Пишува: Дефектолог – Татјана Багеска
Често пати родителите се загрижени ако говорот кај нивните деца не е развиен во потполност или ако детето сеуште не ги прозборело првите зборови, а веќе е време за нив. Стручните работници велат дека загрижувачки е дури тогаш ако детето не ги кажува првите зборови до својата трета година. Говорот е средство за комуникација помеѓу луѓето. Тој е еден облик на јазик во кој се употребуваат артикулирани звуци и зборови за да се споделат мислите и чувствата. За нормален говорен развој потребно е низа органски, психички и социјални причинители. Органските предуслови за развој на говорот се: формиран говорен апарат, добар слух, морфолошко и функционално созревање на мозочната кора. Како најважни психички фактори, кои директно се поврзани со развој на говорот , истражувачите ги наведуваат: развојот на внимание, претстава, учење, мислење и способности кои се во взаемна врска со говорот и емоционалната стабилност. Како најважни социјални чинители се: социјалниот говорен причинител кој е близок на детето и стимулира имитација, говорна културна средина, севкупната активност на детето и неговите доживувања.
Развојни фази на говорот
- Прелингвистичка фаза е развојно првата фаза во говорниот развој, која покрај раното внимание разбирање на говор, го вклучува и плачењето, вокализација, брборењето и случајното имитирање на гласови без разбирање на нивното значење.
- Лингвистичка фаза е фаза кога се јавуваат првите зборови, и како расте детето така доаѓа и до растење и зголемување на неговиот речник, за да на крајот достигне до развој на реченици. Во литературата се сретнува дека постојат два скока во развој на речникот, првиот се јавува на возраст од 16-20 месеци, а другиот на возраст од 24-36 месеци. Повеќе од 55% од детскиот говор го сочинуваат именки, заменки и глаголи.
- Фонолошкиот развој во раните години постепено се развива. Детето развива особини на говор (акцент, интонација, ритам,…) се додека не стане способно да разбира само и да создаде варијација на свој мајчин говор. Во оваа фаза е забележлив впечатокот на социјалната средина. Дете на возраст од 4-5 години, во фаза кога постојано поттикнува забрзан развој на говор, а истовреме завзема богато сознавање за светот кој ги опкружува, а со тоа и самите особини на говорот.
- Развој на морфолошкиот и синтаксички систем, за учење на говорот не е доволно само усвојување на одреден број гласови или зборови, туку постојат структура и правила како да се формира реченица. Најпрво децата употребуваат еден збор кој ја означува целата реченица (телеграфски говор), а подоцна почнуваат да формираат сложени реченици. Децата на две годишна возраст разбираат општи прашања кои бараат одговор “да” или “не”, и специфични прашања кои почнуваат со “каде”, “кој”, “што”. Од третата година почнуваат да одговараат на прашањата “зошто”, “поради што”. Првите општи прашања кои децата ги поставуваат се : “Торбата на мама?” , додека првите специфични прашања се: “што” и“каде”.
- Семантички развој подразбира развој на процесот на разбирање и создавање значење. Многу нови зборови и нивно значење детето ги усвојува со помош на родителите кои ги посочуваат и именуваат предметите.
Како да го стимулирате развојот на говор?
Детето на рана возраст повеќе разбира одколку што може да се изрази, затоа сме ние тука да го поттикнеме со стимулација развојот на говор и да направиме разлика помеѓу активен и пасивен фонд на зборови. Децата сакаат да повторуваат зборови иако понекогаш не ги разбираат. Најчесто нивното внимание можеме да го привлечеме со ритам. Токму поради тоа уште од бебешка доба се препорачува пеење различни песни и читање книги. Разговарајќи со детето го градиме и дополнуваме детското спознавање, а со тоа и го богатиме неговиот речник. Децата учат по пат на имитирање, учејќи по модел и затоа е важно да се вокализира (опише) се што правиме со детето, бидејќи тоа најдобро учи преку “живи” зборови.
Кога зборуваме за развој на говорот кај децата, мора да знаете дека разговорот е клучен во стимулација на развојот. Студиите кои се прават последниве години наместо значењето на развојот го нагласуваат начинот како комуницираме со детето. Не е поентата да се користат долги, сложени зборови или да се даваат картички кои детето само ќе ги именува, туку целта е навистина да се разговара со детето, на тој начин што ќе покажеме почит и ќе ги менуваме улогите на говорник и слушател.
Многу е важно кога разговараме со детето, да почекаме одговор и да бидеме и ние активни слушатели, не само да зборуваме, а детето да биде тоа кое слуша.
Разговорот не треба да биде само слушање и зборување, туку тој помага и во развојот на рецептивниот говор, односно детето да го разбере тоа што другиот му го зборува. Во самиот разговор многу е важно да воспоставите зедничко внимание со детето и емоционално да се поврзете. Гласот на мајката секогаш ќе биде нај јакото средство за стимулација на развојот од било кој друг модерен апарат на високата технологија, како што за малку поголемите деца играта со нивните врсници или возрасни е значајна.
“Можете да го поплавите од зборови во лице детето, но ако не се дружите со него и не водите разговор (размена на информации говорник – слушател) за тоа што детето го интересира, нема да можете да му пружите говорно – јазички модел за обработка која им е потребна за развој”, Golinkoff (2018).
Децата нe бараат критика, туку конекција.
Покрај разговорите кои ги водите со децата, многу е важно да читате со нив, самото читање приказни може да го направите да биде прекрасен ритуал пред спиење (или некој друг период во текот на денот) кога заедно бирате книга, читате и разговарате за прочитаното. И не заборавајте дека секое учење, па и учењето на говорот е најлесно да се учи низ игра. Децата би требало да ги учиме како да мислат, а не што да мислат. Покрај советите што повеќе да им читате на Вашите деца и разговарате ( зборувате пред нив), и гледањето ТВ да го сведете на минимум. Секако дека постојат и одредени вежби кои помагаат во развојот на говор, кои е многу важно правилно да се прават и тоа кога детето е одморено. Вежбите се организираат така за да бидат интересни за децата – низ игра, од страна на стручни лица. Секогаш слушајте како Вашето дете изговара одредени гласови или зборови и корегирајте го ако ги изговара погрешно. Немојте никогаш да зборувате бебешки со нив, колку и да Ви е тоа мило или на другите. Настојувајте да го гледате во очи кога му се обраќате и зборувајте секогаш јасно и разбирливо за нивната возраст. Исто така пофалете ги секогаш кога правилно ќе изговорат. На децата прво треба да им покажеме а потоа да им кажеме што треба да направат.