Вики Чадиковска е медиумски лик кој е многу добро познат кај нас. Во моментов е на позиција маркетинг координатор во Државна видеолотарија на Македонија. Личност која е секогаш полна со позитивна енергија, подготвена да помогне, весела и насмеана. Со неа разговаравме за нејзините почетоци во медиумскиот свет, за развојот на кариерата, за моменталната состојба на медиумите кај нас и за приватниот живот.
Вики, Вие сте една од ретките јавни личности која е присутна во македонските медиуми, речиси од формирањето на истите. Како се чувствувате, дали верувате дека поминало толку време?
Уф, кога ќе си размисли човек дека три и пол децении е многу време, да изгледа долго. Јас сум радио човече од дете. Сепак, целиот овој период ми изгледа краток веројатно поради сите убавини, прекрасната енергија, еланот со кој се работеше. Да бидам искрена, денес имам впечаток дека приказните со работа во медиуми не се исти како некогаш. Нема толкава посветеност.
Вашите почетоци како радио водител се во радио Охрид. Како се случи првиот контакт со овој медиум?
Татко ми имаше убаво хоби. Повремено. Работеше како новинар. Се сеќавам дека на 5 години ме однесе во радио Охрид. Јас дотогаш мислев дека радиото е кутија во која има мали човечиња, веројатно како и скоро сите деца во тоа време. Кога влегов таму, видов дека тоа не е кутија, туку едно прекрасно место. Бев воодушевена од лентите, техниката, целата атмосфера таму. Ми дадоа да читам нешто на микрофон. Им се допадна. Љубовта беше взаемна. На прв поглед. И се уште трае. Бев дел од младинската програма на ова прекрасно радио, кое за жал од годинава веќе не постои. Она што го совладав тука е правилниот говор и односот со микрофон. Татко ми инсистираше да зборувам литературно, да внимавам на дикцијата… нешта кои во денешно време не можам да ги пронајдам или се ретки низ медиумите.
![](http://hybread.mk/wp-content/uploads/2016/08/DSC_0026-1__1472207964_77.29.143.160.jpg)
Потоа следува ангажманот во друго радио, за потоа да ‘станете’ Вики радио Уно, а имам впечаток дека дел од луѓето се уште Ве знаат под ова име. Тоа Ви отвори пат и кон други ангажмани. Раскажете ни повеќе за овој период…
По радио Охрид следеше радио ЕмСиБИ во Охрид, каде работев со прекрасна екипа, па радио Унофорте, од каде се случи трансферот во радио Уно. Тоа радио беше расадник на многу скопски радија. Радио Уно беше посебна љубов. И да, многумина се уште во своите телефони ми имаат како Вики радио Уно 🙂
Радио Уно беше урбано радио со фантастична екипа. Во тоа време немаше Интернет. Емисиите се правеа на различен начин. Ние бевме буквално внесени во филмот да бидеме пријатели на слушателите, цело време. Благодарение на радио Уно се случија многу убави нешта во мојот живот. Па дури и мојата љубов, мојот сегашен живот, на некој начин е плод на сето она што ми го овозможи ова прекрасно радио, кое денес е Клуб фм.
![19577_1310726804182_1129522_n](http://hybread.mk/wp-content/uploads/2016/08/19577_1310726804182_1129522_n.jpg)
Телевизијата е уште еден медиум кој не ви е туѓ, напротив имате големо искуство. Кој беше Вашиот прв ангажман на ТВ, како изгледаше сето тоа и како го доживувате од денешна гледна точка?
Мојот прв телевизиски ангажман на телевизија беше на приватна регионална телевизија, која веќе не постои. Потоа ми беше отворена вратата во А1. Тој медиум е дефинитивно најубавиот медиум во Македонија. Во секоја смисла на зборот. Имав простор, благодарение на одделни проекти, меѓу нив и мојот авторски музички магазин „Музика на струја“, да бидам и во Канал 5, Телма, Сител. Сепак А1 е посебна приказна. Таква енергија нема во ниеден друг медиум. И не верувам дека ќе има. Ми беше убаво кога станував во 4 наутро, да се подготвам за “Раноден”, ми беше убаво кога со мојот глас требаше да ги најавам емисиите или филмовите и сериите кои гледачите ќе можеа да ги следат, ми беше убаво да коментирам избор на Мис или “И Јас имам талент”, ми беше убаво кога бев дел од “Слатка камера” или кога ја подготвувавме детската емисија “Лилипут”…
![10991101_10204954373635003_2817031049556631973_n__1472208088_77.29.143.160](http://hybread.mk/wp-content/uploads/2016/08/10991101_10204954373635003_2817031049556631973_n__1472208088_77.29.143.160.jpg)
Секое искуство беше новина која го надополнуваше знаењето. Често посакувам повторно да се врати ова. Посебно ми е криво за екипата со која се реализираше “Раноден”. Сите бевме ептен погодени, како еден убав мозаик со точно распределени парченца на вистински позиции. Со Един бевме одличен тандем, Владо ни беше супер координатор, режисерот, камерманите, техника, сниматели, новинари… Сè беше како под конец. Се уште ја чувствувам убавината. Емоциите од тоа време се се уште интензивни. Тоа веројатно се должи на енергијата која во тој медиум ја носеше сопственикот на телевизијата – Велија Рамковски. Мислам дека тој беше алката на љубовта кон медиумот која не врзуваше сите, да бидеме на екраните, да бидеме со гледачите, да им го дадеме она што им треба, да им помогнеме кога им е тешко, да бидеме во постојана врска.
По Сити Радио, преминувате во Метрополис радио мрежа, национален медиум каде се уште фунцкионирате и сте дел од екипата преку емисијата “Светот во 4″…
Во Сити радио бев од самиот почеток. Јас бев дел од луѓето кои го поставија костурот, душата на неговата фреквенција. Сите тогаш се предадовме несебично. Резултатите се забележуваат сега.
По мојата бременост, мајчинството донесе нови обврски, слатки 🙂 Немав баби и дедовци како редовен сервис за помош. Не сакав да се одлучам за градинка. Сакав првите години да бидам најприсутна во создавањето на личноста на тоа мое мало прекрасно човече. Токму и затоа, ја напуштив утринската програма на Сити радио. Станав „парче“ од програмата на Метрополис радио. Пладневниот термин од 16ч во „Светот во 4“ ми одговараше најмногу. Се уште е така. Се надевам ќе биде уште долго. Метрополис е успешна радио приказна. Со прекрасни млади луѓе полни со енергија кои одлично ги анимираат слушателите. И тука има убави мигови вредни за паметење. Се сеќавам на следново: бев бремена. Требаше да се породам. Петар Ѓошев ми се јави и вика: Вики, вечер треба да коментираме пренос на Канал 5 од Метрополис. Јас викам, нема да можам, се пораѓам. Е ако де. Час и половина ќе трае сè, ми одговара тој. 🙂 Ех, убави моменти.
![collage](http://hybread.mk/wp-content/uploads/2016/08/collage-5.jpg)
Во моментов сте на позиција маркетинг координатор во Државна видеолотарија на Македонија. Како се случи промената на професионален план?
Директорот на Државна Видеолотарија, Дане Кузмановски ме покани да бидам дел од оваа убава екипа. Маркетингот е мојата љубов на која и беа посветени и моите студии. Конечно, имам фантастична прилика да го покажам она што го знам. Предизвикот е голем. Морам да споменам дека оваа професија заедно со информатиката се едни од најзначајните, кои ќе го одбележат 21 век. Се надевам, ќе успееме да го следиме светскиот тренд и да го прилагодиме на пазарот кај нас. Ова посебно во полето на онлајн и офлајн игрите на среќа.
![DSC_2727__1472208055_77.29.143.160](http://hybread.mk/wp-content/uploads/2016/08/DSC_2727__1472208055_77.29.143.160.jpg)
Со Вашиот константен професионален ангажман, ја следите работата на медиумите. Кој е Вашиот став за нив?
Искрено, медиумите во Македонија стасаат до најслабата етапа. Критериумите се паднати. Професионализмот се изгуби. Предизвикот да се биде објективен, да се работи, да се истражи за да се стаса до вистината, темелите на вистинското новинарство, некако се изгубија кај нас. Станавме „преземи и копирај“, наместо дознај, откриј и истражи. Ја нема онаа енергична нишка која ги спојуваше колегите од медиумите. Чинам дека вака поделени и осамени никогаш порано не сме биле. Ја нема дружељубивоста која во некои времиња беше карактеристика на новинарите. Имаше едно убаво време кога сите од настан, во паузата од работа се дружевме и пиевме кафе. Тоа го нема, а како факт, само по себе зборува за тоа, каква е оваа ситуација. Плус, расте недовербата на публиката во медиумите. Тоа е дефинитивно момент кој треба сите да го разгледаме како почетен, за да го совладаме вирусот кој ги нападна медиумите.
![Приватна архива](http://hybread.mk/wp-content/uploads/2016/08/IMG_7954__1472208023_77.29.143.160.jpg)
Настрана од работата, како се опуштате, како сакате да го поминувате слободното време?
Сакам да уживам со семејството. Сакам да градиме Лего фигури со син ми. Сакам да шетам или да возам велосипед со сопругот. Често го посетуваме Охрид. Знаеме да шетаме низ Македонија. Сакам да читам или едноставно да го правам она за што немам време кога обврските ме демнат. Да одам на сладолед со другарките. Да гледаме филм или добра серија со семејството. Да си зборуваме за животните со Дарин. Сакам да бидам Вики со Дарин, Деница и Младен.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.
Discussion about this post