“Додека влажниот ветер удираше и го клатеше ѕвончето што висеше на стреата на чајџилницата, почнавме да ги дешифрираме знаците што се изговараа како ичиго-ичие. Приближното значење на овие два знака гласи: ОВА ШТО ГО ДОЖИВУВАМЕ ТОКМУ ВО ОВОЈ МИГ НИКОГАШ ВЕЌЕ НЕМА ДА СЕ ПОВТОРИ. Токму затоа, секој момент треба да го цениме како непроценливо задоволство“.- Ектор Гарсија и Франсеск Мирајлес.
Една од причините која ме натера да започнам да пишувам за оваа книга и се она што прочитав во неа, е тоа што неодамна започнав да читам и осознавам малку повеќе за магијата на Универзумот. Секаде гледаме пораки кои велат дека се е многу едноставно, Универзумот работи во наша корист и секоја наша желба може да се исполни. Наше е само да знаеме точно што сакаме, да си дозволиме да очекуваме и да се препуштиме на неговата моќ. И токму кога ја започнав книгата “Тајната на Шамбала“, која вели дека синхронизацијата и знаците кои се наоѓаат на патот треба да бидат внимателно и свесно разгледани, ја добив на подарок книгата “Ичиго – Ичие“.
И баш неверојатно, на 11тата страна, се спомнува Шамбала.
Токму затоа што ликот од приказната во која се споменува, добива можност да појде на тоа прекрасно место од легендите и одлучува да ја остави приликата за подоцна (која не се повторува), одлучив се повеќе да верувам во можностите кои се појавуваат само еднаш и не смеат да се пропуштат.
Втората причина е тоа што денес дознав дека е отворен Саемот на книга, каде оваа книга може да се купи по многу поволна цена. Да напоменам, ова не е реклама, туку само моето мислење кое сакам да го споделам со сите оние кои сакаат да читаат и веруваат во синхронизацијата и дека се на овој свет се случува со причина.
Накратко, фацинантноста на оваа книга е во начинот на кој ни овозможува да го доживееме сегашниот миг и да уживаме со сите свои сетила во него.
Како што рекол Фридрих Ниче: “Ако научиме да ја видиме убавината на работите, ќе можеме и да ги направиме убави“.
Дополнително интересна е споредбата со омилениот лик од филмовите Форест Гамп, кој талка низ светот и постојано се среќава со други луѓе, но не дозволува ниедна средба да биде неважна. Тој со сета своја душа се внесува во средбата, иако на прв поглед тие не изгледаат важни. Затоа и Гамп станува симпатичен лик за сите нас. Од овој агол, филмот мора да се изгледа уште еднаш.
Дозволете си момент за себе, оставете време за 140 страни кои на фасцинантен начин ќе ви помогнат да ја созгледате целата слика околу себе, да научите да ги користите своите сетила и да уживате во сегашноста. Оставете го минатото каде што припаѓа, иднината на времето кое доаѓа и вкусете го секој миг со сите свои сетила.