Во книжарниците на ТРИ книга по книга се комплетира едицијата „Читаме заедно“, проект поддржан од програмата „Креативна Европа“ чија едногласна идеја за квалитетна литература се шири меѓу читателите. Со „Тажниот гостин “ од Матијас Наврат, во превод на Слободанка Поповска, нашата литературна сцена се збогатува со уште еден роман од разноликиот европски книжевен корпус.
Трагајќи по смислата и одговорите за суштината на животот и смртта, главниот јунак се бара себеси во непознат простор и полека, дел по дел, ја ослободува својата приказна. Се отвораат прашањата дали можеби во целата празнотија и самотија човек може да заборави на болката или сепак треба да научи да живее со неа, зашто таа е дел од животот на секој човек, исто како што се среќата и љубовта, тагата и меланхолијата, целокупното постоење.
Матијас Наврат е германски романсиер кој во 2012 година се наметна на европската книжевна сцена, а во 2020 година ја доби Европската награда за литература за „Тажниот гостин“ – меланхолична книга за современиот Берлин, која му овозможува на читателот да се претопи во неговото минато и да почувствува што е она што останало во сегашноста.