Пишува: Ана Јовковска
AJ: Идентитетите се флуидни и повеќеслојни, па, така, Вие истовремено сте амбасадор и татко, дипломат и сопруг… а не мора да се некакви дихотомии… Најтешко е човек да зборува во прво лице за себе, сепак, без свилени ракавици, како би го опишале Вашиот сензибилитет?
МЛ: Одлично прашање, Ана! Токму така, идентитетот е повеќеслоен и се менува со текот на времето. Како личност отсекогаш сум бил фасциниран од странските патувања и новите култури. Татко ми е планинар и има прекрасна библиотека со патописи и доживувања од познати истражувања и први искачувања. Се сеќавам дека како дете ги обожував, а денес се обидувам сопствените деца да ги инспирирам на истиот начин. Да се биде амбасадор на својата земја (и на својот крал) е огромна чест. Се трудам да бидам понизен и никогаш да не ја земам позицијата здраво за готово, напротив, ја доживувам како можност да научам нешто. А од друга страна, се разбира, се трудам, да бидам што е можно подобар татко. Сепак, двата идентитети се сосема одвоени: не можете да бидете амбасадор дома, освен ако не сакате вашите деца да ве исмеваат! Да… јас чистам, перам и готвам. Помага и тоа што и мојата сопруга Енрика е дипломат. Таа имаше уште поавантуристички назначувања и упатувања од мене, а и многу е похрабра и поцврста од мене и никогаш не престанува да ме инспирира.
Не можете да бидете амбасадор дома, освен ако не сакате вашите деца да ве исмеваат! И чистам и перам и готвам.
AJ: Домот е таму каде што е срцето! Каде Ви е најмногу дома?
МЛ: Во моментов, тука во Скопје! Поминавме прекрасни седум месеци и луѓето направија да се чувствуваме неверојатно добредојдени. Освен тоа, јас сум дома кога сум со моето семејство.
АЈ: Во Хомеровите „Илијада“ и „Одисеја“ гостинот е на пиедестал. Гостинот не се прашува кој е и од каде доаѓа додека не се искапе и нахранет. Што мислите за гостопримството во Република Северна Македонија?
МЛ: Луѓето се навистина љубезни. Пристигнавме со возила заедно со мојот италијански свекор и неговата сопруга, во конвој, со цел товар наши работи натрупани во неговиот кампер. На полноќ нè пречека неверојатниот тим од амбасадата со широки насмевки и оттогаш е така. Ми се допаѓа позитивниот впечаток што луѓето го имаат за Обединетото Кралство и го покажуваат тоа секогаш кога ќе ги сретнам. Инспириран сум од љубезноста и гостопримството тука без разлика каде и да отидам. Најзабавниот дел од мојата работа е секако патувањето. Затоа, се обидувам да посетам повеќе места низ земјава и да запознавам секакви луѓе од различни сфери.
Најзабавниот дел од мојата работа е секако патувањето. Затоа, се обидувам да посетам повеќе места низ земјава и да запознавам секакви луѓе од различни сфери.
АЈ: Секој амбасадор има прецизна диоптрија за ранливите точки во едно општество. Кои социјални проблеми се најголемиот предизвик за создавање отворено и хумано општество?
МЛ: Студирав филозофија, па ќе ви го дадам мојот филозофски одговор, а потоа и мојот практичен, амбасадорски одговор…. што на крајот може да се случи да биде ист (се смее). Современиот американски филозоф Џон Ролс има теорија дека ако не сме знаеле кои ќе сме биле кога сме се родиле, не сме знаеле од каде потекнуваме, не сме знаеле која е нашата етничка припадност, на кој род припаѓаме, на која општествена класа итн., тогаш, сите ќе можевме да се согласиме околу збирот на постулати кои нашето општество би сакале да ги има за да биде праведно и правично во корист на сите. Во таквото општество не би постоеле екстремни нееднаквости, не би се толерирала дискриминацијата и предрасудите и би било засновано на фер и транспарентен систем на правила. Британската филозофска традиција на Џон Лок и Томас Хјум дошла до сличен одговор, идејата за социјален договор меѓу оние кои се на власт и оние со кои се владее. Значи, мојата појдовна точка е дека мора да има таков договор и дека отвореното и хумано општество мора да биде управувано од владеењето на правото.
Затоа, да го дадам и мојот амбасадорски одговор… ние и нашите меѓународни партнери ставаме голем акцент на важноста на владеењето на правото, како што, се разбира, на еден поформален начин тоа го прави процесот на пристапување во ЕУ. Значи, владеењето на правото е најголемиот предизвик. На меѓународно ниво тоа е случајот со ревизионистичките држави како Русија, кои се обидуваат да го ослабат меѓународниот правен поредок и да не вратат во Хобсовата состојба на „сила Бога не моли“. Ете, четворица филозофи во еден параграф! Од која страна и да гледате, владеењето на правото е од витално значење за секое општество, суштинско за едно демократско, отворено и хумано општество. Парадоксот е што законите ни ги гарантираат нашите слободи. Во регулирањето на општеството, тие им даваат слобода на поединците во него да бидат онакви какви што сакаат да бидат. Тоа е убавината на западната либерална демократија и причината поради која што таа секогаш ќе биде привлечна како политички систем. Затоа постои НАТО, за да ги брани овие идеали. И затоа луѓето секогаш ќе се борат за либералните демократски идеали и сопствените демократски слободи, како што гледаме секој ден од тоа што го демонстрираат храбрите жени и мажи во Украина. Многу луѓе во историјата се бореле за тираните. Но, многу малку ги одбраниле.
Владеењето на правото е најголемиот предизвик.
АЈ: Кои дипломатски стратегии или проекти се Ваш приоритет во 2023 година?
МЛ: Промовирање на владеењето на правото. Всушност, имаме четири кампањи во нашата амбасада. Првата е нашето партнерство со Северна Македонија околу НАТО, безбедноста и одбраната. Второто е нашето трговско и инвестициско партнерство, односно носењето на инвестиции и отворањето на работни места во земјата. Третото е нашата работа за поддршка на реформите и секако нашата кампања за култура и јазик, која се однесува на промовирањето на вашата убава култура и јазик. Почитување на вашата култура, градење на врски и изнаоѓање на можности за нејзино прикажување, а истото се однесува и на британската култура и јазик, се разбира. Тоа е идеја за партнерство и заемно почитување како сојузници и партнери.
Културата на Паштуните ја сметам за особено фасцинантна, иако сум згрозен од моменталната нејзина манифестација во тврдокорните политики на талибанскиот режим и нивната безмилосна репресија врз жените и другите култури.
АЈ: Една наша писателка вели: „Мислам дека на секој човек, машко, женско, Индиец, Македонец или Африканец, духовната или емотивната мрежа ни е иста. А разликите постојат за да се почитуваат“. Како дипломат кој многу патувал низ светот, кои култури Ви се најегзотични?
МЛ: Во секоја земја може да се научи нешто и да се биде инспириран од нешто. Отсекогаш сум бил фасциниран од централноазиската и јужноазиската култура, особено историјата и културите на Авганистан. Културата на Паштуните ја сметам за особено фасцинантна, иако сум згрозен од моменталната нејзина манифестација во тврдокорните политики на талибанскиот режим и нивната безмилосна репресија врз жените и другите култури. Но, Паштунвали, кодот на честа што го уредува племенскиот живот во паштунската култура, особено во јужниот дел на Авганистан и граничните области меѓу Авганистан и Пакистан, за мене е фасцинантен. Таџикистан беше чудесно и фасцинантно упатување само по себе, особено културата на Памирите, нивната уметност и музика, беше огромно искуство од кое многу научив.
АЈ: „Не постои праведност во современиот свет. Дури и војната може да е демократска постапка против погрешната демократија“ (Ален Бадју). Кои квази концепти на демократичност и правда се најопасни?
МЛ: Популизмот и тиранијата често одат рака под рака. Може да влезете во многу опасна територија кога политичарите ќе почнат да велат „ние сме мнозинство и ова е наша земја“. Историјата на Балканот е полна со примери. Бевме сведоци на неколку вакви примери во Европа и пошироко во последниве години. Бевме сведоци на политичари кои се обидуваа да се натпреваруваат едни со други преку анимирање на популистичките чувства. Секое општество мора да биде претпазливо и треба постојано да се одржува притисокот кога се политичарите во прашање, особено во однос на тоа што велат наспроти тоа што всушност ќе направат доколку бидат избрани. Внимателен сум и кога станува збор за концептот на правда како што е претставен во цитатот. Постојат норми и стандарди, кодифицирани во Универзалната декларација за човекови права и придружните протоколи на кои глобалната заедница се обврза. Постојат апсолутни стандарди.
Тиранијата ја убива слободата и иновативноста.
АЈ: „Либерал е учтив термин за просечните“. (Ниче) Коментар?
МЛ: Забавна флоскула. Но, како и повеќето флоскули, не ја отсликува реалноста. Либерално-демократските системи ги произведоа речиси сите големи светски иновативни мислители и иноватори. Тиранијата ја убива слободата и иновативноста. Што е попросечно од тоа?
АЈ: „Навраќајќи се на Платоновата држава: politeia е женски род, наспроти машкиот, polis – Градот. Платоновата држава може да се види и преку парабола за жената, која грижејќи се за своето потомство, се грижи за себе“. Дали грижата е нагласено женски концепт? До каде сме со родовата еднаквост или родовата правда во општеството?
МЛ: Ова е многу важно прашање, Ана. Ако имаме вистинска родова еднаквост, би рекол дека идејата за грижата, сама по себе, не треба да биде концепт поврзан со едниот или другиот род. Во однос на родовата еднаквост во мојата земја нашата позиција е дека направивме огромни чекори во последниве години и Обединетото Кралство е многу гордо на тоа. Но, се разбира, има уште многу да се прави. Нашата работа и овде во Северна Македонија и на меѓународно ниво се фокусира на унапредување на состојбата на жените и девојките. Во Северна Македонија имаме три програми кои работат на економско зајакнување на жените и девојките и заштита од родово базираното насилство.
Работиме на три програми за економско зајакнување на жените и девојките и заштита од родово базираното насилство.
АЈ: Зборувајќи за културата денес, неизбежно е да се осврнеме на поимот бестселер – позајмен од зоната на економијата, а не од зоната на естетиката. „Кога на обичниот човек ќе му се спомне книжевноста, тој автоматски помислува (речиси како Павлов рефлекс) на лесни сезонски бестселери со милионски тиражи, а не на Шекспир, Сервантес, Данте или Кафка“ (Андоновски). Кога мислите на Шекспир и на Кафка, на што всушност помислувате?
МЛ: Помислувам на големите писатели со моќ да ги придвижуваат луѓето и да ја прикажат комплексноста и универзалноста на битисувањето. Но, искрено, и одличните приказни честопати добро се продаваат. Мислам дека нема ништо лошо во тоа. Ако мене ме прашувате, да беше жив денес Шекспир сигурно би бил фасциниран од квалитетните приказни (и економските можности) што сега ги имаме во другите медиуми, на пример телевизијата. Тој и самиот беше комерцијален писател, кој пред сè знаеше како да ја зголеми својата публика. Да беше жив денес, можеби ќе пишуваше сценарија за БиБиСи или ЕјџБиО!
АЈ: Токму тој, еден од најголемите поети и драматурзи на сите времиња, Шекспир, честопати го третираше стравот како една опасна емотивна стапица. Стравот е најголемата кочница во животот. Со кои стравови во животот сè уште не сте успеале да се изборите?
МЛ: FOMO. The Fear Of Missing Out. Да не пропуштам нешто.
АЈ: Кои романи и филмови морално Ве преродија?
МЛ: Поезијата и писмата на Џон Китс. И филмот „La Grande Belleza“/„Големата убавина“ на Паоло Сорентино.
АЈ: За што сте најмногу љубопитни?
МЛ: Што ја прави уметноста, уметност.
АЈ: Дали сте во тек со македонската култура и уметност? И што би издвоиле од македонската културна трпеза?
МЛ: Ќе бидам искрен, Ана, не многу. Сепак пристигнав пред само неколку месеци. Но, брзо учам. Ете да почнеме со Милчо Манчевски! Јас сум негов голем фан.
На моите деца им велам: Не плашете се од светот. Обидете се да им помогнете на луѓето. Спротивставете се на насилниците.
АЈ: Не растеме кога работите се лесни. Растеме кога во животот сме соочени со предизвици. Успехот понекогаш е резултат на цела серија неуспеси. Постојат ли работи во животот што ги сметате за неуспех?
МЛ: Многу работи, Ана. Но нема многу нешта што не може да се подобрат преку исцрпен разговор со добри пријатели.
АЈ: Големиот холандски сликар, Винсент Ван Гог рекол: „Советот е човечкиот компас“. Какви совети им давате на Вашите деца?
МЛ: На моите деца им велам: Не плашете се од светот. Обидете се да им помогнете на луѓето. Спротивставете се на насилниците.
АЈ: Што ве прави спокоен и среќен?
МЛ: Венеција на студен, ведар ден, рака под рака со Енрика.
АЈ: Во контекст на познатата мисла на Џон Ленон: „Животот е она што ти се случува додека си зафатен правејќи планови“… Како ја инхалирате сегашноста?
МЛ: Со сознанието колку е кревка и скапоцена.
Фотографија: Томислав Георгиев и Огнен Теофиловски