Разговорот со Тања го направивме после претставата “Петар Пан”во нејзината матична куќа Театарот за деца и младинци во Скопје. Тања како и секогаш беше расположена, непосредна, отворена за комуникација и професионална до крај. Зборувавме за тоа што прави во периодов, за нејзините желби и планови, за семејството…Впрочем, кога зборувате со пријател, комуникацијата оди лесно.
Тања што се случува со тебе во моментов или да бидам поконкретна што е актуелно каде сè те има?
Претставата која штотуку ја одигравме “Петар Пан” имаше премиера пред Нова година, претходно беше премиерата на “Чикаго”, сега во моментов работам кај Саша Морфов во Македонскиот народен театар, односно кастингот се уште трае. Од останатите обврски – снимам, синхронизирам, во план е да се снима реклама со Сашко Коцев.
Ние жените по природа сме мултитаскинг, но сепак сакам да те прашам – како успеваш да стигнеш со сите обврски?
Морам и се обидувам сè да завршам на време. Денот најчесто ми изгледа вака: станувам наутро, обавезно пред проба доаѓам во театар час и половина претходно, да се релаксирам, да пијам кафе, да дишам театарски воздух. Потоа ми почнува проба, а по завршувањето доаѓам овде, играм претстава. Ако пробата ми трае пократко, во тој случај ги снимам синхронизациите и се така по ред. Генерално се обидувам да се движам по некој распоред кој ќе одговара на сите.
Ја спомена премиерата на мјузиклот “Чикаго”. Како течеа подготовките, како беше на пробите – кое беше чувството на првата премиера? Те прашувам бидејќи мислам дека тоа е твојата природна средина…
Супер беше. Тоа е жанр кој мене ми прилега, тоа мој жанр. Но, со оглед на фактот дека не сум пеела одамна ми беше малку чудно, се прашував како ќе биде, што ќе биде бидејќи за се што не си го правел долго време ти треба период на адаптација и потсетување. Ако не си возел велосипед долго време и сега се обидеш повторно, ќе ти треба време да го најдеш балансот, средината. На крај сè излезе како што треба. На премиерата тоа чувство го немаше, но од друга страна самиот настап те исцрпува, даваш дел од себе, остаруваш за неколку години. Нашата професија е таква, после секоја претстава си изморен, но си ја сакаш работата.
Неделата ти е преполна со обврски, активна си 24/7. Кога доаѓа викенд, како се релаксираш?
Најчесто немам слободни викенди. Се случува понекогаш да имам еден ден од викендот слободен бидејќи имаме претстави токму тие денови. Обично понеделник ми е слободен ден, но и тука има отстапки кога работам други претстави. Ми недостига да си посветам внимание на себе, на своето здравје со кое плаќам за напорот. Класични одмори немаме, плус со мојот сопруг Предраг заедно работиме на претстави така што класичните одмори се невозможни.
Кога последен пат беше на одмор?
Летоска. Но, јас сум човек кој ја сака зимата многу повеќе од летото. Родена сум во зима и можеби затоа ми е омилено годишно време. Божиќ ми е омилен празник. Затоа, сакам да имам куќа на планина која ќе ја накитам најубаво на свет и ќе биде како од филм, од бајка.
Дали тоа ти е идеалното место за живеење?
Не. Јас не можам да издржам толку време на едно место. Но тоа е место каде би си дала оддишка седум дена на пример. Би сакала празниците, конкретно Божиќните да си ги поминувам на тој начин. Некогаш семејно, некогаш со пријатели.
Со Предраг работите заедно долги години во театарот, како е да се работи со сопруг?
Досадно е да се работи со сопругот, тоа секој ќе го потврди. Проблемите од работа ги носиме дома, но знаеш што е позитивна работа во нашиот брак? Ние функционираме на друг начин. Не го склопивме бракот на основа на поседување на другиот. Не. Ние не сакаме да манипулираме со нечиј живот. Двајцата сме дошле со некој минат живот и сме стапиле во брак многу свесно. Ниту еден од нас нема право на животот на другиот, ние си имаме приватен живот независно еден од друг. Никогаш не сме се прашале “Каде одиш, со кого, каде беше и зошто”. Ние сме заедно на многу интересен начин, веројатно затоа и врската ни функционира одлично.
Како си помагате дома еден на друг, ако има потреба од тоа секако?
Ако сега отидам дома и им кажам дека треба да отпатувам некаде на еден месец, јас имам организација за еден саат. Јас се пакувам, Предраг ги завршува техничките работи, децата помагаат со нешто друго и ме испраќаат на пат.
Како родител сигурно постојано се обидуваш да ги научиш децата да бидат човечни, да излезат на вистинскиот пат, иако се веќе возрасни, сепак учењето нема никогаш да престане. Што е тоа што сакаш да има остане како лекција од тебе?
Јас ги воспитувам децата на многу специфичен начин. Кај мене нема “децата се мали не разбираат ништо”. За мене тие се единки, откако ќе се родат тие имаат живот. Да, се дел од мене, но се формираат во личности. Моите деца од мали ги седнував на маса и со отворени карти секогаш разговаравме. Без разлика дали станувало збор за меѓу човечки односи, за работни односи или пак релација мајка-дете. Кога беа мали никогаш не дозволував да се размазат. До ден денес ми го знаат погледот, имаат стравопочит. Јас сум личност која дозволува сè, разговараме за сè, но мора да има граница и да да се почитува родителот. Како што јас нив ги почитувам, барам и тие мене да ме почитуваат назад. Сите прават грешки, така и тие. Штом направат ми кажуваат мене, бараат совет, дали било првата љубов или првиот сексуален однос, затоа што се веќе големи, сè поминува преку мене. Сите ние ги кажуваме отворено проблемите дома. Нема криење и ќутење пред децата. Тие треба да знаат сè. И ако јас како родител имам проблем, тогаш седнувам и разговарам со нив. Ги прашувам за мислење, сакам да ме поучат за нешто, што тие мислат за некој мој проблем. Постапка која луѓето од страна ми ја критикуваат, но едно можам да кажам: моите деца ми давале подобри совети од кој било друг од страна. Тие учествуваат во секој аспект од нашите животи, секогаш се дел од процесот, а кога ќе прифатиме нивна сугестија тогаш се најгорди на свет, два лебеда. Ги учам на сите луѓе да гледаат еднакво без разлика на сè. Секогаш им ги објаснувам детално работите за да нема недоразбирања и нејаснотии. Нела и Александар се многу емотивни деца кои сакаат да помагаат, а јас како родител сум многу горда.
Врската меѓу сестри е посебна, нешто за кое се согласуваат многумина. Дали некогаш со Лидија посакувавте да имате брат или си бевте доволни една на друга?
Сакавме во еден период да имаме брат или сестра, да, но ете тоа не беше возможно да се оствари. Јас и Лидија сме 9 години разлика и додека се роди таа заради обврските на моите родители кои патуваа постојано голем дел од времето го поминував со тетка ми. Кога пораснав малку повеќе и Лидија беше веќе родена, практично одговорноста за неа ја имав јас. И бев како мајка, а таа мајчинска грижа јас и ден денес ја чувствувам кон неа.
Што не можеш да поднесеш во животот?
Не можам да поднесам лицемерие, дволичност, лажење…Не зборувам за оние бели лаги кои никому не му штетат, но другите намерни лаги страшно ми сметаат.
Реагираш ли во такви ситуации?
Јас многу се плашам од себе. Знам да толерирам многу, меѓутоа кога ќе се налутам сама од себе бегам.Не ги сакам таквите ситуации оти знам и навредливи зборови да упатам, да навредам и мислам дека нема повеќе да прозборам со таа личност. А се расправам со луѓе кои навистина ја прелеале чашата и кои се злобни.
Да те навратам на професијата, на твојата љубов – пеењето. Ти си уметник кој е присутен во јавноста со години, професионалец во секоја смисла чии мислења и тоа како се важни. Кажи ми, што е тоа што недостига на естрадата денес, а го имало во минатото?
Јас на ова прашање не знам како да одговорам. Само знам дека порано имаше песни и секоја песна беше сама за себе хит. Веројатно се поместени критериумите, но кон полошо. Само за споредба, песната на Драган Мијалковски “223 305” каде е кажан само еден број, е песна која живее со години. Денес тоа го нема. Во времето кога јас активно бев на сцената, 80% од песните беа хитови, а сега е обратно.
За крај, каде се гледаш за 10 години од сега?
Искрено јас не знам утре што ќе ми се случи. Не можам да планирам оти многу се плашам од планови. Неколку пати сум планирала во животот и тоа било прекинато со болест и неубави работи. Затоа сакам да научам да живеам од денес за утре. Мир имам само кога сум со децата и кога ќе дојдат и ќе ме гушнат, кога гледам дека нив им е убаво. Си посакувам да имам душевен мир постојано. А се гледам себеси како го остварувам тоа како пензионер на море во Хрватска. Тоа е земјата каде што сум растела како мала, приморјето е дел од мене, повеќето мои блиски пријатели се таму. Веројатно мојот прв живот бил таму. Дај Боже да ми се оствари.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.