Жика Кукуловски е ново име на македонската естрада. Неговата музичка насока е народната музика каде тој се наоѓа целосно и ужива во тоа што го прави. Во моментов има две авторски песни кои публиката имаше можност да ги слушне во изминатиот период.
Жика, Вашата пасија и голема љубов е музиката на која се вративте неодамна. Но, како почнавте?
Колку што можам да се сетам, моите родители го забележале талентот кај мене уште на 5-6 годишна возраст. Во нашиот дом секогаш се слушала македонска народна музика, а јас сум тропал на сè што ќе ми дошло при рака. Најпрво бев запишан во Пионерскиот дом “КАРПОШ” на хармоника, но после една година престанав со овој инструмент, бидејќи ми беше јасно дека не ме исполнува. Најголемата желба ми беше саксофонот.
Што се случи, зошто не продолживте да го изучувате?
Саксофонот ми беше и ми остана неостварена желба. Откако престанав да посетувам часови по хармоника, родителите ме запишаа во нижото музичко училиште ’’Илија Николовски-Луј’’ со надеж дека таму ќе почнам да учам да свирам на саксофон, но за жал имаше само отсек кларинет. Многу бев разочаран во тој момент, но сепак мораше да се одлучам за некој инструмент што го има во училиштето. На крајот се одлучив за ударни инструменти – тапани.
Посакавте ли некогаш да пробате да пеете забавна или можеби да свирите џез музика?
Да бидам искрен мене навистина ми се допаѓа секоја музика што е квалитетна и добра за уво, но за професионално да свирам или да пеам забавна музика – едноставно не се пронаоѓам на тоа поле. Од мали нозе пораснав со народната музика и тоа е она што сакам да го пеам.
Во контекст на претходното прашање, каква музика слушате дома, во автомобил, во слободно време?
Секојдневието ми е исполнето со народната музика, но понекогаш знам да си пуштам и нешто поразлично за своја душа. На пример од странските би ја одвоил Norah Jones, а од нашите, најдобриот и единствен Тоше Проески.
Што се однесува до кариерата и професијата, имавте долга пауза од музиката, 10 – тина години. Беше ли тешко кога се вративте назад?
Па, можам да кажам дека направив долга пауза од оправдани причини, но желбата и љубовта кон музиката никогаш не престана. Во меѓувреме се оженив и станав татко на две дечиња. И еве дури сега по иницијатива на моите блиски и саксoфонистот маестро Јане Рафаиловски, одлучив полека да си запливам во музичките води повторно. Сепак ќе речам дека ништо не е тешко ако се работи со љубов и голема желба. Секој може да биде доволно упорен за да ги оствари своите соништа.
Во моментов настапувате соло. Колку сте задоволен од одзивот на публиката, дали мислите дека ќе Ви беше поедноставно доколку бевте дел од група?
Мислам дека сеуште е рано да оценам дали сум задоволен или не од одзивот на публиката. На музиката досега не стигнав да и дадам ниту пола од себе и имам чувство дека сме неискажани еден кон друг. Со оглед на тоа дека сум многу кратко на нашата естрада, имам уште многу планови и проекти кои треба да ги реализирам во иднина. Тоа што посебно ме радува е што моите две песни се вртат по нашите медиуми и добро котираат на фолк листите.
Имате две песни, едната ја испеавте на Фолк фест “Роса” минатата година, а пред два месецa ја снимивте и втората песна. Кажете ни повеќе за тоа..
Токму така, песната со наслов “Крштевка” беше моето првенче и ми е посебно драга. Текстот го напишав јас, музиката маестро Јане Рафаиловски, а аранжманот Бобан Мојсовски. Посебна желба ми беше да настапам на “РОСА ФЕСТ”, бидејќи од овој фестивал се раѓаат едни од најголемите хитови на нашата естрада. Неодамна ја снимив и втората песна со наслов “Нема да се сменам” за која повторно се јавува истиот авторски тим. Најново е тоа што сега сум во преговори со продукцијата АРТ СТУДИО и г-динот Дејан Ѓоргиев за мојот прв видео запис за најновата песна. Двете песни се убави и весели и искрено се надевам дека ќе допрат до слушателите на македонската народна музика.
За крај, како го поминувате слободното време, како Ви е исполнето?
По природа сум многу позитивен, ведар, хумористичен, оптимист и секогаш слободното време го користам за дружење со семејството и најблиските пријатели. Едноставно умеам да ги исполнувам сите со позитивна енергија. Јас сум најсреќен кога луѓето околу мене се среќни и исполнети.
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.