На 19 ноември (сабота), со почеток од 19 часот, во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи промоција на три интересни изданија – две напишани од Милан Ѓорѓевиќ и едно во негов превод.
Милан Ѓорѓиевиќ е вонреден професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, по предметите Философија, Психологија и Православно богословие XV – XXI век. Автор е на голем број научни и стручни трудови од областа на византиската философија, византиското богословие, патрологијата, христијанската етика и аскетското богословие, пастирската психологија и книжевноста, објавени на германски, англиски бугарски, српски и македонски јазик, во стручни и научни списанија и зборници во САД, Германија, Бугарија, Србија и Македонија. Автор е и на монографијата Nikolas Kabasials – ein Weg zu einer Synthese der Traditionen, објавена за престижната издавачка куќа Peeters на германски јазик.
Дискусијата на тема „Facie ad faciem“, или „Лице во лице“ (1. Кор. 13, 12) ќе опфати промоција на следните три изданија: „Византиска философија“ од бугарскиот историчар на философијата, професор и автор на дваесетина дела Георги Каприев (во превод на Милан Ѓорѓевиќ), „Philosophia Christiana“ и „И на небо и на земја“ напишани од Милан Ѓорѓевиќ. По воведниот збор на претседателот на Филозофското друштво на Македонија, Љупчо Митковски, во разговорот за личниот однос како предуслов на знаењето ќе учествуваат проф. д-р Владимир Петрушевски, проф. д-р Ристо Солунчев, како и авторите проф. д-р Георги Каприев и проф д-р о. Милан Ѓорѓевиќ. Дискусијата ќе биде дел од тековниот „Христијански философски форум II“.
Бидете дел од овој необичен настан за проширување на личните сознанија и видици, философска дискусија што ќе биде порака за искрено и вдаховено живеење.