Како се стигнува до среќата? Каква форма има таа? Кои се луѓето што се еквивалент на среќа? Сандра, Сеад и Симона, за Хибрид ја споделуваат нивната дефиниција за среќа.
Сандра Чулаковска, магистер по фармација
Среќа e да се будиш наутро со насмевка за она што го имаш во себе и покрај себе. Да го пронајдеш мирот кога ќе сфатиш дека материјалните работи се минливи и духовното исполнување е трајното и вистинското. Материјалното го имаш, па го немаш, она вистинско наследство што во иднина ќе можеш да им го оставиш на твоите поколенија се мудроста и искуството. Среќа е моментот кога ќе изнудиш насмевка на лицата на твоите најмили, мајка, татко, сестра, брат, баба, дедо, љубовта на твојот живот, твојата директорка, колегите, пријателите, случајни минувачи… Среќа е полн дом луѓе, весели, радосни… многу храна, музика и спокој во душата. Полна библиотека книги, долги разговори со паметни лица, мотивација, иновација, напредок, истражување и елан. СРЕЌА Е ЧУВСТВОТО ДЕКА ИМАШ МОЌ ДА ГО ПРОМЕНИШ СВЕТОТ. Да се стремиш да ја постигнеш твојата цел и да го направиш овој мал универзум, поубаво место за живеење.
Сеад Ризвановиќ, новинар
Среќа е кога имаш некого кој те сака и некој да сака. Кога се радуваш и ги забележуваш секојдневните животни моменти. Сонцето после дожд, насмевките на луѓето околу тебе, секојдневното кафе со семејството и пријателите. Среќа на крајот е сепак да успееш во животот приватните и работните обврски да ги усогласиш со своите желби и замислениот идеал кој го имаш за својот живот.
Симона Самарџиева, менаџер на човечки ресурси
Среќа е кога се будиш во прегратката на саканата личност. Среќа е сончев ден поминат со пријателите. Среќа е мирно море и сончање на плажа. Среќа е кога и на дождлив ден ќе најдеш нешто што може да те расположи. Среќа е Париз. Среќа е долго очекуваниот бакнеж со симпатијата. Среќа е кога ќе си купиш нови книги. Среќа е кога го работиш тоа што го сакаш и уживаш во тоа. Среќа е кога сме сите насмеани и задоволни.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.