Изминатата година беше успешна за Зоолошката градина во Скопје, имаше многу реализирани и финализирани проекти, многу новитети и што е најважно од сè – подобрување на условите за живот на нејзините жители. На таа тема, разговаравме со директорот на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски кој меѓудругото, најави и многу нови работи.
H: Гледајќи наназад на 2019 година, колку сте задоволни од резултатите на
проектите кои успеавте да ги реализирате?
Задоволен сум. Кога ме назначија за директор на оваа установа, бев и самиот малку
скептичен за работата од личен аспект. Но, имав многу самодоверба во мене и во
тимот што дојде со мене да работи. Меѓутоа, кога ќе видите една на изглед мала, но
всушност многу голема институција, со многу вработени, обврски и ангажмани, а
најважно од се со многу живи суштества кои живеат тука и зависат од нас, не може, а
да не се случи почетна и позитивна трема од очекуваното. Посебно кога ќе видите
дека работите биле запоставени, се прашувате зошто е тоа така, зошто толку време
била на работ на опстанок, наместо да биде пример за други институции. За среќа,
брзо се вклопивме во системот и работата почна да тече. На почетокот се концентриравме повеќе на хигиената, сакавме да ја доведеме до завидно ниво. Потоа, полека почнавме со содржини, да градиме игралиште за деца, да ги привлечеме почесто да доаѓаат и да уживаат тука. Сакавме со посетатата за време на викендите, не само да уживаат во прошетката, туку и да се едуцираат за тоа што го гледааат. Паралелно, почнавме да ги средуваме живеалиштата внатре кои се многу битен сегмент во целокупната работа. Затекнавме многу недоградени, започнати работи и многу запоставени проекти.
H: Дали успеавте да ги завршите?
Тоа ни беше главниот предизвик, работата кај слоновите беше завршена до 30%, а пак живеалиштато за шимпанзата беше до половина. Во меѓувреме слониците во Белгија чекаа дата за транспорт за да пристигнат во Скопје. За среќа, имавме голема поддршка од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, така што смогнавме сили и ја забрзавме работата за да може да ги донесеме Дуња и Даела побрзо и сега живеат мирен пензионерски живот во Скопје. Следната активност ни беше да го забрзаме процесот на завршување на домот на шимпанзата кои чекаа во резерват во Холандија, така што конечно стигна Коко со другарите од таму.
H: Кои социјални активности беа реализирани минатата година?
Една од активностите на кои сме посебно горди, бидејќи предизвика голем интерес,
беше и ток шоуто на Војо Иванов. Секоја недела имаше многу деца кои го следеа со
родителите, а планираме и сезоната која е пред нас да ја повториме таа активност. Во
план е исто така и останатите негуватели да се обучат и да се приклучат на неговото
шоу.
Останатите активности доаѓаа сами по себе, се наметнуваа на некој начин. Ја
правевме програмата однапред за цел месец. Имавме и родендени кои се прославуваа
тука, на кои дечињата многу се радуваа. Имавме и предновогодишни забави за децата,
а вратите на Зоолошката ги отворивме целосно за ранливата категорија на деца, да не
плаќаат за родендени, за посети како и бесплатна посета на едукативниот центар.
H: Кои проекти се следни за реализација годинава?
Моментално, големи, капитални проекти на кои сме фокусирани е изградбата на
живеалиштата за фламинга и пингвини. Кога дојдов на позицијата, ги затекнав во
почетна фаза. Домот на фламингата претставува голем проблем бидејќи се наоѓа на
средина на Зоолошката. Замислете, влегувате во Зоолошка градина со децата и
очекувате да видите убави работи, чиста околина и среќни животни, а затекнувате
градилиште во средина оградено со тараби. Распишавме тендер, во меѓувреме се
направи проект за негово довршување. Со големо задоволство можам да соопштам
дека е веќе во крајна фаза, односно внатрешниот дел е комплетно готов, а
надворешниот ќе биде готов во месец март. Паралелно тимот кој е надлежен за
меѓународни односи договори фламингата да дојдат од Република Чешка.
Уште еден проект кој беше понапорен беше оној за пингвините, но и таму сме при
крај со работата, сакаме во април да ги донесеме пингвините, па се надеваме дека ќе
успееме се да завршиме како што треба.
„Дино паркот“ е проект кој е во фаза на реализација. За прв пат во нашата земја ќе има
вакво нешто, а слободно ќе кажам дека и на Балканот ќе биде најубав и
најпретставителен од сите бидејќи ќе има многу реквизити. Ќе се простира на 2500м2,
над 40 диносаурси кои што ќе мрдаат, ќе испуштаат природни крици и ќе бидат во
природна големина.
„Авантура паркот“ е во фаза на подготовка, тоа е уште една активност за најмладите.
Во овој парк, децата ќе се забавуваат, но и ќе вежбаат. Замислено е да има реквизити,
под надзор обучено лице кое што ќе внимава на децата и ќе им помага да се качуваат,
симнуваат од реквизитите, така што безбедноста да биде на прво место.
Целта ни е во 2020 година на влеземе во Европска Асоцијација на Зоолошки Градини
– EAZA. Се аплицира со подобрување на условите на Зоолошката градина, добивме
информација дека условите кои ги имаме во моментов дозволуваат да аплицираме за
членството. Остануваат да се доправат уште некои работи, бидејќи таму букавално се
внимава на секој мал детаљ, од хортикултурниот изглед, до поставеноста и изгледот
на клупите за седење, па се останато. Се надеваме дека ќе ги исполниме до крај
критериумите и ќе бидеме дел од Европа, што ќе ни донесе повеќе бенефиции,
финансии, со што животните ќе имаат уште подобар дом од сега.
H: Најголем предизвик во секоја работа се луѓето. Знаеме дека со години наназад
правилата знаат да се заобиколат од страна на посетителите во однос на
хранењето на животните. Како се справувате со тоа, успевате ли да ги едуцирате,
да влијаете на нив?
Како растеше посетеноста откако се позициониравме тука, така ги согледував и
проблемите кои се појавуваат. Да не бидам погрешно разбран, не се сите посетители
исти, туку мојот напор е за онаа група на несовесни луѓе кои не почитуваат правила.
Интересно е тоа што има многу луѓе кои добиваат лекции од сопствените деца за тоа
како треба да се однесуваат во зоолошка градина. Тешко оди борбата за одвикнувањена родителите да ги хранат животните со смоки, соленки и слично, но ќе се бориме за
уште поголем успех и понатака.
H: Колкава е посетеноста во однос на минатото?
Бројката на посетеност е зголемена за 300% што ни претставува големо задоволство.
Во меѓувреме моравме да ги зголемиме и цените на билетите, порано чинеа 50
денари, сега се 80 денари, но моравме заради зголемените трошоци.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива/Facebook
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.