ИВАНА ХАЏИВАНОВА
психолог, психотерапевт и супервизор
основачка на „Неокортекс“ – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација
Пишува: Ана Јовковска
AJ: Животот ни се промени радикално! Менталното здравје е многу важен фактор во борбата во оваа здравствена и хумана криза предизвикана од коронавирусот. Стравот, стресот и неизвесноста станаa дел од секојдневниот спектар на нашите емоционални состојби. Па, пред да зборуваме за стручните совети би сакала да ве прашам како сте вие? Како еден психолог и психотерапевт се соочува со новонастанатата ситуација?
ИХ: Cе чувствувам посмирено и поопуштено периодов и „дишам послободно’’ со оглед на значителното подобрување на ситуацијата со коронавирусот и топлото време. Истовремено, морам да признаам дека чувствувам голем замор и исцрпеност, бидејќи од самиот почеток на кризата во центарот работевме континуирано, со максимален капацитет на работната снага на тимот, па со нетрпение се радувам на долгоочекуваниот одмор.
Во однос на моето соочување со стресот целиов период, ќе признаам дека некои месеци беа огромен предизвик и за мене. Иако сум обучен терапевт, пред сè сум само човек. Подеднакво силно го почувствував цунамито од страв за себе и своите блиски и целата егзистенцијална неизвесност. Секако дека стручната едукација и долгогодишна работа на себе ми беа од голема корист, но морам да кажам дека контактот со клиентите и поддршката што им ја давав, истовремено ми помагаше и на мене. Сознанието дека некому сум потребна и дека помагам ми беше голем мотив да издржам и да најдам снага да продолжам напред, да ја одржам надежта.
Иако сум обучен терапевт, пред сè сум само човек. Подеднакво силно го почувствував цунамито од страв за себе и своите блиски и целата егзистенцијална неизвесност.
АЈ: Луѓето се ранливи. Речиси и да не постои човек кој барем еднаш во животот не доживеал емоционална криза или поголем стрес, загуба… некаков тип на траума. Сепак, барањето психолошка помош за некои сè уште претставува табу или срам. Дали пандемиската криза го урна овој стереотип и уште еднаш нè потсети колку сме ранливи?
ИХ: Апсолутно, Ана. Глобалната закана и загрозеноста на физичкото здравје и егзистенција дојде „рака под рака” со голема дестабилизација на менталното здравје. Ни се случи паралелна пандемија на ментални растројства. Луѓето почувствуваа колку се тие тесно поврзани, па тоа помогна да се покачи свесноста за менталното здравје, да се надмине стравот, срамот и стигмата и послободно да се бара стручна помош.
Сознанието дека некому сум потребна и дека помагам ми беше голем мотив да издржам и да најдам снага да продолжам напред, да ја одржам надежта.
АЈ: Допирот, близината, комуникацијата… сите овие насушни човекови потреби ги ставивме „на дистанца“ или „на стоп“. Долгото седење дома затворени меѓу четири ѕида, адаптирањето на новите вонредни услови, а до скоро и рестриктивните мерки придонесуваат во размножувањето на некатарзираните емоции… Сите овие работи нè претвораат во „темпирана бомба“. Дали пандемијата на тест ги стави и љубовните партнерства и бракот?
ИХ: Неможноста да се направи здравата дистанца и растеретување во денот помеѓу партнерите, да се испразнат емоциите и да се задоволат потребите со активности и социјализација надвор од домот, и сето тоа засилено со стравот, загубата на луѓе и лутината којашто е составен дел од тоа, направи големи потешкотии во партнерствата. Истото, за жал се потврди и со податоци за ескалација на бројките за семејно насилство.
Burnout или синдром на прегорување е состојба на емоционална, физичка и ментална исцрпеност предизвикана од прекумерен, долготраен професионален стрес и преработеност.
АЈ: Што претставува состојба на burnout? И кои психолошки совети би им ги дале на жените кои прегореа во оваа пандемија?
ИХ: Burnout или синдром на прегорување е состојба на емоционална, физичка и ментална исцрпеност предизвикана од прекумерен, долготраен професионален стрес и преработеност. Но во поширок контекст, видовме и сериозно и често родителско прегорување во оваа пандемија. Домот одеднаш стана и работно место, градинка и училиште. Затоа, советувам да се искористи периодот на стишување на пандемијата кај нас, топлото време и летниот период за максимален одмор од работа, излез од дома, а накратко и од родителската улога. Препорачувам социјализација, спорт, престој во природа и на воздух, задоволства и добра грижа за себе. Со еден збор – да го задоволиме она што ни недостигаше досега, во рамки на можностите секако. Важно е да знаеме да поставиме граници и да се научиме да кажеме НЕ кога е потребно! Да побараме поголема поддршка од партнерот и поширокото семејството. Да си ја подобриме дневната рутина.
Видовме сериозно и често родителско прегорување во оваа пандемија. Домот одеднаш стана и работно место, градинка и училиште.
АЈ: Неодамна читав ваша статија за неверството. Честа појава е во партнерските релации и истото предизвикува голема емоционална болка. Кај многумина дури прави и дестабилизација на психолошката состојба и рамнотежа. Кои се според вас најчестите причини за неверство и какви типови на неверство постојат?
ИХ: Неверството различно се дефинира од различни луѓе и затоа е добро во партнерствата да се искомуницираат и се дефинираат јасните граници за истото. Причините за неверство се комплексни и многубројни, а најчести се нарушената комуникација, недостиг на внимание, дистанцираност во релацијата, чести конфликти и недоразбирања, хронична борба за моќ, хронично незадоволство и фрустрациии. Честа причина е и лутината и желбата за одмазда и казнување на партнерот, некогаш иницирана од претходно доживеано изневерување. Тука се и монотонијата и потребата за промена, за адреналин и возбуда. Тука се сите фрустрации во сексуалниот и интимниот дел од партнерството. Секако, фактор за неверство е и зрелоста и структурата на личноста со нејзиниот капацитет за поврзување, лојалност и посветеност.
Значи, има повеќе типови на неверство меѓу кои две главни категории се: физичко неверство со сексуален интеркурс и емоционално неверство во кое се создала емоционална поврзаност и покрај нереализиран сексуален контакт со другото лице, каде се создала силна поврзаност и блискост со романтични чувства и фантазии. Неверствата се честа појава и секојдневна причина за почнување на тераписки процес во мојот кабинет. Ги гледам во несреќните бракови, но и во среќните. Некои луѓе успеваат да простат, да надминат и да продолжат, но некои не. Сепак, станува збор за огромен стрес што може да даде трауматски одговор кај личноста што го доживува чувството на предавство, придружен со интензивна анксиозност, депресивност, пад на самодоверба, за кои следи долг и болен емоционален процес со метаболизирање на случувањата.
Најчести причини за неверство се нарушената комуникација, недостиг на внимание, дистанцираност во релацијата, чести конфликти и недоразбирања, хронична борба за моќ, хронично незадоволство и фрустрациии.
АЈ: Што значи пасивно-агресивно однесување и како истото може да се препознае?
ИХ: Пасивно-агресивно однесување вклучува индиректно агресивно дејствување и не-асертивен начин на комуницирање. Личностите со вакви тенденции, често манифестираат отпор и се однесуваат со голема опозиционалност во контактите. Користат критицизам и саркастичност, озборуваат, одложуваат извршување на активности со цел казнување, намерно се неефикасни, прикриено саботираат и се обидуваат да се одмаздат. Тие се повлекуваат со лутина и молк и често делуваат тврдоглаво за околината. Не ги изразуваат негативните чувства и незадоволства на асертивен, отворен и директен начин, и тоа може да биде деструктивно за релациите во сите животни аспекти – партнерство, семејство, работа, социјален круг итн. Но, кога ваквото однесување ќе го забележиме кај себе или кај некој друг треба да имаме разбирање, бидејќи постои комплексна позадина и причини за настанување и манифестирање на ваков тип на однесување.
Низ мојата психотерапевтска пракса, неверства гледам во нереќните бракови, но и во среќните. Станува збор за огромен стрес што може да даде трауматски одговор кај личноста што го доживува чувството на предавство, придружен со интензивна анксиозност, депресивност, пад на самодоверба…
АЈ: Како најчесто ја дефинирате среќата пред вашите клинети во Центарот за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација „Неокортекс“ или уште подобро, што претставува среќа за вас?
ИХ: Секој човек има различна дефиниција за среќа. И секој треба да научи како да биде среќен. Тоа е многу важно зашто често сме неблагодарни за позицијата во која сме, па се освестуваме доцна, дури во мигот кога ќе дојде страданието кое е неизоставен дел од животот. Тогаш сфаќаме дека во суштина дотогаш сме биле среќни. Среќата, за мене, од една страна, е чувството и миговите на позитивно кулминирана возбуда и радост, но од друга страна, во една друга форма ја поврзувам со чувството на мир и задоволство во секојдневието и уживањето во малите работи. Среќа за мене, пред сè, ми е здравјето на телото, како основен предуслов за сè друго. Многу среќна ме прават патувањата по светот и новите животни искуства. Успехот во работата и постигнувањето на целите. Играњето со внукот. Прогресот на клиентите. Совладувањето на предизвици, читање и учење на нови работи. Хедонизмот и дружењето со пријателите. Природата и нејзината убавина. Спортот. Среќа ми е тоа што мирно спијам. Среќна сум што сум се научила себеси денот да не го земам „здраво за готово”, знаејќи ја животната неизвесност и непредвидливост, па се трудам да го ценам секој миг.
Секој човек има различна дефиниција за среќа. И секој треба да научи како да биде среќен. Тоа е важно зашто често сме неблагодарни за позицијата во која сме, па се освестуваме доцна, дури во мигот кога ќе дојде страданието кое е неизоставен дел од животот.
АЈ: Анксиозноста е честа појава особено меѓу помладите. Што всушност претставува оваа состојба и како најчесто се манифестира, односно како да се препознае?
ИХ: Анксиозноста може да се почувствува краткотрајно, транзиторно, но доколку перзистира подолг временски период и симптомите се продлабочат, се манифестира во склоп на анксиозно растројство. Mоже да се опише како една состојба со претерана загриженост кај личноста, чувство на општа возбуденост, лебдечки страв кој често е без очигледен надворешен повод. Непријатно исчекување дека нешто лошо ќе се случи и голем стрес. Се манифестира преку повеќе физички, психички и бихејвиорални симптоми кои се доживуваат како крајно непријатни, особено кога личноста за прв пат се соочува со нив. Личноста со анксиозност чувствува напнатост и се соочува со пад на концентрација и меморија, кои прават тешкотии во учењето и работата, како и во секојдневното функционирање. Многу често се присутни и опсесивни руминации кои водат кон замор и исцрпеност. Сето ова може да е пропратено со телесни симптоми како тешко дишење и глад за воздух, сува уста, забрзана срцева работа, кнедла во грлото и потешкотии во голтањето, потење на телото, чувство на „пеперутки” во стомакот, грчеви во стомакот, трпнење на екстремитети и слично. Однесувањето може да биде избегнувачко, односно лицето со анксиозност да се чувствува најбезбедно само во својот дом, и повеќе да не се чувствува способно да функционира самостојно, поради стравот и несигурноста.
Анксиозноста е многу распространета кај младите, но и кај возрасните, и периодов е дополнително засилена и зачестена поради корона-пандемијата. Препорачувам за истата навремено да се бара стручна помош.
АЈ: Во оваа пандемија голем број луѓе загубија свои блиски. Цели семејства ѝ погледнаа на смртта директно в очи. Работите и со клиенти на кои болката им стана секојдневие. Луѓе кои загубија деца, родители, сопружници, партнери… Незамислива е нивната траума. Што би ни кажеле за овој тежок и комплексен процес на одболување?
ИХ: Низ оваа пандемија, како никогаш досега во мојата пракса, почувствував во душава планини од тага, страдање и болка, сочувствувајќи се со премногу семејства. Загубите за мене како терапевт се најтешкиот тераписки процес за работа. Тие се проследени со најболните чувства што сите ние луѓето, за жал ги доживуваме повеќекратно во нашите животи. Голем број од процесите на загуби беа придружени со шок, изненада, чувство на беспомошност, неможност за директен контакт и простување со својот близок и променети ритуали, што крајно го отежнуваа и така најболниот човечки процес.
Низ оваа пандемија, како никогаш досега во мојата пракса, почувствував во душава планини од тага, страдање и болка, сочувствувајќи се со премногу семејства кои загубија свои блиски. Загубите за мене како терапевт се најтешкиот тераписки процес за работа.
АЈ: Кои се најчестите егзистенцијални прашања (оние што сте ги поттурнувале “под тепихот”) што сега ви излегуваат на површина и бараат искрен одговор од вас?
ИХ: Често се проверувам себеси, а дел од прашањата во мојата глава се:
Дали живеам и дишам со „полни гради”?
Си го користам ли целиот потенцијал?
Можам ли уште послободно да се чувствувам?
Како убаво да допринесам за времето во кое егзистирам?
АЈ: Кои работи ве прават сигурна и спокојна?
ИХ: Сигурна ме прави досегашното животното искуство, вербата и снагите во себе кои после секој животен предизвик ме издигале посилна. Тука е и детерминираноста да надминам сè што животот ќе донесе. Ми помага тоа што знам дека ќе дадам сè од себе, за тоа што е во моја моќ, а тоа што не е – да го прифатам. Во работата сигурна ме прави знаењето и континуираната едукација, минатиот труд и искрената добра намера. И најважно, спокој ми носи поддршката од семејството и пријателите и сознанието дека не сум сама.
Спокој ми носи поддршката од семејството и пријателите и сознанието дека не сум сама.
АЈ: Која е првата реченица со која ги пречекувате луѓето во „Неокортекс“? И која ќе биде последната реченица што ќе им ја упатите на сите коишто го читаат овој наш разговор?
ИХ: Дел од првите реченици при почетниот контакт со клиентите ми се: „Повелете, седнете на каучот. Сè што ќе зборуваме ќе остане меѓу нас, чувствувајте се слободни да споделите” (се смее). Често клиентите се насмевнуваат и велат дека тоа ги потсетува на сцени од филмовите кои досега ги гледале. Првиот контакт на терапевтот со клиентот е многу важен, бидејќие тие на првата сесија чувствуваат голема возбуда. Доаѓаат со некаква потешкотија, која треба да ја споделат со човек кој го гледаат можеби прв пат во животот. Не е лесно да се отвори и соголи душата, да се побара помош – потребна е храброст за тоа. Затоа се трудам максимално да допринесам во креирањето на еден опуштен човечки контакт полн со разбирање, прифаќање, трпеливост и доверба.
Пораката која сакам да ја упатам на крајот од овој разговор е: „Бидете храбри и живејте како што вие посакувате, онака како што автентично ви доаѓа однатре, а не како што другите очекуваат и замислуваат за вас“.
Фотографии: Бојан Стоилковски и приватна архива