На третиот фестивалски ден, младите вљубеници во филмот имаа можност да сведочат на искуството на Сергеј Сарчевски, студент во трета година на Факултетот за филм во Вестминстер, Лондон. Тој им сподели како го одбрал патот на филмската уметност, посочувајќи им на младите дека е важно да се осмелуваат.
-Почнав да снимам кратки смешни видеа на „Фејсбук“ и така ја открив љубовта кон филмот. Мојот прв филм го снимив со мобилен телефон и го пратив на фестивалот „Мобил фестивал“ во Скопје. Кога го видов мојот филм на проекција во кино, ми се случи таква возбуда и како да сфатив дека тоа е тоа што сакам да го работам. Потоа, почнав да снимам повеќе кратки филмови. Снимав по еден до два филма годишно. Сега кога ги гледам, воопшто не се добри, ама сметам дека тоа е патот што треба да се оди, за да стекнете искуство. Првите филмови скоро никогаш не се добри – рече Сарчевски.
Џифонци го проследија неговиот краток филм „Што крие дождот“, во кој тој користи автобиографски моменти, односно пренесува како се чувствува еден млад човек кога заминува од дома во странство. Филмот го снимил со буџет од 100 евра, колку што требало за да изнајми камера за два дена.
-Филмот зборува за моите први денови во Лондон, кога уште не познавав никого. На почетокот е тешко, ама човек брзо се навикнува. Бидете љубопитни, пробувајте работи и пред да студирате. Бидете активни, правете кратки приказни, колку повеќе се трудите, ќе бидете подобри секој нареден пат. Од мал сакав да го правам ова, снимав кратки видеа. И некако бев решен. Не можев да помислам што би правел друго. Јас сум веројатно многу среќен што рано осознав што сакам да бидам. Јас имам пријатели на факултетот кои, иако се веќе на академија, не сакаат да работат во областа на филмот – вели Сарчевски.
Мастер-клас одржа и Розе Симоновска, која како дел од програмата „Докуникулци“ на Фестивалот на креативни документарци „Македокс“. Симоновска зборуваше за својот филм „Низ објективот на копнежот“ посветен на актерството, на потрагата по себе и љубовта кон глумата. Таа студира режија.
-Ме интересира документаристиката во моментов повеќе, но сакам да учам, да истражувам. Одев во драмско студио, па дојде „Докуникулци“ и таа бура од настани почна да ме формира како личност. Секој што ќе излезе на сцена треба да се цени и почитува и не е важно дали е независен или државен театар – вели Симоновска.
На програмата денеска ќе биде мастер-клас на Клаудио Губитози, основач на „Џифони Експиренс“, кој ќе одржи говори на тема „50 години Џифони: приказна за успехот“. Тој ќе зборува за тоа како настанала идејата во мало гратче во јужна Италија да се роди најголемиот фестивал за деца и млади во светот.
Во 18 часот ќе се одржи мастер-клас на тема женски права. За сите мастер-класови е обезбеден пренос во живо на фејсбук-профилот на „Џифони Македонија“ и на дигиталната платформа youth.mk.
Во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, во 19 часот ќе биде прикажан францускиот документарен филм „Адолесценти“.