Утревечер во “Метрополис” aрената во Скопје ќе се случува големиот концерт на Дуке Бојаџиев со пријателите насловен како “Дуке и пријателите”. Ова ќе биде прв концерт на Дуке со најголем број гости после успешниот концерт во „Карнеги Хол“ во Њујорк. На еден ден пред неговиот голем настап, ние разговаравме со него токму за концертот, неговите настапи и идните планови.
Како се чувствуваш пред утрешниот голем концерт кој те очекува во Метрополис Арената во Скопје. Иако не е првпат,сепак, дали си возбуден заради фактот што ќе настапуваш пред твојата публика?
Кога настапувам во Македонија се чувствувам како пред своја фамилија и имам посебен наплив на возбуда. Тука сум пораснал и сум станал она што сум денес. Чувствувам некој вид на морална и духовна должност да го споделам она што го работам на интернационалната сцена и со домашната публика, која мислам дека најдлабоко од било која публика на светот може да ја почувствува сржта на мојата искрена музичка порака.
“Сон.Верба.Љубов” е универзален проект кој помина одлично кај публиката. Сметаш ли дека има потреба да се стави крај или можеби само да промени форма?
„Сон.Верба.Љубов.“ е приказна која не може да се заокружи, туку постојано ќе еволуира во нешто ново. Концертот во Метрополис арена ке биде 10ти по ред од овој циклус кој го започнав минатиот февруари. Започна со концерт со Македонската Филхармонија на кој му следеа изведби во Скопје, Битола, Велес, Охрид, Рим и Њујорк, секаде во полни сали. Настапив во различни постави, од дует (пијано и кларинет) до цела филхармонија и во сите комбинации ефектот беше ист, едно убаво духовно патување кое те носи вон времето и просторот. Истите импресии ги слушнав како од македонските така и од странските слушатели, што ја потврдува универзалноста на проектот, кој иако проткаен со македонски фолклор сепак е спакуван во една мултикултурна форма која срцето ја препознава.
Живееш надвор од Македонија веќе 17 години, замина откако заврши Медицински факултет. Како ги спои овие две работи: медицината и музиката, или не ги спои –само најде друг пат?
Во Македонија завршив Медицински факултет, а паралелно се усовршив како композитор и продуцент. Се најдов на голема раскрсница на животот од која нема враќање и тргнав каде инстинктите ме носеа.
Да бидеш родител е како да си ја исполнил цела душа. Дали се чувствуваш поинаку откако на свет дојде твојот син?
Мојот син ми го смени животот на внатрешно ниво, таа радост кога ке го видам Тео не се опишува. Секое утро. Инспирација. Се трудам да учам од него, сите оние убави детски навики што често ги забораваме понатаму низ животот.
Кога и со што ќе може да те види и слушне македонската публика следен пат ?
Моментално покрај овој проект, привршувам и со работата за музиката на филмот на хрватскиот режисер Рајко Грлиќ. Тоа треба да заврши кон крајот на март, а потоа ќе имам малку време и за одмор. Што ќе следи понатаму ќе се каже кога ќе дојде време.
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Авалон продукција
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.