Во текот на 2017 година во рамките на проектот Smart Start кој е кофинансиран од Европската Унија и се спроведува во пет земји: Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција чиј носител за Македонија е Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), десет македонски здруженија на граѓани добија грантови за развој на нивните економски активности.. Разговараме со еден од добитниците на грант, Жармена Божиновска од организацијата „Паблик“, која е издавач на уличното списание „Лице в лице“, во чии рамки беше воспоставена програмата „Лице в лице СЕНС“.Колку време постои, кој е бизнис моделот и како се развива „Лице в лице“?
– Уличното списание „Лице в лице“ постои од септември 2012 година, а излегува еднаш на два месеци.
Целта на нашето социјално претпријатие е економско и социјално зајакнување на ранливи групи сограѓани, преку процес на работна интеграција. Продавачите, (младинци на улица, бездомници, лица со попреченост), освен што го продаваат списанието, вклучени се и во едукативна програма дизајнирана според нивните специфични и индивидуални потреби. Така, од младинци кои се срамеа да пристапат на потенцијалните клиенти, сега имаме самоуверени мажи кои самите си го унапредуваат својот микро бизнис, и чија заработка честопати е и единствен приход во семејството. Имаме и исклучително успешни приказни во делот на решавање предизвици со домувањето, враќање во образовниот процес, описменување…
Со искуството од неколкугодишната работа, сфативме дека е потребен дополнителен импулс за да се зајакнат овие инклузивни и едукативни сегменти и така дојде потребата од „Лице в лице СЕНС“.
-
Која е социјалната компонента и како таа ќе придонесе за општествен и економски развој?
Програмата „Лице в лице СЕНС“ цели да решава предизвици од социјалната сфера давајќи одговор на бесмисленостите и општествените аномалии што ги согледува заедницата. Станува збор за развој на концепт кој преку на продажба на дизајнирани бележници, беџови, букмаркери…развива бизнис модел што решава социјални проблеми. Всушност, програмата е создадена да искреира нова додадена вредност во општеството и од аспект на социјалната димензија, но и од аспект на заштитата на животната средина.
Производите се изработени од рециклирана хартија, и носат автентичен печат на авторите Ване Костураноцв и Зоран Инадески, и за почеток теми во фокус им се: родителство, уметност и промовирање на велосипедизмот како одржлив транспорт.
Во моментов, програмата не остварува профит. Но, планот е, откако ќе се развие, профитот да се намени токму за дополнување и реализација на едукативната програма за продавачите за која низ годиниве тешко се обезбедува одржливост. Затоа, одлучивме дека една ваква дополнителна активност е повеќе од добредојдена, а е и во согласност со нашите стратешки цели за зголемена социјална инклузија на ранливи групи, како и за унапредување на еко системот за социјалните претпријатија во земјава.
- Која ранлива категорија ја адресира оваа организација?
„Лице в лице СЕНС“ во моментов функционира во рамки на долгорочната програма „Лице в лице“, едно од пионерските социјални претпријатија во земјава. Продавачи на списанието се младинци на улица, бездомни лица, лица со попреченост, долгорочно невработени и луѓе кои долг период биле исклучени од пазарот на трудот.
- Какви се реакциите на купувачите?
Програмата ја лансиравме летово. Производите се исклучително внимателно одбрани, целиот процес беше долг и одземаше многу ресурси, но конечниот производ го оправда целиот предизвик. Добивме комплетно одржлив производ – нотеси кои промовираат македонски уметници, теми како: велосипедизам и родителство, и се креирани според принципите на одржливост, односно имаат силна социјална, еколошка и општествена вредност.
Публиката брзо ја препознава идејата која ја претставуваат овие аксесоари и реагира мошне будно и отворено, манифестирајќи задоволство дека добива квалитетен производ и во исто време дава свој придонес во градењето општество во кое секојаима еднакви права и можности за вклучување и дејствување.
Можеби дел од оваа јавност е и онаа која добро ги познава принципите и вредностите на „Лице в лице“, но, исто така, веруваме и дека ќе бидеме креатори, регрутери, преку нашите активности, на нови генерации кои ќе растат и ќе се развиваат со вредности кои ќе значат солидарност, емпатија, поддршка и сензибилизираност за важноста од овозможување инклузија.5. Што ви е потребно како социјално претпријатие во оваа развојна фаза?
За овој период увидовме дека на делот кој што е врзан за е-маркетинг и е-продажба, би можеле посериозно да му се посветиме и развиваме, со цел „Лице в лицеСЕНС“ да има поголема видливост.
Во ова време на дигитална технологија и брз ритам на живеење, неопходно е да поработиме и на достапноста на нашите производи. Но, исто така, веруваме дека силен сојузник и партнер во оваа фаза ќе ни биде и јавноста, затоа што само со заедничко делување можеме да ги оствариме целите кои сите нѐ засегаат.
- Кои се плановите за иднина?
Плановите за иднина, генерално, се ширење на продажната мрежа на нашите производи на македонскиот пазар.
Откако доволно ќе зајакнеме на домашниот и на странските пазари, би планирале зголемување на асортиманот на производи, како и вработување на нашите корисници.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.