Пишува: Ана Јовковска
Меѓу нејзините професионални преокупации со реформите во образованието и личните преокупации од Хари Потер до Бетмен и Војна на звездите… за нејзиниот осумгодишен син, Мила Царовска ја сретнав во Дебар Маало каде разговаравме за идеите за подобро општество. Откако „ја испратив“ Мила, министерката за образование и наука, која позираше пред фотоапаратот, ја пресретнав Мила, 37-годишната жена која без маска зборуваше за своите заложби за квалитетно и модерно образование. И, ако да се биде жена-политичарка значи борба со ветерници, тогаш да се биде жена-интервјуистка значи да се побараат рефлексиите на вистината. Се обидов. Ќе ги пронајдете во овие редови разговор со Мила Царовска, министерската за образование и наука.
АЈ: Мандатот како министерка за образование и наука го започнавте во исклучително тешки услови на пандемија. Во време во кое глобалните предизвици се клекнати на колена пред здравјето на луѓето. Во решетка на физичка, социјална и духовна клаустрофобија, какви приоритети си поставивте?
МЦ: Да, Ана, во време на пандемија што ни го измести секојдневието и ни ги промени животите на сите нас, наследив исклучително тежок ресор во кој мораше да се направат големи промени за многу кратко време. Главен приоритет беше непречено да продолжи да се одвива образовниот процес, а притоа да се заштити здравјето на учениците, наставниците, родителите, односно целокупното јавно здравје. Во координација со повеќе институции и со Комисијата за заштита од заразни болести воспоставивме успешен модел за настава. Со комбинираниот модел со физичко присуство, онлајн настава и со достава на печатени материјали за учениците кои немаат ИТ уреди, обезбедивме пристап до образование на секое дете дури и во услови на пандемија. Но покрај пандемијата и работата во вонредни услови, ги реализираме и другите приоритети на МОН, како реформата во основното образование, јакнењето на средното стручно образование и дигитализацијата на образованието, подобрување на статусот на наставниците и воспоставување на систем за квалитетни и пристапни учебници. Горда сум што секој од зацртаните приоритети и реформи интензивно се реализираат.
AJ: Хана Арент зборуваше за тоа да се надмине индивидуалното, да се излезе од чаурата на јаството. Солидарност врз база на заеднички ветувања. Генерално, имаме проблем да се солидаризираме со проблемите на другите, затоа ваквите програми нè потсетуваат на нашата обврска за подобро општество. Тоа имплицитно содржи неколку клучни работи – слобода, правда, еднаквост, инклузија, толеранција и љубов. Како го замислувате подоброто општество?
МЦ: Подобро општество е она во кое секое дете има еднаква шанса за учење и развивање. Во кое секој граѓанин има еднаков пристап до образование, здравство, социјална заштита. Општество кое се бори да ја намалува нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните и кое е заштитник на ранливите. Затоа, сите реформи на коишто работам со мојот тим се засноваат токму на овие вредности – слобада, еднаквост, недискриминација. Како најсвеж пример ќе ја споменам новата концепција за основно образование за која се отвори многу дебата во јавноста. Тоа го сфаќам како нормална работа бидејќи секоја промена влева неизвесност, но кога ќе се видат придобивките убедена сум дека сите ќе бидеме задоволни. Oваа концепција е во најдобар интерес на децата, затоа што се заснова на основните принципи на Конвенцијата за правата на децата на ООН. Со оваа реформа новите генерации ќе научат да живеат едни со други, а не едни покрај други.
Подобро општество е она во кое секое дете има еднаква шанса за учење и развивање. Во кое секој граѓанин има еднаков пристап до образование, здравство, социјална заштита. Општество кое се бори да ја намалува нееднаквоста меѓу богатите и сиромашните.
АЈ: „Личноста што најдобро ја познавам сум самата јас“ (Фрида Кало). Како би се опишале себеси за оние што не Ве познаваат надвор од рамките на професионалниот и политички багаж?
МЦ: Тоа што јавноста го гледа во мене професионално, сум всушност јас приватно. Министерката Мила не се разликува од Мила во приватниот живот.
АЈ: Кои работи Ви го будат љубопитството?
МЦ: Скриени работи. Работи кои не се видливи „на прва“. Мистични луѓе. Практично сè она што не можам да го разберам лесно.
Политиката, за жал, многумина ја перцепираат како машка работа, но јас цврсто се залагам да го докажам спротивното.
АЈ: Што значи да се биде жена-политичарка?
МЦ: Да се биде жена политичарка значи да се води борба од утро до вечер, да не речам борба со ветерници. Политиката, за жал, сè уште многумина ја перцепираат како машка работа, но јас цврсто се залагам да го докажам спротивното. Жените се одлични менаџери, многу посветени и способни. Жените во политиката се вистинска вредност и тоа што ги нема доволно е само на штета на развојот на државата.
Нашето образование треба да се промени од корен затоа што со децении немало целосни промени, а корекциите се правеле само козметички.
АЈ: Ве цитирам: „И пред да станам министерка, за мене образованието беше сегмент во кој се интегрираат највисоките морално-етички вредности, фундаментални и апликативни знаења и клучна вредност за секоја држава, за секоја економија, но и емоционално, за секој родител/старател, за секое семејство. Грешка во инфраструктура се исправа со неколку зафати и тоа може да трае неколку дена. Но грешките во образованието траат со години, децении“.
Што круцијално е потребно да се промени во македонското образование?
МЦ: Нашето образование треба да се промени од корен затоа што со децении немало целосни промени, а корекциите се правеле само козметички. Образованието е една од областите каде инвестирате денес, а бенефитот го гледате најрано за десет години. Мене тоа ми е сосема јасно и тој предизвик го прифаќам. Реформите не се политики кои даваат веднаш резултати. Добро образование значи економија на знаења, конкурентност, вработувања, раст и развој, значи помало иселување и нова демографија на државата. Токму затоа, имаме концепт за модернизирање на образованието на сите нивоа, почнувајќи од основното образование.
Наша заложба е да развиваме квалитетно образование достапно на сите. Образование кое ќе создава кадри кои ќе размислуваат логички и критички. Ќе изгради личности кои ќе ги почитуваат граѓанските права, ќе се воспитуваат и образуваат во духот на мултикултурализмот. Образование кое ќе ги стимулира децата да истражуваат. И во сето ова клучна улога имаат наставниците. Доаѓа време во кое сите сфаќаме дека професијата наставник заслужува посебно место во општетсвото. Наставникот или наставничката со големо Н се клучни фигури за развој на одговорни и паметни граѓани. Нашите деца мора да фатат чекорт со нивните врсници од развиените земји за да бидат конкурентни, а земјата да напредува. Ова е мојата заложба.
АЈ: „Освојувајте ја својата слобода“ се клучните зборови на една од најпознатите феминистки, Симон де Бовоар, изговорени за време на студентските протести во 1968 година во Париз. Постојано испраќаме пораки дека треба да создаваме слободни, а не ропски умови. Како се создава слободарскиот ум кај младиот човек низ формалниот образовен систем?
МЦ: Ова е одлично прашање и би рекла дека е еден од мотивите заради кои безусловно се залагам за длабоки реформи во образовниот систем. Во минатото бевме сведоци дека, за жал, нашите деца учат од учебници во кои пишуваше дека треба да бидат покорни на власта. Учебници полни со стереотипи и застарени концепти кои младиот човек го учат да биде покорен и послушен. Ова не смее да се случува и затоа во рефомираното обрзование учениците ќе ги учат концептите на граѓанското општество, слободата, еднаквоста уште од најмали нозе. Ова ќе помогне да изградиме свесни граѓани кои ја вреднуваат слободата и јасно ја препознаваат својата должност да критикуваат и активно да учествуваат во сите процеси.
АЈ: Некои од жените кои го променија светот беа космонаутки, некои напишаа прекрасни романи, некои се бореа против репресивни системи, некои оставија академски трудови, некои се изборија за правото да возат, некои менуваа закони за абортус, некои се изборија за правото на глас… Кои жени Ви беа светли примери?
МЦ: Има многу жени кои се вистински лидерки и носителки на промените и напредокот низ историјата. Ако треба да издвојам би рекла трите невидливи жени математичарки во НАСА без кои Америка немаше да ја добие вселенската трка: Кетрин Џ Џонсон, Дороти Вон и Мери Џексон.
Во моментов сум окупирана со содржини за мојот осумгодишен син, па така заедно гледаме сè што е поврзано со приказни и фантазии – од Хари Потер до Бетмен и Војна на звездите.
АЈ: Медиумите се креатори на нашиот светоглед. Но, за жал, живееме во карневалска медиумска екологија. Надвор од кутијата на магичниот екран (компјутер и телевизор) што сакате да читате и да гледате?
МЦ: Во моментов сум окупирана со содржини за мојот осумгодишен син, па така заедно гледаме сè што е поврзано со приказни и фантазии – од Хари Потер до Бетмен и Војна на звездите (се смее).
АЈ: Разговорот го пренасочуваме од Вашето дете до секое дете… Секое дете има право на образование! Децата со пречки или предизвици во развојот имаат потреба од образовни асистенти кои ќе работат со нив во основното образование. Всушност, лицата со попреченост се секаде околу нас, а ние креваме ѕидови заради неинформираност, неедуцираност и несензибилизираност со прашањата за социјална кохезија и инклузија. Покренувањето на свеста во општеството и мотивирањето за нивно активно учество во сите сегменти на животот подразбира институционални решенија кои ќе ги зајакнат овие категории на граѓани. Што конкретно ќе значи трајното обезбедување на образовни асистенти за учениците од основното образование?
МЦ: Да, Ана, секое дете има право на образование е мотото според кое се водам. Тоа е еден од моите приоритети, но и стандард кој развиените земји го следат, а ние мораме и имаме капацитет да го достигнеме. Децата со атипичен развој кои одат во редовни училишта поддржани од образовни асистенти имаат можност да се интегрираат со децата со типичен развој, а со тоа и да имаат еднаква шанса за раст и развој во животот. Но, важно е и тоа што децата со типичен развој имаат можност да учат и растат со децата со атипичен развој и да научат да ги прифаќаат и да живеат со нив.
За учениците со посебни потреби во основните училишта неколку години наназад се обезбедуваат образовни асистенти кои им помагаат, без разлика на кој начин ја следат наставата сега во услови на пандемија (со физичко присуство или онлајн). Она што треба да се истакне е дека за првпат од следната учебна се воведува услугата образовна асистенција која е предуслов за обезбедување на инклузивно образование и таа ќе се испорачува согласно Законот за основно образование и ќе се финансира од Буџетот на РСМ, односно преку Буџетот на МОН за 2021 година во рамките на кој обезбедивме средства за 400 образовни асистенти. Специјалните училишта пак, односно училиштата во кои се образуваат ученици со попреченост се трансформираат во училишта со Ресурсни центри.
АЈ: Кои автентични работи ја прават Македонија убава?
МЦ: Несовршеноста ја прави Македонија убава. Покрај несовршеноста би рекла дека луѓето се најголемата вредност на нашата земја.
Несовршеноста ја прави Македонија убава.
АЈ: Стиховите на музичката група Бернајс пропаганда велат: „Граду мој, веќе не те познавам“. Кои физиономии на Скопје ви се туѓи, а кои блиски?
МЦ: Скопје во кое ние растевме веќе не постои. За жал, Скопје стана туѓ град по насилството со проектот Скопје 2014. Недостигаат многу катчиња што во минатото ни ја топлеа душата и нè поврзуваа со убави моменти од живототот. Изгубени се и многу супкултури кои порано го правеа духот на Скопје… Но има и убави места што со задоволство ги посетувам како Турска Чаршија, паркот Жена борец, Зоолошката градина…
Системот треба да се грижи никој да не тоне во сиромаштија, да не биде дискриминиран, да не живее на маргините.
АЈ: Се заложивте да поставите нови стандарди во социјалната заштита и да ја смените перцепцијата на граѓаните за најранливите категории во периодот од 2017 до 2020 година кога ја извршувавте функцијата министерка за труд и социјална политика. Особено значајни се реформите за детската сиромаштија. Кои други активности Ви беа најзначајни?
МЦ: Mе радува доколку граѓаните ги препознаваат моите и напорите на мојот тим во време на работата во Министерството за труд и социјална политика. Факт е дека реформите во МТСП значат реална промена на квалитетот на животот на луѓето кои биле оставени на маргините. Во тоа време успеавме да го подигнеме буџетот на министерството на највисоко историско ниво и значително ги зголемивме приходите на најранливите и оние кои живееја во длабока сиромаштија.
Многу сум горда и на реформите во детската заштита и раниот детски развој кој е клучен за понатамошниот развој на човекот во општеството. Инвестиравме во 44 градинки и обезбедивме средства за 7000 нови места во градинките, а платите на воспитувачките и негователките ги зголемивме за над 20%. Особено вложувавме во руралните средини и местата каде немаше градинки со цел сите деца да добијат можност да посетуваат градинка. Системот треба да се грижи никој да не тоне во сиромаштија, да не биде дискриминиран, да не живее на маргините.
Грозните слики од темните и безлични институции децата ги заменија со топол дом во кој имаат семејна атмосфера.
АЈ: Деинституционализацијата како социјална мерка за извлекување на луѓето, осбено на децата со попреченост од институциите каде беа згрижени беше голем чекор. Каде најсилно ја втиснавте хуманата стапката на решителност за промена?
МЦ: Случката од Тимјаник, која стана синоним за борбата против дискриминацијата. Овој случај беше одличен пример дека предрасудите можат да се надминат ако работиме сите заеднички и запомниме дека во основа навистина сите сме исти. Посебно ме радува фактот што една година порано од предвиденото ги извадивме сите деца од институции. Сега тие живеат во мали групни домови што е огромна промена во квалитетот на нивните животи. Слободно можам да кажам дека оваа реформа е најголемото унапредување на човековите права во нашата земја. Грозните слики од темните и безлични институции овие деца ги заменија со топол дом во кој имаат семејна атмосфера.
Љубовта е вистинска и долготрајна само ако се почитува индивидуалната слобода и ако има разбирање за разликите.
АЈ: Кој е најважниот принцип на љубовта?
МЦ: Почитта и разбирањето! Љубовта е вистинска и долготрајна само ако се почитува индивидуалната слобода и ако има разбирање за разликите.
АЈ: Омилена филмска реплика со која би го завршиле овој разговор?
МЦ: Но, кршењето на правилата е еден вид на постоење, зар не? – Хермиона Гренџер