Пишува: Ана Јовковска
AJ: Родовата асиметрија во разни полиња во општеството резултитра со дискриминација и насилство врз девојчињата и жените. Кое е мотото на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“ оваа година?
РГ: Глобалната тема е: „Обои го светот портокалово: Крај на насилството врз жените сега!“. Справувањето со родовата нееднаквост е суштински дел од мисијата на владата на Обединетото Кралство и наша задача за добар пример во светот. Несомнено дадовме приоритет на родовата еднаквост и инклузивноста како централни прашања во одговорот со справувањето со кризата предизвикана од КОВИД-19. Оваа работа е водена од три начела: „Едукација на девојките, зајакнување на жените и ставање крај на насилството врз жените и девојчињата“. Тоа ја вклучува нашата работа да го исполниме правото на секое девојче да има дванесет години квалитетно образование, да ги зајакнеме жените социјално, економски и политички и да ставиме крај на насилството.
Обединетото Кралство ќе продолжи да се залага за родова еднаквост бидејќи само на тој начин ќе создадеме поправеден, побезбеден и попросперитетен свет каде што се почитуваат човековите права и се исполнуваат целите за одржлив развој.
AJ: Родовата еднаквост е основна цел и на шведската надворешна политика, што се одразува во фактот што Шведска беше првата земја во светот што воведе феминистичка надворешна политика во 2014 година. Кои се основните принципи на феминистичката надворешна политика?
КФБ: Обезбедувањето жените и девојките да ги уживаат основните човекови права е обврска во рамки на нашите меѓународни заложби и предуслов за постигнување на пошироките надворешнополитички цели на Шведска – мир, безбедност и одржлив развој. Со усвојувањето на феминистичката надворешна политика, го ставивме промовирањето на родовата еднаквост и правата на жените во центарот на нашата дипломатска агенда. Во сржта се трите Р: права (rights), застапеност (representation) и ресурси (resources).
Права, што значи целосно уживање на човековите права на жените и девојчињата преку борба против насилството и дискриминацијата кои ја ограничуваат нивната слобода на дејствување, вклучително и со спротивставување на родовото насилство; застапеност, што значи поддршка за учеството на жените на сите нивоа на одлучување, од парламентот преку одборите на приватниот сектор па сè до правниот систем и ресурси, што значи обезбедување правична распределба меѓу луѓето од сите родови, без разлика дали се работи за владини буџети или развојни проекти.
Важно е да се додаде и улогата на мажите во зајакнувањето на жените и промовирањето на родовата еднаквост и еднаквите права.
АЈ: Државниот секретар за надворешна политика на Обединетото Кралство објави дека жените и девојчињата ќе бидат во центарот на приоритетите на надворешната политика. Би можеле ли да ни кажете за глобалниот самит за превенција на сексуално насилство во услови на конфликт што Обединетото Кралство планира да го организира следната година?
РГ: Шефицата на британската дипломатија Лиз Трас на 16 ноември започна голема глобална кампања за запирање на сексуалното насилство врз жените и девојчињата низ светот. Во 2022 година, Обединетото Кралство планира да биде домаќин на меѓународна конференција по повод десет години од лансирањето на Иницијативата за спречување на сексуално насилство во услови на конфликт. Владата на Обединетото Кралство се обидува да работи со други земји за да ги истражи опциите за зајакнување на меѓународниот консензус за справување со сексуално насилство во услови на конфликт. Една од опциите е нов меѓународен договор, како што е Конвенцијата за сексуално насилство во услови на конфликт, што беше еден од предлозите на Советот за родова еднаквост.
Да го исполниме правото на секое девојче да има дванаесет години квалитетно образование, да ги зајакнеме жените социјално, економски и политички и да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата.
АЈ: Феминистичката надворешна политика на Шведска понекогаш наидува на отпор кој се манифестира на различни начини, вклучително и преку исмевање. Како успеавте, и покрај ова, да ја претворите во толку успешна политика што меѓународната заедница очекува Шведска да биде предводник кога станува збор за постојано одржување на родовата еднаквост на агендата во секоја дискусија, секое преговарање и на секој состанок?
КФБ: Краткиот одговор е: упорност и трпение! Нашата поранешна министерка за надворешни работи Маргот Валстром има кажано: „Настојувањето на решавање на прашања со кои не сите се согласуваат бара и храброст и трпение“. Станува збор за постојана работа на многу фронтови. Се работи за вклучување на феминистичката надворешна политика и објаснување одново и одново што таа навистина значи. Станува збор за спротивставување на сомнежите и критиките со јасни аргументи засновани на статистика, факти и конкретни примери. Тоа, исто така, подразбира и да се наоѓаат истомисленици, да се создаваат сојузи и да се туркаат работите напред заедно во интеракција со нив.
Клучно е и создавањето на поддршката на платформи кои ќе им овозможуваат на што повеќе чинители да бидат видливи и да можат да придонесат. Исто така, важно е да се додаде улогата на мажите во зајакнувањето на жените и промовирањето на родовата еднаквост и еднаквите права.
АЈ: Светската криза предизвикана од вирусот Ковид-19 драстично ги промени животните услови. Пандемијата дополнитло го отежни справувањето со родово-базираното насилство.
РГ: Да, Ана, насилството врз жените и семејното насилство е паралелна пандемија со КОВИД-19 со значително зголемување на случаите. За време на карантинот жртвите беа затворени во своите домови со сторителите на насилство. Недостатокот на услуги како што се кризните центри за жртви на насилство и недостатокот на опрема и човечки ресурси во полициските станици беа некои од факторите за зголемениот број на случаи на фемициди за време на пандемијата. Иако земјата го усвои Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство на почетокот на јануари 2021 година, кривичните дела сè уште се делумно дефинирани во Кривичниот законик. Оттогаш се направени измени во Кривичниот законик и прифатени се од Владата. Моментално се во завршна фаза, собраниска расправа, и треба што поскоро да се дејствува.
Добродојдени би биле родово сензитивни обуки за судии и јавни обвинители, полицајци и здравствени работници за спроведување на Истанбулската конвенција. Институциите треба да работат заеднички со политичките играчи и граѓанските организации и да ги координираат процесите утврдени во Истанбулската конвенција во врска со спречувањето на родово-базираното насилство. Образованието е исто така фундаментално!
Пандемијата „Ковид19“ предизвика многу оптоварување дома, во многу случаи товарот беше најтежок за жените.
АЈ: Глобалната здравствена и економска криза од коронавирусот силно се крши врз грбот на жените. Работата преку Интернет, од дома, ги става жените во позиција да жонглираат со професионалните и приватните семејни обврски во исто време. Како модерните жени можат да останат неизгорени во оваа пандемија?
КФБ: Пандемијата „Ковид19“ предизвика многу оптоварување дома, во многу случаи товарот беше најтежок за жените. Покрај нормалната работа, многу родители мораа да жонглираат помеѓу различните улоги дури и дома: дејствувајќи како еден вид наставници за испомош, ИТ техничари кои помагаат во учењето преку Интернет, како медицински сестри кои прават брзо ковид-тестирање дома, како предводници на воншколски активности, и како готвачи и работници во ресторани кои ги хранат децата секој втор час. Се разбира, ова е оптоварувачка ситуација во која заедничката одговорност е клучна.
Би претпоставила дека семејствата кои имале добра поделба на трудот најдобро се справуваат со ситуацијата. Да се биде успешен во родовата еднаквост често подразбира голема вклученост на мажите и во практичните работи.
Имам искусено големи предизвици како жена, без разлика дали е тоа работата во средини во кои доминираат мажи, како што е војската во Авганистан или балансирање на преговарачката работа во Брисел додека бев со две деца под три години.
АЈ: Дали како жена и мајка сте се соочиле со челичниот притисок за баланс меѓу кариерата и семејството? И што значи да се биде жена дипломат?
РГ: Секако дека имам искусено предизвици како жена без разлика дали е тоа работата во средини во кои доминираат мажи, како што е војската во Авганистан или балансирање на преговарачката работа во Брисел додека бев со две деца под три години. Но, исто така имав и многу среќа. Имам партнер кој ја дели одговорноста за грижата кон децата. Работам за организација која дозволува флексибилност и промовира родова еднаквост и имам доволно пари за да можам да платам поддршка кога е тоа потребно. Тоа не значи дека понекогаш не е заморно и напорно. Како жена дипломат имам среќа што имам одлични колешки и примери од дипломатската заедница овде во Скопје и во мојата амбасада. Мојот најголем женски дипломатски момент е кога при читање приказна на ќерка ми пред спиење, таа ми рече: „Мамо, Жена-чудо е амбасадор! Исто како тебе!“ (се смее).
Една од најважните работи е и двајцата партнери, односно и двајцата родители, активно да бидат вклучени во семејниот живот. За мене клучна работа беше мојот маж да преземе огромна одговорност дома, и со децата и со домашните работи. Тој е фантастичен пример за нашите деца.
АЈ: Дали живееме во ера на женска доминација, но во машки свет? Во време кога химните на Бијонсе блескаат, како и атлетските удари на Серена Вилијамс, додека во другите делови на светот илјадници женски гласови се замолчуваат преку традицијата и патријархатот. Од една страна се пораките кои треба да ги поттикнат девојките и жените да бидат храбри да го живеат сонот на својот живот; од друга страна се родовите бариери во општество каде што е ужасно тешко да се биде успешна жена и успешна мајка. Дали сте ги доживеале на своја кожа?
КФБ: Што се однесува до рамнотежата меѓу кариерата и семејството, би рекла дека една од најважните работи е и двајцата партнери, односно и двајцата родители, активно да бидат вклучени во семејниот живот. За мене клучна работа беше мажот да преземе огромна одговорност дома, и со децата и со домашните работи. Навистина имало периоди кои биле прилично тешки за двајцата бидејќи и обајцата сме родители кои работат со полно работно време (а понекогаш дури и повеќе од полно работно време) со интензивен распоред и долги денови со само неколку часа сон.
Во еден момент, кога имав прилично напорна работа, а во тоа време децата беа мали и им требаше поголема поддршка, мојот сопруг инсистираше да имаме 50/50 поделба на работата дома (во тој момент тој се грижеше за лавовскиот дел). И ако сакав или требаше да работам повеќе, за него беше во ред да го сторам тоа, но откако ќе ги завршевме нашите заеднички обврски. Така, дури откога ќе ги завршевме сите активности со децата и ќе ги завршивме сите домашни работи, често околу 22-23 часот, дури тогаш можев да одберам да продолжам да работам или да одам да спијам. Имаше многу вечери кога тој ќе си легнеше да спие, а јас требаше да продолжам да работам…
На попозитивна нота – со тоа што мојот сопруг презема толку многу одговорност дома, јас можев да видам како развива многу убав однос со нашите деца. Тој воедно е и фантастичен пример за нив.
Мојот најголем женски дипломатски момент е кога при читање приказна на ќерка ми пред спиење, таа ми рече: „Мамо, Жена-чудо е амбасадор! Исто како тебе!“ (се смее).
АЈ: Каква поддршка може да очекуваме од Обединетото Кралство и што уште е потребно да се направи за поддршка на жените и девојчињата – жртви на родово базираното насилство во Северна Македонија?
РГ: Британската амбасада во Скопје работи со УНФПА за воспоставување систем за превенција и заштита од родово базирано насилство во согласност со новиот закон и Истанбулската конвенција. Нашиот проект вклучува поддршка на Владата за спроведување на законот и е структуриран околу три столба: координација, одговор и превенција.
Проектот ќе ја поддржи имплементацијата на новата законска регулатива преку дизајнирање регулативи за имплементација, работа на зголемување на капацитетот на сите сервисни даватели на услуги, вклучително и граѓанските организации, и конечно, проектот ќе ги оспори штетните норми во општеството преку кампања и работа со сторителите. Ќе се имплементира во следните две и пол години. Нашата работа во оваа област ќе продолжи и понатаму ќе останеме посветени на ставањето крај на насилството врз жените и родово-базираното насилство во Северна Македонија.
АЈ: Како Шведска работи на промовирање на родовата еднаквост и борба против родовото насилство во Северна Македонија?
КФБ: Преку нашата меѓународна развојна соработка за земјата, ние поддржуваме неколку проекти и програми кои третираат вклучување на родовите аспекти. На пример, ние работиме со UN Women на зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа во областа на родово одговорно буџетирање за да се осигураме дека и плановите и буџетите на општините одговараат на потребите и на жените и на мажите. Преку WeEffect даваме поддршка на жените фармери и на ранливите групи во општеството, како што се Ромите и лицата со попреченост; преку KvinnaTillKvinna и нивните партнерски организации работиме на борба против родовото насилство со многу локални граѓански организации преку обезбедување финансиска поддршка и поддршка за развој на капацитетите на организациите за правата на жените.
Помошта дадена за различни локални граѓански организации има за цел, директно или преку шема за регрантирање, да поддржи ефективна правна рамка и системи на поддршка во заштитата на жените и девојките од сите форми на родово базирано насилство, подобрување на пристапот до правда за жените кои претрпеле семејно насилство, подобрување на социо-економскиот статус на жените преку подобрување на нивната вработливост и на можности за вработување, како и зајакнување на жените и девојките и подобрување на можностите за учество на жените во локалните политики и процесите на донесување одлуки. Преку Националниот демократски институт – НДИ велиме „НЕ!“ на насилството врз жените во политиката. Неодамна, пред локалните избори имаше сеопфатна кампања за подигање на свеста која можеби сте ја виделе, токму на тема насилство врз жените во политиката, што веруваме дека беше единствената активност насочена против физичкото и вербалното насилство врз жените-политичарки оваа година.
Со WikiGap ги повикуваме волонтерите да ни помогнат да го надминеме родовиот јаз на Википедија преку создавање и уредување содржини на локалните јазици за значајни жени од целиот свет. Оваа активност е иницирана од шведското Министерство за надворешни работи и имплементирана низ целиот свет со цел да се работи на второто R: застапеноста (representation). Со гордост можам да кажам дека во ноември го имавме нашето четврто издание на ВикиГап во Северна Македонија. Исто така, заедно со мисијата на ОБСЕ во Скопје и француската амбасада, бевме домаќини на настан „Борба против трговијата со луѓе: превенција, заштита, гонење и партнерство“ иницијатива усогласена со шведските приоритети за шведското претседавање со ОБСЕ во 2021 година. Жените и децата се несразмерно повеќе погодени како жртви на ова ужасно злосторство кое им ја одзема и слободата и нивното достоинство. Мило ми е што и Северна Македонија ќе ја продолжи работата на родовата димензија во рамки на нејзиното претседавање со ОБСЕ во 2023 година.
Исто така, гордa сум што можам да споделам дека штотуку ја имавме иницијативата #GirlsTakeOver во рамки на која отворив слободно работно место за една млада жена да оди во моите чевли на еден ден со тоа што ќе биде „Шведска амбасадорка на еден ден“. Преку оваа активност сакаме да ги инспирираме и да ги зајакнеме младите девојки, да им покажеме дека жените можат да заземаат високи менаџерски улоги и дека треба да се осмелуваат да сонуваат и да се осмелуваат непречено да ги остварат своите соништа.
Во 2022 година планираме да спроведеме активностите наречени Текла – Дијалози и Работилница со кои сакаме да ја тематизираме недоволната застапеност на жените во технологијата и начините за зајакнување на девојките и жените преку зајакнување на нивните улоги и можности. Планираме да го направиме тоа и со дискусија со релевантните засегнати страни за тоа кои се предизвиците, пречките и можностите за повеќе девојки да преземат улоги во СТЕМ областите.
Мило ми е што можам да кажам дека со поддршката ќе продолжиме и во наредниот период. Имено, Шведска неодамна усвои нова Стратегија за реформска соработка за Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, за периодот 2021-2027 година, каде што родовата перспектива продолжува да биде една од клучните области на фокус и хоризонтален приоритет, т.е. родовата димензија треба да биде вклучена во проектите со цел тие да бидат поддржани во рамките на шведската развојна соработка.
Баба ми, бидејќи многу млада ги изгубила своите родители, цел живот работеше за на своите ќерки да им обезбеди стабилно и солидно воспитување. Некои од моите најрани спомени од детството се како ја гледам баба ми додека готви, работи, плете, вика на политичарите кои зборуваат на радио и сè уште се грижи за нејзините внуци.
АЈ: Кои жени Ви беа инспирација низ животот? Кои рол-модели Ве инспирираа да се изградите во жената која сте денес, под најширока капа – борец за правда и човекови права?
РГ: Жените кои ме инспирирале и се уште ме инспирираат отсекогаш биле моите блиски. Баба ми, бидејќи многу млада ги изгубила своите родители, цел живот работеше за на своите ќерки да им обезбеди стабилно и солидно воспитување. Потоа, додека тие работеа, таа ги поддржуваше во воспитувањето на нивните семејства. Некои од моите најрани спомени од детството се како ја гледам баба ми додека готви, работи, плете, вика на политичарите кои зборуваат на радио и сè уште се грижи за нејзините внуци. Таа ме нарече Госпоѓа амбасадорка од мојот прв ден како дипломат (се смее). Посакувам да ме видеше дека станав амбасадорка. Многу ми недостасува.
Родена сум и израсната на фарма во мало село. Се трудам да бидам што е можно поприродна и искрена. Природата, со својата едноставност и убавина ме плени, ми дава сила и енергија, и тука си ги полнам батериите.
АЈ: „Личноста која најдобро ја познавам сум јас јас“. – Фрида Кало. Најтешко е човек да зборува во прво лице за себе. Сепак, без свилени ракавици, како би го опишале вашиот сензибилитет? Како би се опишале себеси на оние кои не ве познаваат и ве гледаат надвор од дипломатските рамки?
КФБ: Се сметам за многу едноставна личност, родена сум и израсната на фарма во мало село, доста приземна. Се трудам да бидам што е можно поприродна и искрена, земајќи го како појдовна точка тоа од каде и од што доаѓам. Со тоа се поврзувам и се гордеам и лично, но и во мојата работа. Се обидувам да ги охрабрам младите да го прават токму тоа – да не се обидуваат да бидат налик на некој друг или да се преправаат дека се некој друг (бледа копија значи помалку интересен лик), туку да влечат сила од тоа кои се и од каде доаѓаат.
Природата, со својата едноставност и убавина ме плени, ми дава сила и енергија, и тука си ги полнам батериите. Најверојатно земјата е мојот елемент (се смее).
Фотографии:
Слободан Петровски
Томислав Георгиев
Миа
Приватна архива