Дaрко Багески е музичар кој е роден во Скопје, а својата кариера паралелно ја гради надвор од Македонија. Моментално е вработен како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со својата сопруга Татјана љубезно не примија во удобноста на нивниот дом, каде разговаравме повеќе за неговата кариера, за почетоците, школувањето и приватниот живот.
Како започна Вашата животна приказна за љубовта кон гитарата? Се сеќавате ли на првата композиција што ја научивте да ја свирите?
Првата гитара ми била подарена за мојот прв роденден од моите родители што е малку чудно за дете од една година, но на некој начин тој подарок ми ја одредил мојата животна професија. Мојот дедо Томо, ми ја подарил првата музичка енциклопедија и внатре напишал “Нека животот ти биде убав како што е убава и музиката”. Јас растев во семејство каде мајка ми е правник, адвокат, татко ми е професор по физичко образование, но тоа беше семејство кое многу ја сакаше природата, растев со многу книги, многу музика и многу спорт. Тие четири работи некако ми доминираат во целата таа животна приказна од детството. Постојано планинаревме, а се сеќавам дека околу мене имаше константна присустност на музичари и спортисти. Јас растев во тој спортско-музички дух.
Една од првите композиции која што ја научив и ми беше желба да ја научам беше познатата “Љубовна романса” од непознат автор која е многу позната тема, ја има дури и во филмот “Титаник”.
Кога децата почнуваат да свират, обично тоа е на 7-8 годишна возраст, а се почнува со со мали вежби за лева и десна рака, позиција на тело, седење, начин на дишење, додека полека полека не се дојде до една цела композиција. Композицијата која што тогаш ја научив беше од познатиот Јован Јовичиќ, од чии книги учевме.
При почетоците, како се привикнувавте на подолгите нокти кои ги имаат класичните гитаристи, беше ли тешко?
Беше(се смее) и се уште е тешко. Тогаш морав да се откажам од некои спортови како на пример уличен баскет, но до седмо, осмо одделение се уште бев упорен во врска со тоа и не бев толку посветен на вежбањето професионално. Но, кога дојде периодот на средно училиште, а потоа и студиите почнав поинаку да пристапувам на работите. Сфатив дека спортовите како пливање, планинарење, возење велосипед и пинг-понг се безопасни за музичарите, а воедно го хранат и духот.
Работите и како професор. Каде се чувствувате поисполнето, на сцена или во кабинет со студентите?
Како професор работам од 2007 година. Искрено да ви кажам, уживам и во педагогијата и во свирењето. Чувствувам дека не би бил комлетен ако сето знаење што го имам не успеам прво да го применам на себеси, а потоа да го пренесам на студентите. Првичното знаење за класична гитара го добив најнапред во нижото и средното музичко училиште во Скопје, во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”, во класата на проф. Јане Пенов. Матурирав во средното музичко училиште “Павао Марковац” во Загреб, Хрватска, во класата на професорот Џевдет Сахатџија.
Студиите ги продолжив на Високата школа за музика “Франц Лист“ во Вајмар, градот на уметниците во Германија, во класата на професорката Кристиане Шпаноф, а дипломирав во класата на професорот Јурген Рост. Потоа три години студирав постдипломски студии на Државниот Конзерваториум за музика во Солун – Грција, во класата на професор Герхард Рајхенбах, а магистрирав во класата на професорот Костас Коциолис.
Каков сте како професор?
Тоа би требало студентите да Ви кажат. Мојот пристап се трудам секогаш да биде пријателски, но строг. Моите студенти знаат да го ценат бидејќи јас сум отворен кон сите нивни прашања и дилеми кои ги имаат заради различни животни случувања. Јас сум личност која не сака да биде себична во своето знаење, затоа инсистирам да доаѓаат на фестивалите каде што настапувам. Тоа е се заради нивниот личен пристап и контактите кои ќе имаат можност да ги воспостават со другите професори. Тоа се колеги кои се повозрасни и поискусни од мене и јас сметам дека кај секој човек има простор за надградба. Сметам дека јас сум во години каде што можам да се надградувам и едуцирам на полето на музиката. Затоа сметам дека и моите студенти треба да размислуваат на тој начин. Веројатно затоа и ја ценат нашата врска уште повеќе. Секогаш сакам да имаат однос кон мене како кон своите родители. Тоа всушност е дел од педагошката работа.
Пропатувавте низ светот презентирајќи го сопствениот талент прераскажан на жиците од гитарата. Како успевате да ги менаџирате настапите и колку е тешко да се дојде до контактите од вистинските луѓе?
Контактите се највредното нешто кое го добив од странство, покрај знаењето секако. Независноста е уште една предност која се добива кога една личност живее надвор од својата земја. Тоа е вложување во себе. Потребно е да се излезе надвор и да се види до кое ниво напреднале работите од областа во која работите. Бара многу откажувања, некои тоа би го нарекле жртви, меѓутоа јас сметам дека тоа е одрекување во име на љубовта кон професијата која сте ја одбрале.
Но, многу од овие работи не би биле возможни и би ги доживел уште потешко ако ја немав поддршката од моето семејство, односно од мојата сопруга и од нашите родители. Една од најубавите работи во животот ми се случи неодамна, се оженив, имам сопруга Татјана, љубовта на мојот живот и добивме син, Ведран. Дополнителна инспирација и поддршка која ми дава сила.
Секој уметник мора да се развива и да работи на себе. Потребно е како што споменав и погоре, да вложува во себе, а во мојата професија тоа би значело да биде што почесто дел од светски фестивали каде настапуваат познати и признати светски имиња од музиката. Се сеќавам, на еден разговор со Влатко Стефановски, кој го сметам за мој драг колега и го почитувам како еден најеминентните гитаристи воопшто, ми рече дека сето ова е како едно дрво, прво расте една гранка, па на таа гранка уште една расте и така натака. Тоа се всушност фестивалите. Ќе отидете ќе ве слушнат, ако има квалитет, сигурно некој друг ќе ве викне, ќе ве препорача, ќе направите размена со некој квалитетен колега. На тој начин се случија многу од концертите и контактите.
Сакам да напоменам дека моите концерти надвор од земјава се поткрепени од Министерството за култура на Република Македонија, кое досега на сите мои проекти безрезервно одговори. Инаку свирев во Њујорк, Тајпеј, Бугарија, Хрватска, Србија Германија, Шведска и Италија.
За разлика од странските музички гости, македонската публика не често може да погледне концерти со македонски класични гитаристи и филхармонијата. Зошто е тоа така, има ли публика за Вашата музика овде?
Верувам дека има, но јас не ја знам идната моќ на публиката во Македонија. Постои простор, не само тоа туку има и интерес и прогрес во контекст на тоа што се случува на полето на класична гитара. Но, не сум сигурен колку институциите, освен Министерството за култура, се подготвени и сакаат да ангажираат уметник од таков ранг за некоја изложба, за некоја промоција од книга, за културно лето. Организаторите бараат да викнат некој што народот го знае. Тоа што на народот му се пласира, тоа слуша.
Кој стил на музика најмногу сакате да го изведувате, музика од модерни композитори, барокни дела, класицизам, виртуозни композиции?
На моите концерти јас имам различна програма, а и генерално ретки се тие што свират во еден правец. Што се однесува до мојата професорска работа, Јохан Себастијан – Бах е татко на музиката, тој е неминовен и затоа еднаш годишно го има на сите испити. Во програмата имаме јужноамериканска, шпанска музика, танго, аргентинска, бразилска, класична, барокна, унграска, балканска…Музиката е универзален јазик.
Имате ли некој ритуал пред настап?
Имам ритуал кој што трае повеќе недели. Јас го нарекувам карантин. Сакам да се опуштам, сакам да излезам во кафеана, сакам добра храна, сакам да бидам со пријателите. Меѓутоа некои работи од кои што ми зависи свесноста, концентрацијата и контролата врз себе, не ги практикувам пред концерт. Практикувам спорт, здрав живот пред концерти, планинарење, добар сон. А пред самиот настап практикувам некои техники на дишење кои во последните години ги учев преку одредени курсеви како јога, Art of Living и асани, кои беа лична моја желба за подобрување.
Кои настапи ги доживувате повозбудливо, што го прави еден настап различен од друг?
Тоа се настапите каде што има двесте луѓе во публика, а 100 од нив се гитаристи. Тука ми е тензијата поголема. Но, од друга страна, сигурноста на сцена се добива и преку признанијата кои сум ги добил во текот на годините од луѓето кои ме учеле и ми помогнале да се се профилирам како музичар.
Напор, стрес, долги часови вежбање, живот надвор од дома…Дали имало моменти кога сте посакале да се откажете?
Длабоко во себе не. Можеби притисокот понекогаш кој што сум го имал од професорите ми правел контра ефект, но длабоко во себе никогаш не сум имал вистинска желба за откажување. Тоа е инвестиција во себе, не само моја лична, тоа беше и фамилијарна инвестиција за која сум благодарен на моите родители кои ме школувале надвор од Македонија и издржале.
Вашиот син Ведран дојде на свет пред 6 месеци. Колку ви се промени животот откако станавте татко?
Добив нова инспирација и стабилност во душевна смисла. Тоа не можам да го опишам со зборови. Претходно кога музицирав, го правев тоа на малку поинаков начин. Сега од мене излегува чиста емоција кога свирам бидејќи немам повеќе прашања. Сега едноставно е чиста љубов.
Искористивме прилика да поразговараме и со сопругата Татјана, додека Дарко свиреше на гитарата, а ние како гости уживавме во атмосферата. Таа ни одговараше држејќи го Ведран во рацете, на чие лице се гледаше смиреност.
Татјана, како реагира Ведран на музиката на татко му?
Генерално, многу позитивно, затоа што тој уште во стомак растеше со неговата музика и мислам дека кога дојде на овој свет, кога Дарко му свиреше тој ја доживуваше како своја и веќе позната музика.
Дали животот со музичар бара многу од Вас, како е да се живее со Дарко?
Многу убаво, меѓутоа не е лесно. Треба да се има разбирање, треба многу љубов, а кога има љубов сè е полесно. Убаво е да се живее со музика генерално. Среќа е што тој е уметникот дома, а јас сум со уметничка душа и се надополнуваме.
Дарко, има ли музика што Вашето уво не сака да ја регистрира?
Моето уво може генерално да поднесе се. Зборувам ако се најдам во некоја средина во која има музика што не ми се допаѓа, нема да станам и да си заминам. Меѓутоа тоа што ми смета е многу гласна музика. Не знам зошто е тоа така, дали со годините или можеби заради тоа што слухот е толку изострен и не трпи, посебно ако е фалш и не е наштимано тогаш ми смета.
Какви планови стојат на вашата професионална агенда? Кои се следните предизвици?
Постои фестивал кој заедно со Детскиот културен центар Карпош го почнавме пред 7 години за првпат во Македонија. Станува збор за Интернационален фестивал на гитара и натпревар. Доаѓаат уметници од повеќе земји и несебично го делат своето знаење, седат во жири комисии и го оценуваат настапот на младите учесници. Секоја година имаме и главна награда чија минимална вредност е од 3000 евра. Јас сум уметнички директор на фестивалот, а Детскиот културен центар Карпош и неговата директорка, Ружа Ѓоргеска се организатори на настанот. Фестивалот го носи името “Тремоло” како и здружението на гитаристи кое што се оформи пред неколку години.Отворањето е на 24 март во салонот 19’19 и ќе трае четири дена.
Што се однесува до моите настапи, за оваа година Министерството за култура поддржа два проекта кои што ќе бидат мои два концерти во Талин, Естонија и Малме, Шведска. Овие ангажмани ги додавам на останатите планирани за оваа година во Бугарија, најверојатно во Рим за Денот на просветителите и уште некои други за кои сум во преговори. Во секој случај, агендата ми е полна и ме чека сезона на настапи и концерти.
Фото: Hybread.mk
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот