Личност која плени со својата убавина, успешна жена и мајка која зад себе има кариера која е за почит, една од првите манекенки во Македонија. Со неа разговаравме за професионалните почетоци, кариерата денес, но и приватниот живот во кој таа е сопруга и мајка на две деца.
Ве доживуваат како една од најубавите жени на Балканот. Што значи за вас ваквата перцепција на јавноста и која е вашата дефиниција за убавина?
Ви благодарам за убавите зборови… Секако дека ми годи. Секоја жена е убава на свој начин. За мене не постои неубава жена, туку пред сè негувана и помалку негувана. А кога зборуваме за убавина, секако дека се мисли на сите квалитети кои жената ги поседува и ги зрачи одвнатре надополнети и со надворешната убавина.
Би сакале да ве вратиме во времето. Кога и како се случија вашите први чекори во светот на модата? Што чувствувавте тогаш?
Како и секоја тинејџерка сонував да зачекорам на модните писти, да се најдам на насловна страница и да бидам дел од некој престижен избор на убавина. И се разбира ми се оствари и тој сон. За прв пат на мои 18 години учествував на избор за убавина, Мис на Македонија. Тоа ми беше еден вид отскочната даска во мојата кариера. Запознав луѓе кои ми ги отворија вратите во светот на модата. Иако ќе кажам дека тоа време беше многу потешко за разлика од сега, бидејќи тоа време кај нас не постоеја модни агенции, туку самите се грижевме околу нашите ангажмани. Имам учествувано и освојувано многу титули на изборите за убавина, особено на интернационалните, каде што навистина бев горда како амбасадор на македонската убавина.
Со сопругот сте долги години во брак. Која е формулата за успешен брак? Како да се зачува бракот на славни личности од жолтиот печат и трачевите?
Со Мики се запознавме токму на модна ревија. Заедно работевме. Уште од самиот почеток на нашата љубов, најискрено си помагавме и си ги кажувавме своите недостатоци доколку ги имаше.Така функционираме и сега во однос на работата. Убаво е кога сме и двајцата во иста бранша и мислам дека кога едниот не би го работел истото(бидејќи оваа работа е специфична) можеби би имало повеќе проблеми. Жолтиот печат го прифативме како дел од нашата работа и мора да е присутен, но сепак во граници на нормалата. Меѓусебното разбирање, љубовта, почитта, толеранцијата се и двигатели на нашата долгогодишна љубов, а како плод на тоа се и нашите две принцези Моника и Нина.
Каква е модната сцена во Македонија, сметате дека нешто и недостига?
Недостасуваат модни случувања, ревии. Зборувам на модни случувања од нашето време, кои навистина беа спектакл. Кога беа посетени од илјадници луѓе, кога се бараше влезница плус на и кои навистина имаше што да се види. Сега некако го нема тоа. Го нема тој дух. Сè е сведено некако колку да помине. Дизајнери имаме, иако ќе кажам дека вистинските можат на прсти да се избројат. Но, со оглед на тоа колкава држава сме, во тој поглед одлични сме.
Ја следите ли работата на македонските дизајнери, имате ли омилени?
Нормално, скоро со сите и соработуваме. Тука би ги издвоила Секирарски, Сека Радончиќ, Елизабет со кои долги години работиме, потоа Мила Кадриу, Лидија Георгиева…да не ми замерат и останатите.
Кои се странските брендови во кои сте вљубена?
Отсекогаш ги обожавам свечените тоалети на Валентино, како и екстравагантните модели на Кавали.
Ако би требало да го дефинирате вашиот карактер со само 3 зборови, тие би биле…
Храбра, амбициозна и одлучна.
Вашата работа вклучува и многу патувања. Која е најдобрата дестинација која сте ја посетиле?
Сум патувала насекаде низ светот, но сепак ќе кажам дека не е важно каде сте, туку со кого сте. Кога сум на места со моите најблиски, со луѓето што ги сакам, секаде ми е убаво. Но, кога веќе би морала да изберам, тоа би била земјата Русија од каде што и потекнувам.
Кои лекции би сакале да им ги предадете на вашите деца?
Пред сè да веруваат во себе и во тоа што го прават во животот. Да бидат подготвени на секакви препреки, а и успеси кои ги носи животот. Се разбира, ние сме тука како родители да ги подржуваме и да ги советуваме да го изберат вистинскиот пат.
Светлана, на што во животот сте најгорди, кое Вашето мастер дело?
Најгорда сум на тоа што имам прекрасно семејство, прекрасен сопруг и се разбира гордоста наша, Моника и Нина. Тука е и мојот остварлив сон, а тоа е успехот за сè она што го работам во светот на модата, и како модел, а сега и преку нашето Модно студио Црнокрак.
Подготвија: Билјана Настеска – Каланоска и Маја Кузмановска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот