На полиците во книжарниците пристигна уште една сликовница од едицијата „Читаме заедно“ на Издавачки центар ТРИ, со необичен наслов: „Желбата на ежот“. Има едно нешто во кое сите ние сме еднакви: во желбата да бидеме сакани. Секој има потреба да живее во заедница, со љубов и разбирање.
Напишана од холандскиот автор и раскажувач Тон Телеген, а преведена од Ели Пујовска, ова е чудесна приказна за пријателството и за прифаќањето на разликите. Таа ќе ве разнежи со трогателната приказна за тажниот еж кој ни дава убава лекција за соживот проникнат со меѓусебно разбирање. Токму како што ни кажува проектот од кој книгава е дел – „Читаме заедно“, зашто сите сме едно!
Преку овој вид литература децата на најподатлив начин за нив ги учат вистинските морални вредности на животот. Ова е уште една сликовница во низата квалитетни книги за деца со кои Издавачки центар ТРИ се стреми да ги подготвува идните читатели и, пред сè, личности за животот. Со тоа, книгата на Тон Телеген на најубав можен начин ја остварува идејата на проектот поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.