На 6 декември, од 19 часот, во Фоајето на МОБ ќе се случи една необична промоција на новата книга од авторката Александра Тодоровиќ.
Во ова книжевно наоѓалиште ќе го истражуваме Скопје и една градска љубов за која долго време никој не чул. Александра Тодоровиќ веќе добро ги запозна децата и нивните желби со својата претходна книга „Мистериозниот град под калето“. Сега истиот град ќе ни ги плени срцата со една поинаква приказна. Едукативна и интерактивна, оваа книга ќе го разбуди љубопитството и на малите и на големите деца и ќе нè заскокотка уште на самиот промотивен настан на кој ќе се сретнеме и ќе се забавуваме. Промотор ќе биде Зорица Црношија, а ќе има и специјален гостин кој ќе биде едно од изненадувањата на вечерта.
Ве очекуваме сите заедно да ги откопаме љубовите што долго спијат под темелите на градот, со желба да создадеме нови. За Скопје вреди да се раскажува и прераскажува – Скопје е љубов заради вас, заради луѓето во него!
Александра Тодоровиќ (Филиповска – Јанковиќ) е македонска авторка, пред сè позната по книжевните светови кои им ги подарува на децата.
Родена е во 1980 година, во Скопје, каде што го завршува и средното образование во гимназијата „Јосип Броз Тито“, а потоа дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“, на одделот за новинарство. Понатамошниот животен тек го продолжува по новинарските води, работејќи како новинар и водител во МТВ, една од најистакнатите телевизиски канали во Македонија. Додека се занимава со новинарството, паралелно ѝ се јавува желбата за пишување книжевни текстови, која и по осумнаесет години сè уште не згаснува.
Пред да се посвети на литературата наменета за деца, на македонски и англиски јазик ја објавува книгата „Македонска кујна“. Потоа во светот на децата стапнува со сликовницата „Митски суштества“, а во него се прославува со „Мистериозниот град под калето“ за која МАИ ја крунисува со Втора награда за најдобра книга за деца и млади во 2021 година. Поради едукативната содржина и идејата да се приближи историјата на градот Скопје до децата, а и до сите туристи, оваа книга се преведува на англиски и албански јазик.
Во 2022 ја објавува „Љубов голема колку Скопје“ (поддржана од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2021/2022) како продолжение на „Мистериозниот град под калето“. „Љубов голема колку Скопје“ е исто така интерактивна книга која опфаќа период на европски развој на Скопје, но и дофаќа еден друг аспект – се посветува на животните вредности како пријатлството, љубовта, единството врз кои се изградило Скопје по големиот земјотрес. Овие доблести и денес треба да продолжат да се негуваат. Тоа го можат новите генерации ако им го покажеме вистинскиот пат кој најдобро ќе го најдат благодарение на ваква литература.
И двете книги за деца се дел од серијалот „Скопје од А до Ш“ чија мисија ќе се заокружи преку книгата „Почувствувај го Скопје“. Да им овозможиме на децата (и на возрасните) овој проект да заживее во целост.
Тодоровиќ во моментов е дел од тимот на Издавачкиот центар ТРИ како менаџер на продажба, истовремено негувајќи го пишаниот збор и збогатувајќи го својот со постојано читање разновидна литература. Како мајка на две деца, инспирирана од нивната љубов, но и од начинот на кој ги гледа како растат и се соочуваат со светот, таа сосема го разбира начинот на кој децата на современиот живот треба да се едуцираат, но и да се учат на љубов и разбирање.