Hybrid
  • НОВОСТИ
  • ЖИВОТЕН СТИЛ
  • УБАВИНА
  • КАРИЕРА
  • ЗДРАВЈЕ
    • БЛОГ
  • ИНТЕРВЈУ
  • HYBRID WORLD
No Result
View All Result
  • НОВОСТИ
  • ЖИВОТЕН СТИЛ
  • УБАВИНА
  • КАРИЕРА
  • ЗДРАВЈЕ
    • БЛОГ
  • ИНТЕРВЈУ
  • HYBRID WORLD
No Result
View All Result
Hybrid
No Result
View All Result

ПЕТАР АНДОНОВСКИ – КНИЖЕВНОСТА Е ГОРЧЛИВ ЛИМОН ИСПИЕН НА ГЛАДНО СРЦЕ

Во мојот ,,храбар нов свет” луѓето ја сакаат природата, а животните ги сметаат за рамноправни со човекот

318
Споделувања
449
Прегледи
Сподели на фејсбук

Интервју: ПЕТАР АНДОНОВСКИ, писател

Пишува: Ана Јовковска

 

AJ: Вашиот трет роман „Страв од варвари“ (2018, Или-Или) ја освои Европската награда за литература, што ја доделува Европската Унија. По тој повод изјавивте: „Наградата на ЕУ е одлична можност за нас кои доаѓаме од мали земји, со речиси непреводливи јазици, затоа што македонскиот јазик има малку говорители. Ова е одлична можност за нас да излеземе од границите“.

Петар, кои граници најсилно ве гушат?

ПА: Границите што си ги создавам самиот на себе.

АЈ: Што ги прави вашите романи популарни во време на булимично читање, лајкови и инстант-вредности?

ПА: Универзалноста на темите во кои секој од нас може лесно да се препознае или да препознае некого од своето блиско опкружување.

АЈ: „Книгате не се загрозен вид, напротив, никогаш подостапни не биле. Но, и никогаш толку обезвреднети не биле. Книгите целосно го изгубија своето значење, се сведоа на забава за на плажа. Книжевноста се претвори во естрада“, велите.  

Како против ваквите трендови во литературата?

ПА: Книжевноста не треба да служи за забава и пополнување време. Доколку една книга не промени ништо во нас, џабе сме ја прочитале. Но првин треба да научиме да читаме книги, а дури потоа ќе знаеме да ги вреднуваме.

АЈ: Кусиот опис на вашиот награден роман „Страв од варвари“ е дека неколку дена по падот на Берлинскиот ѕид, додека цела Европа е во исчекување што е следно, на најјужната точка на Европа постои еден остров каде малкуте луѓе кои останале таму, живеат заборавени од сите. Нив историјата постојано ги одминува, ги одминале и лепрата и гладот, и таман кога ќе помислат дека и овој пат ќе ги одмине историјата, на островот пристигаат тројца странци. Двајца мажи и една жена. И ништо повеќе не е исто…

Како би го опишале ова книжевно патување со една реченица?

ПА: Страв од варвари е горчлив лимон испиен на гладно срце.

Сите сме туѓинци во сопствениот живот. Сите сме си варвари самите на себе.

 

АЈ: Лидија Капушевска Дракулевска напиша дека во романот сите ликови се нереализирани во животот, своевидни аутсајдери, со изневерени надежи и неостварени копнежи. Какво е нивното алтер-его?  

ПА: Ликовите во ,,Страв од варвари” додека се соочуваат со странците, тие всушност се соочуваат самите со себе. Тие се нивното алтер – его. Сите сме туѓинци во сопствениот живот, сите сме си варвари самите на себе.

АЈ: Неодмана изјавивте дека „јазикот е нашата единствена неподелена татковина“. Кои поделби ве прават тажен и ранлив?

ПА: Сите поделби се тажни зашто секоја подебла едните ги прави привилигирани во однос на другите.

АЈ: Што значат престижните награди за еден млад автор?

ПА: Во младоста наградите сигурно многу повеќе значат, особено ако сте на почеток на кариерата. На сите ни е потребна потврда и признание за тоа што го работиме. Но нема поубаво признание од тоа кога првин ќе го добиете дома (Романа на годината во 2016), а потоа и надвор (Европската нагарада).

Во Скопје ме нервира што сè повеќе има бетон, а сè помалку зеленило.

 

АЈ: Во Скопје ве нервира тоа што има сè помалку книжарници. Што друго ве нервира во главниот град? А што во вашето родно Куманово?

ПА: Во Скопје ме нервира што сè повеќе има бетон, а сè помалку зеленило. Во Куманово ме нервира што воопшто нема книжарници, што културата и културните институции целосно се ставени на апарати за дишење.

Книжевност која е во служба на политиката не е книжевност туку пропаганда.

 

АЈ: Изјавувате дека политиката е токсична за вашата психа. Но, може ли еден автор да се дистанцира од политичкото? И дали ангажираноста е неизбежен дел од секоја моќна книжевност?

ПА: Книжевноста треба да биде форма на отпор, таа треба да критикува, да провоцира. Книжевност која е во служба на политиката не е книжевност туку пропаганда.

АЈ: Против општествените конвенции се борите „како мало дете, кое секоја прилика ја користи со прстот да брцне во штекер“. Против што најсилно се борите?

ПА: Против секаков тип на предрасуди, а најмногу против сопствените предрасуди.

АЈ: Вашиот став е дека хомосексуалната љубов е исто што и хетеросексуалната љубов. Деновиве бевме сведоци на еден регрес во однос на ЛГБТИ правата. 17 Мај е меѓународниот ден за борба против хомофобија, бифобија, интерсексфобија и трансфобија што се обележа под глобалното мото: „Да ја прекинеме тишината!“. Една од пораките е дека видливоста на ЛГБТИ луѓето значи отпор спрема стравот, срамот и репресијата кои ни се наметнати во сите сегменти од животот. Што би додале?

ПА: Секој од нас се бори и справува на свој начин. Во моментов го пишувам мојот четврт, а прв квир роман. Тоа е мојот начин на борба против тишината!

 

АЈ: „Лажен морал е постојано да се повикуваш на морал. Романот ја крие приказната за токсичните цветови на деликатниот морал“, рековте во еден разговор што го правевме пред неколку години кога во 2016 година ја добивте наградата „Роман на годината“, која ја доделуваше Утрински весник, за „Телото во кое треба да се живее“.

Каде се крие лажниот морал меѓу нас? Каде го препознавате дотеран во свилени ракавици?

ПА: Лажниот морал го наоѓам секогаш кога политичарите ќе се повикаат на закони! Кога некој ќе ви каже ,,немам ништо против тоа, ама…”! Секогаш кога некој ќе се повика на традицијата…

АЈ: „Очи со боја на чевли“ гласно зборува за… ?

ПА: Траумите, опсесиите, фетишите, стравовите…

На книжевната сцена има премногу непотребна суета и премногу непотребни тапкања по рамо.

АЈ: Што ви се допаѓа, а што ве иритира на современата македонска книжевна сцена? Од што патат младите автори?

ПА: На книжевната сцена има премногу непотребна суета и премногу непотребни тапкања по рамо. Ми недостига поголема искреност. Но горд сум на младата македонска книжевност. Слободно можам да кажам, без лажна скромност, мојата генерација е една од појаките и поактивните генерации.

 

Животот е премногу краток и непредвидлив да си го трошиме времето на безначајните нешта.

 

АЈ: Што ќе се промени во културата, уметноста, книжевноста по светската здравствена и хумана криза предизвикана од коронавирусот? Каков е „храбриот нов свет“ што нè очекува?

ПА: Се надевам дека најпосле сфативме дека животот е премногу краток и непредвидлив да си го трошиме времето на безначајните нешта. Во мојот ,,храбар нов свет” луѓето ја сакаат природата, а животните ги сметаат за рамноправни со човекот. На телевизија и по социјалните мрежи читаме само за културата. Посетуваме изложни, промоции, концерти – НЕ партиски митинзи! Луѓето не знаат име на ниту еден политичар.

 

АЈ: Идеално 🙂 Емпатијата повеќе од кога било ни е потребна во ова чудно време на пандемија. Велите дека ранлив ве прави отсуството на емпатија кај луѓето. За што ни е најпотребна?

ПА: Без емпатија не можеме да воспоставиме здрави односи со семејството, партнерите, пријателите. Ако не можеме да ги почувствуваме туѓите емоции, да дадеме поддршка, да покажеме сочувство и разбирање за другиот, нема ни да можеме да прифатиме љубов од другиот. Емпатијата е таа што луѓето ги прави луѓе. Емпатијата ни е потребна за да преживееме. Без неа со светот одамна ќе беше готово.

 

 

Претходен пост

Доцна во ноќта додека градот спиеше во 02:43 часот зачука срце…

Следен пост

Триковите на ИКЕА за да купуваме повеќе

Следен пост

Триковите на ИКЕА за да купуваме повеќе

HYBRID

© 2019 HYBRID - Сите права се задражани hybrid.mk.

Навигација:

  • НОВОСТИ
  • ЖИВОТЕН СТИЛ
  • УБАВИНА
  • КАРИЕРА
  • ЗДРАВЈЕ
  • ИНТЕРВЈУ
  • HYBRID WORLD

Следете нѐ и на:

No Result
View All Result
  • НОВОСТИ
  • ЖИВОТЕН СТИЛ
  • УБАВИНА
  • КАРИЕРА
  • ЗДРАВЈЕ
    • БЛОГ
  • ИНТЕРВЈУ
  • HYBRID WORLD

© 2019 HYBRID - Сите права се задражани hybrid.mk.