Издавачкиот центар ТРИ вечерва ќе го промовира своето ново ексклузивно издание – петтиот роман од една од најчитаните и најпопуларни македонски авторки, Винка Саздова. Новиот роман на Саздова насловен „Вилино“ пред македонската публика ќе го претстави професорот и писател Венко Андоновски, а промоцијата ќе се одржи во локалот „Сиеста“ во центарот на градот, со почеток од 19 часот.
„Вилино“ е уште еден современ психолошки роман од мајсторот на жанрот, жесток роман за повикот на слободата и стравот од неа, и за доброволното ропство во „сигурните“ брачни води. Централното прашање што се поставува е: каде исчезнува онаа вселенска љубов откако ќе се оформи семејството? Видан – Огнена – Тони: семеен триаголник на двајца отуѓени сопружници и нивниот син. Потресна приказна за тоа како најблиските што се сакале влегуваат во магичниот круг на повредување на другиот. Романот е полн со источни мудрости и мистична филозофија, со извонредни ликови и симболика. И роман терапија: ведриот женски лик на Вили од идиличното Вилино, спротивставено на градот како дувло на страстите.
„Вилино“ е петтиот роман на Винка Саздова. Досега ги има објавено „Последниот чај“ (2009), „Полиња со диви нарциси“ (2011), „Понекогаш доаѓа среќа“ (2013) и „Луна“ (2015). „Последниот чај“ е преведен на српски, хрватски и бугарски јазик. Двапати е прогласена за Најчитан автор – во 2012 година од НУБ „Св. Климент Охридски“, а во 2014 година од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Со „Вилино“ Саздова уште еднаш ја потврдува својата културна мисија, а тоа е создавањето своја препознатлива публика и подигнување на читателскиот стандард, станувајќи име без кое веќе не може врвната македонска книжевност.
Издавачки центар Три Ве поканува на овој прекрасен книжевен настан, со кој на најубав можен начин ќе ја заокружи својата јубилејна година!
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.