уши и дека најчесто мажите биле тие кои заминувале. Никогаш не кажувам дека во секоја врска сум влегувала како во храм, со тело и душа. Дека жената е похрабра и поиздржлива од мажот, но може да биде и покршлива и поагресивна од него“.
Со денешна дистанца, како гледате на машко-женските релации, особено кога на шаховската табла се вмешани љубовта и страста?
СТ: Машко-женските релации се менливи. Некогаш љубовта ја победува страста, некогаш обратно. Кога нема победници и губитници меѓу нив, е најубаво. Како човек старее, логично би било да зрее и да се менува. Љубовта и страста се држат за рака, или се „реми“ во твојот жаргон, а некои други вредности се одмеруваат на шаховската табла. На овие години имам време да го правам сето она што веќе нема врска со машко-женската релација, а сепак има врска со љубов и страст. Возбудата дека во секој миг можам да допрам до тема што ме интересира, да слушам разговори од умни луѓе на различни јазици, да читам книги на различни јазици, да гледам филмови, да истражувам нови сцени и ликови со студентите од Факултетот по драмски уметности, да чекорам со нив заедно по патот на мислата и емоцијата, што секогаш е нова авантура, да пишувам додека патувам и да патувам додека пишувам – е незаменлива! Човечкото ја надминува машко-женската релација.
На овие години имам време да го правам сето она што веќе нема врска со машко-женската релација, а сепак има врска со љубов и страст.
AJ: Велите: „Никогаш не кажувам дека највредните дела што сум ги создала се моите деца. Дека не сум била совршена мајка и сум правела грешки, за кои денес можам нормално да разговарам со моите возрасни деца. Дека најтешката улога е родителската. Дека сè додека не станав мајка не знаев ништо за животот. Дека во првиот брак влегов од вљубеност, а во вториот од љубов“.
Дали бракот е конзервативна институција којашто ги обременува односите меѓу партнерите или светилиште што треба да се чува? Што им велите на Вашите деца, денес, за тоа каков избор да направат во животот?
СТ: Ах, Ана… нема дефиниции за тие работи. Довербата е единствената нишка што сè уште нè одржува на земјава, па и во бракот, веројатно. Моето искуство е од една крајност – до друга. Не сум се штедела во давање себеси, но и во земање, кога можело да се зема. Мислам на нематеријалните работи. Сум го правела тоа што сум мислела и чувствувала дека е добро, но пред човек да знае што е добро за него, ќе мине низ многу лошо. Инаку, како би правеле разлики без тие амплитуди? Лошите и немили искуства се само искуства што нè облагородуваат. Да, има последици – страдање, непреспиени ноќи, месеци, години, ама каде пишува дека тоа е забрането? Мудроста не доаѓа од добрина, заштита и неискуство. Секој, па и моите деца, има право да греши, да страда, да плаче и да научи или да не научи. Човечкиот сој не е робот на програмирање. Важно е да си отворен за нови работи, луѓе, настани и да не се плашиш од лошотилак и пораз. А на моите деца… што и да им кажам, тие ќе го направат тоа што сакаат, исто како што сум правела и јас на нивна возраст (се смее). Останува да се тешам дека со сите мои родителски пропусти, сепак сум покажала повеќе – одошто кажала, за тоа како да се држи главата горе.
Останува да се тешам дека со сите мои родителски пропусти, сепак сум покажала повеќе – одошто кажала, за тоа како да се држи главата горе.
AJ: Вашата ќерка неколку години веќе живее сама во туѓина. Ќе речете: „Не ја учев да биде силна како ветер, ниту студена како мраз. Можела да види сè што може да се види од слабост. Понекогаш таа е мојот двојник, а веќе следниот миг – непознат човек. И зошто додека таа живее, јас се плашам?“
Со кои стравови најчесто се буткате на рака?
СТ: Со сите оние со кои секој од нас секојдневно се бутка. Сè ми минало низ главата. Ужасите што се дел од мојата имагинација, ќе ги поплават за миг сите овоземни стравови. Мојата моќ за фантазија е како смртоносно торпедо за реалноста. Не сум сама во сопствената судбина. Сите луѓе имаат судбини и се справуваат на свој начин со стравовите. Суеверието кај многумина од нас е доказ за тоа. Но има една многу важна работа во тоа мое нештедење на себеси – рационалното и внимателното користење на сопствените емоционални и интелектуални потенцијали само го потенцира стравот кај човекот и го прави видлив. Еднаш се живее! Зошто би се штеделе, освен за здравјето, кое сметам дека е важно на стари години. Тука не мислам на стресот како залудно потрошена енергија за работи што не се во наша моќ.
AJ: Во расказот или исповедта Сонот на изгубеното бебе пишувате: „Тој август пред 28 години го изгубив првото бебе на породување. А јас сè уште сонувам дека сум сирена и дека пливаме заедно под вода“.
Како ги зацелувате болките со кои животот Ве „дарувал“? Кој Ви е процесот на духовно смирување денес после сè што животот ви сервирал?
СТ: Тоа и син ми ме праша, еднаш, кога стана свесен за сопствените болки. Но да бидам искрена, сето тоа се рефлектира кај мене во односот со блиските луѓе. Веројатно сум била родена со некоја таква моќ за „самоисцелување“. Со тек на животот тоа го следев и во една друга форма кај роднините од страната на мојот сопруг. Жилавоста, пркосот и интегритетот што го гледав кај моите блиски од холандската страна (не само роднини, туку и пријатели), нивната решеност, истрајност и посветеност, понекогаш и на сметка на своите блиски, беше училиште за мене. Некако ми „легна“ таа студена, но директна и отворена култура на живеење, во комбинација со мојата вродена регенеративност. Човекот прима и учи многу од средината во која се движи и функционира. Мултикултурата вткаена во мојот карактер има егзистенцијално значење.
Јас си ги кажувам грешките и маките од моето мајчинство без ракавици во книгата. Ќе ми висат секогаш на „шајче закачени за срцето“. Но кажувам и дека имам зрел однос со моите деца денес.
AJ: „Кога се породив со син ми бев сама. Тој беше идеално бебе, како од книга излезено. Ништо не знаев за деца. Не бев подготвена да бидам мајка, ниту имаше интернет да се информирам“.
Зошто за мајчинството се зборува исклучиво во розови свилени ракавици? Ретко кој сака да ја признае тежината, а уште помалку се зборува за некои состојби кои им се случуваат на жените како што е на пример постпородилната депресија?
СТ: Јас, Ана, си ги кажувам грешките и маките од моето мајчинство без ракавици во книгата. Ќе ми висат секогаш на „шајче закачени за срцето“. Но јас кажувам и дека имам зрел однос со моите деца денес. Не биле тие виновни за моите емоционални тобогани и мојата непресметливост. Знам дека постои постпородилна депресија, но јас не знам како изгледа тоа. Веројано страшно, не само за мајката, туку и за сите околу неа. Секој би требало да може да каже низ што минува, да го сподели, да побара помош, но за жал кај нас, на Балканот, тешко се зборува за интимните теми. Никој не загазнува вистински во калта во која се прпелкаат луѓето. А и одењето на психијатар е сочна тема за муабетите во „комшилукот“. Но од друга страна се претерува и со акцентирање на виновници! Покажување со прст и осуда не може да реши ничија мизерија, ниту пак ќе смени вкоренета традиција. Потребно е време, но и солидно институционално проследување, почнувајќи од функционално здравство со стратешка превентива, полиција, судови итн. А особено солидно, добро обмислено, креативно и коренито реформирано образование, наспроти плукни-залепи иницијативи и импровизации со децении. Не можеме сите да си правиме „невладини“ зашто имаме проблеми што не може да ги реши државата!
Јас како родител сите табуа сум ги разрешувала кај моите деца уште од мали нозе, не сум чекала на НВО, ниту ВО за помош, дури и сум претерала во кршењето табуа, што исто носи проблеми (се смее). Родителите можат да им помогнат на децата кога општеството е неспособно и лицемерно. Нема таков што може подобро да го воспита детето од самиот родител. И да го упропасти, со најдобра намера, секако!
За жал, кај нас тешко се зборува за интимните теми. Никој не загазува вистински во калта во која се прпелкаат луѓето. А и одењето на психијатар е сочна тема за муабетите во „комшилукот“. Но од друга страна се претерува и со акцентирање на виновници!
AJ: Во расказот Кланица од зборови велите: „Ги одбирам зборовите како чевли во кои треба да се испешачи животот. Ги одбирам како цреши од пазар за моите деца. Ги цедам како капки сируп во лажиче за премалено бебе од температура. Ги везам како тетка ми што ги везеше гоблените. Би можела и јас мојот отров да го зберам меѓу слогови, исто онака како што прават ликовите од Шекспир, и притаено да го капнам врз виртуелниот разбој. Но, решавам да не го сторам тоа“.
На што конкретно мислите Синоличка? Дали на хиперпродукцијата на токсични критики на Фејсбук? Како да го превенираме или регулираме насилството забиено во ткаенината на новите медиуми односно социјални мрежи?
СТ: Да, Ана, на отровот од социјалните мрежи! Поточно на Твитер. Така и беше првично напишан расказот. Интернетот стана плодна почва за отров. Не требаше да биде така. Можеше да биде најубавото место каде сите ќе можевме да уживаме во нашите виртуелни светови. Но, сметам дека за да се биде добар, вистински и свесно добар, прво треба да се биде зол. Само луѓе што знаат како изгледа пеколот создаден од нив самите, а свесно решаваат да не го прават, се достојни граѓани на оваа земјина топка! Луѓе за пример. Или како што вели еден филозоф – тоа се луѓе што го поседуваат најостриот меч, но никогаш не го употребуваат.
Потребно е функционално здравство со стратешка превентива, полиција, судови… и особено солидно, креативно, коренито реформирано образование, наспроти плукни-залепи иницијативи и импровизации со децении.
AJ: Ме трогна Вашата искреност во Диви синолички: „Карминот, велеше мајка ми, е за на Поклади. Никогаш не го ставав, освен во улогите на филм или в театар. Никаков реквизит за Поклади не можеше да се најде во мојата женска чантичка. Просто, оти никогаш не носев чантичка. Оти не бев женско. Не бев ниту машко. Бев дете што не го збираше во ниедна чанта! Детето одамна си замина од мене. Ова страшило што сум сега е, всушност, чувар на долината од диви синолички, скриена во мене“.
Како го доживувате процесот на стареење? Кој е вашиот став кон култот на младоста?
СТ: Стареењето е биологија, како и сите останати физиолошки функции кај човекот. Да изгледа вечно млад – е предизвик за човекот. Но од каде доаѓа таа потреба да се младее? – Од неприфаќање на еден најобичен биолошки процес од кој нема бегање. Тоа што јас правам е физичка активност. Имам проблем со секојдневни болки во коските, долги години бев на имуносупресија и сега морам да си ја одржувам подвижноста за да немам болки. Виталноста е важна, а таа доаѓа од умот и од физичката активност. Шетање крај Вардар, утрински вежби, одржување ред во дневните активности, читање, пишување, готвење, мислење.. и негубење време за тоа што другите ќе кажат за тебе, за твојот изглед, за твоите брчки, „килажа“ или износена јакна. Тоа уште само овде, на овие простори, е вообичаено – да се бавиме со сè и секого, но никако со себеси.
AJ: Со искреноста одите уште подлабоко во Крвопијка: „Два лика носам во мене. Едниот на ангел, другиот на крвопијка. Цел живот ги балансирам овие две спротивставени чуда во мене. Вистината за која се бори крвникот и сака да ја плесне пред луѓето како откинато парче месо и здраворазумноста што се стреми да го соџвака парчето искреност, цивилизирано, пред да го понуди на лажиче. Никој не ја забележува мојата вистинска природа, освен оние најблиските, чувари на оваа тајна, искасани и раскрвавено од мене со многу љубов и посветеност. Оние што и кога сакале и кога можеле не ми забиле колец во срцето“.
Кои се тие Синоличка? И каква е најчесто крвопијката со нив?
СТ: Моите најблиски, Ана. Оние што најмногу ги сакам и ме нервираат. Оние што ги нервирам бескрајно, па немаат време да ме сакаат (се смее). Јас сум комплетно слободна и своја со своите. Тешко ним. И за тоа зборувам во книгата. Секој на свој начин се справува со траумите. Балансот во семејството што го држел мојот сопруг ни помогнал на сите. Никогаш не било лесно. Моите емоционални амплитуди умеел да ги амортизира, но и да ги катапултира. Ние не сме обично семејство. Има многу драма и многу студенило. Но сите знаеме да ги начекаме, препознаеме и прегрнеме миговите на топлина, мир и спокој. И да уживаме во нив со сета страст, држејќи ја цврсто миговната хармонија, за да трае вечно. Никогаш не е досадно. Верувам дека сега кога сите тројца ми се расеани низ светот ќе научат да уживаат кога им е досадно, и кога нема кој да ги вади од чевли. Не знам кај кого попрво да одам…
Секој на свој начин се справува со траумите. Балансот во семејството што го држел мојот сопруг ни помогнал на сите. Никогаш не било лесно. Моите емоционални амплитуди умеел да ги амортизира, но и да ги катапултира. Ние не сме обично семејство. Има многу драма и многу студенило. Но сите знаеме да ги начекаме, препознаеме и прегрнеме миговите на топлина, мир и спокој.
AJ: Целата книга ја доживеав многу интимно. Додека читав ми капнуваше и понекоја солза. Емоционалниот вртлог ми кулминираше со Збогување со детето: „Слушалката обесена на гајтанот се нишаше пред нас како нишало од часовник на ѕидот, одбројувајќи го од тој миг новото време за нас. Одеднаш ме жегна нешто остро во стомакот и почувствував како детето во мене излета, се изјази по гајатнот од телефонот… Го снема засекогаш, заедно со кобната вест, што никогаш не ја чув со свои уши. Изминаа 32 години оттогаш и јас сè уште немам опиплив доказ дека мајка ми навистина ја нема. Го нема ни сомнителниот доказ за тоа – црниот телефон“.
Синоличка, никогаш не сум Ви кажала дека гробот на Вашата мајка е веднаш до гробот на мојата баба. Последниве 17 години откако баба ми почина, редовно одиме на гробишта и ниту еднаш мајка ми не испуштила да ја спомене вашата мајка Цветанка со која се дружеле во младоста… За болката и за тагата нема време..
СТ: Сама кажа, Ана, немаме време за болка и тага… Јас понекогаш додека пишувам плачам. Некогаш толку многу се внесувам во сопствените мисли што престанувам да се контролирам. Патетична сум во глумата и во пишувањето. Сè мора да се изоди и изгмечи безмилосно и до краj, кога креирам нешто. Немам усул ни во тоа. Се навраќам, па едитирам, но некогаш ги оставам така откинати парчињата месо од мене на хартија. Кога ѝ ги дадов расказите на Оливера Ќорвезироска не можев да спијам, иако чувствував олеснување. Но од друга страна знаев дека Оливера не лаже, не прави лице, дека ќе ми каже точно што мисли. И тоа ме успокојуваше. Сакам луѓе со кои не морам да се преправам и кои се директни со мене и искрени. Оваа книга е за оние што не се плашат од интимни дружби. Јас ја отворив вратата, кој сака нека влезе…
Кога ѝ ги дадов расказите на Оливера Ќорвезироска не можев да спијам, иако чувствував олеснување. Но од друга страна знаев дека Оливера не лаже, не прави лице, дека ќе ми каже точно што мисли. И тоа ме успокојуваше.
AJ: „Растев опкружена со мажи кои живееа на граница на традиционалното и модерното. Едната баба возеше велосипед, носеше деколтеа и беше безбожна, другата беше разведена, премажена и религиозна. Јас растев на граница на традиционалното и модерното. Сè уште балансирам на таа линија и се чувствувам комотно. Семејствата во коишто растеме се наши први и највпечатливи сознанија за светот. Тие се невидливи линии на кои ќе балансираат нашите идни животи и животните на нашите поколенија“.
Како би го опишале Вашето семејство денес?
СТ: Не сум ништо без моето семејство! Исповрзана сум со невидливи жици со нив. Светот ни е дом. Распрскани сме заради базични егзистенцијални причини. Би можела да кукам и да барам решение за да не биде така, би можела да се спакувам и да заминам, сега веднаш, па, барем пола семејство да спојам… Храброста и одговорноста на мојот сопруг е главната нишка на семејството. Тој секогаш има решенија за сè. Никогаш не се жали, никогаш не оговара и работи без да се штеди. Децата носат доста карактеристики од него, ќерка ми особено. Тешко ми е без него и без децата сега, но научив да ја прифаќам реалноста после сите животни искушенија. Ако сето ова потрае, веројатно ќе морам и јас да донесам некоја одлука. Нема да ми биде прв пат. Со Македонија сум секогаш во разминување.
AJ: Родител – Сенка е уште една моќна цртичка што црта сцена од Вашиот живот, во која верувам ќе се препознаат многумина. Ве цитирам: „Тоа попладне удрив силно со ногата во вратата и ја скршив. Ваквото импулсивно однесување од моја страна прдизвика гадење кај моето семејство и промена во нашите односи. Никогаш не отидов на психијатар за да ја дијагностицирам сопствената промена на расположенијата. Со автоимуната болест непредвидливоста во мојот катрактер стана уште побизарна. Непредвидливиот родител ги бележи животите на децата. Засекогаш ќе го носат со себе, како сенка“.
Кои трауми од детството најтешко се бришат?
СТ: Мојата најголема траума е запознавањето со децата и смртта во болницата во Париз. Отпосле е човек свесен за сликите и доживувањето во детските години. Иако е многу зборувано за тоа во моето семејство, сепак некои слики се неизбришливи. Не е во прашање само мојата перцепција на дете кон смртта, туку и на моето семејство кон смртта надвисната на нивното дете. Сè измешано… Сепак, јас сум дете растено во љубов. Mајка ми најмногу и најдлабко е вткаена во моето ткиво, преку вредностите на кои ме учела…
Мојата најголема траума е запознавањето со децата и смртта во болницата во Париз. Отпосле е човек свесен за сликите и доживувањето во детските години.
AJ: Сега нешто и од Тајната на среќата: „Знам да ги контролирам емоциите и да се грижам одлично за впечатокот што го оставам. Имам завршени школи за тоа, за солзите да бидат на славина – кога сакаш да ја отвориш, кога сакаш да ја затвориш. Малите деца плачат така. Тие не се срамат да плачат, оти за нив плачењето е природна појава и зашто уште не дознале дека постојат несоодветни места и несоодветни времиња за плачење. Моите солзи доаѓаат апансас, како гром од ведро небо“.
За што последно плачевте Синоличка?
СТ: Имам тешкотија со недолжно страдање на луѓето. Не знам како да се справам со тоа. Не сакам болни деца, млади луѓе, родители. Не сакам кога некој страда од работа што е решлива, живееме во 21 век. Ужасно е што почнувам и јас да се фаќам како навикнувам на тоа секојдневие… а понекогаш мислата ми се залепува за некого и не можам да ја оттргнам, ме сомелува и ме крши… а не можам ништо да направам.
AJ: Нешто и за активизмот како порив, како болка во стомакот би рекла… Ова е кус извадок од Пречувствителност: „Тие се исклучиво мои ставови, зад кои не стои никој друг и за кои не се барам никаква хорска солидарност. Ослободена сум од полициската должност да бдеам за нечии права. И не се чувствувам виновна што ме допира колективното повеќе од потребно. Модерно тоа се вика – активизам. За мене, пак, тоа не е ништо повеќе од пречувствителност. Обична биологија измешана со воспитување“.
Кои работи не Ве оставаат рамнодушна? И за кои каузи најсилно се борите?
СТ: Немам одредена кауза. Не бирам. Едноставно реагирам на сè што ме допира и боли. Мислам дека е тоа суштината на нашите животи.
Реагирам на сè што ме допира и боли. Мислам дека е тоа суштината на нашите животи.
AJ: Повторно нешто многу интимно… Во Тромб велите: „Не ми е непријатно кога се гледам во огледало. По капење застанувам пред сопствениот одраз за да ги растегнам границите од вчерашниот впечаток за моето тело. Косата ми е разретчена. Не гледам на едното око. Во очите на моите соговорници ја гледам нивната скриена мисла за мене. Градите ми висат како две кеси со песок заглавени на некој насип. Само младоста во мене е совршена. Неа ја нема во огледалото. Скриена е во мене, како заглавен тромб во некој небитен крвен сад што никогаш нема да пукне и да му наштети на моето здравје“.
Откако Ве знам духот ви е слободен и млад… Како го негувате детето во себе?
СТ: Многу едноставно – сè повеќе сум тоа што сум, а сè помалку тоа што сакаат другите да бидам! Сè повеќе говорам тоа што мислам, а одмолчувам кога немам соговорник или слушател. Кога човек се изразува слободно, без памфлети и без должност да биде нешто што е општо прифатливо и наградувано или платено, тогаш е свој. Тогаш е детето кое не мисли што ќе каже, од страв да не не му се допадне некому. Грубоста во ставовите и папагалството во реториката е прв знак на збогување со детето и младоста. Ме загрижуваат младите луѓе, денес, кои лесно прифаќаат готови и проверени модели на делување. Неможејќи да бидат свои во овој дигитален хаос, се стопуваат во некоја од модерните племенски култури и го напуштаат детето во нив, уште во младоста. Ја разбирам нивната осаменост и стравот од отфрлање, но образованието тука би можело да интервенира. Сознанијата стекнати преку лична надградба, без хорски поддршки и аплаузи, се највредното нешто во животот на човекот. Тоа носи напредок, сила, ум, интегритет. Да, долг и тежок е тој пат, цената е голема, но животот кога е „безбеден“ и под закрила се крши како чаша од бетон, а со него и детето во тебе.
AJ: Во Љубов во пандемија напишавте: „За него јас сум потенцијален кластер, без оглед на мојот родов идентитет“. Не сум сигурна дека разбрав што сакавте да кажете, ама на крајот од овој разговор ќе си ја дадам слободата да Ве прашам за она што сите нè оптеретува последниве скоро две години – промената на нашите животи заради коронавирусот со сите негови мутации. Што Ви се смени во оваа пандемија?
СТ: Сите слободи отидоа јабана со короната. Вирусот нема род, ниту бира кого ќе насели. Сите сме под надзор. Сите се пелцуваме и носиме маски. Не може човек веќе да види насмевка. Станува бесмислена секоја борба за еднаквост во оваа маскирана шарада. Ништо не е поважно од маската, дистанцата, дизинфициенсите и антителата. Ние сме баркодови во сопственост на дигиталниот „монарх“. Нашите поделби се многу страшни. Ако не се „бустираш“ си антиваксер. Ако се бустираш си дел од научната „елита“ или дел од власта. Не верувам во пропагирана слобода. Каде престанува одговорноста и каде почнува слободата? Додека ние романтично се изразуваме за нашата слобода во време на пандемија, и испраќаме хумани пораки за грижа на болните и изнемоштени лица, некој копа биткоини, продава тестови за ковид, нелегално превезува патници, тргува за фотелја, наплатува дебело за умирачка! И тука ќе завршам. Исто како во мојата цртичка, Најубавиот монолог, што се престорува во „поглед што го демне секој твој чекор.“
Фотографија: Маја Аргакијева и приватна архива