Ана Георгиеска е личност со која кога разговарате добивате желба да и се вклучите во работата од причина што со невидена леснотија и забава зборува за професијата која што ја одбрала. Го гледате жарот во очите и го чувствувате предизвикот кој таа го доживува секој ден работејќи го тоа што го сака. Нејзината желба за динамика и промена ја имала уште во студентските денови кога ангажманите и биле во детската амбасада „Меѓаши“, работејќи со дечињата во детската работилница. Потоа решава професионално да одреди нов правец кој ќе ја донесе до денешната позиција на менаџер на дигитален маркетинг и продажба во Студио Модерна.
Ана, како изгледаа твоите професионални почетоци?
Започнав со волонтирање во Детската амбасада Меѓаши, каде ја водев ликовната работилница. Сакам деца и ја обожувава работата со нив. Сметам дека тоа е една од најблагодарните работи кои ми се случиле. Ниту едно признание што сум го добила не може да се мери со прегратките, радоста и сладоледите од децата. На тие денови секогаш со радост се сеќавам. Потоа се редеа различни професионални ангажмани кои ме одалечија од волонтирањето, а некако ме донесоа во Студио Модерна. Ова работно место најдолго ме држи мотивирана и тука се најдов. Ја обожувам динамиката и промените кои се случуваат секојдневно.
Твојата спецификација е интернет маркетинг. Што е разликата помеѓу овој и класичниот маркетинг?
Разликата е само во динамиката оти интернетот е отворен и интерактивен медиум. Во принцип маркетинг си е маркетинг, односно јас на маркетингот гледам како на раскажување приказна. Луѓето што работат во таа област, треба да ја креираат приказната односно да ја пренесат пораката на брендот кој што го претставуваат. На интернет, пренесувањето на таа порака, се прави во реално време и резултатите се гледаат веднаш. Баш затоа го сакам овој неблагодарен медиум во смисла на тоа дека секој ден почнуваш од нула. Рангиран си според резултатите од тековната кампања. Кога ќе заврши кампањата повторно се враќаш на почетокот. Не е важно дали се работи за голема компанија со неограничен буџет или за деца од маало кои имаат добра идеја и нешто џепарлак. Интернетот е една џунгла каде што креативноста и способноста за адаптација се најважни.
Дали тоа значи дека чувствуваш страв после секој завршен проект?
Мене тоа ми е драјвот. Дури не се возбудувам од резултатите колку што се возбудувам од процесот, од непознатите платоформи и алатки со кои сакам си играм. За новите дигитални трендови не постои школо, туку мораш сам да научиш. Јас не знам какви резултати ќе добијам и мене тоа ме предизвикува и тоа ми најголемата мотивација. Јас сум човек кој не знае што ќе работи следно. Не можам да се ограничам и да кажам – е сега ова е тоа и толку. Во моментов ова ми е интересно, ме исполнува, ми одзема и голем дел од слободното време и ми ја окупира приватноста, но сето тоа е прифатливо. Интернетот е отворен 24/7. Со кампањите ние го земаме вниманието на публиката и го окупираме нивното приватно време и единствено е фер да бидам достапна со поддршка и со сè што е потребно. Затоа гледам да го изедначам моето приватно време со нивното. А притоа се обидувам и да го балансирам службеното и приватното колку што можам повеќе.
Кога завршува работниот ден?
Не завршува. Мене ми се случило да ми се исклучи апликација токму на најлудата ноќ, да бидам во постојана комуникација со програмери додека некој прославува. Ми се случило сајт да се сруши додека сум на плажа. На годишен одмор, попладневната дремка на моето дете ја користам за проверам пораки, да видам до каде е кампањата, да ја оптимизирам…Но, не гледам како на проблем тоа што треба да бидам онлајн цело време туку напротив, сметам дека е полесно бидејќи можеш да ја имаш контролата врз она што се случува на работното место. Тоа лесно се прави за неколку минутки со телефонот во рака.
Во контекст на ова, како се справуваш со непрофесионализам?
Сакам работите да бидат завршени така како што треба, а атмосферата да биде опуштена. Без одредена слобода на работното место нема ниту вистинска креативност. Ако немате можност да го споделите своето мислење и да ги кажете своите идеи без разлика колку и да се глупави, тогаш нема да имате ни можност за вистински добри идеи. А стресот ја намалува и продуктивноста.
Каде ја гледаш сопствената иднина од ова место каде што си сега?
Искрено, себеси се гледам во мала куќа покрај море или каква било вода. Би го живеела токму тој опуштен живот. Можеби не сега или за 10 години, ама за 20 или 30 години сакам да бидам на такво место. Сметам дека енергијата која ја имам можам да ја преточам во творење на нешто друго, без разлика што тоа нема да биде толку динамично. А секаде каде што можеш да дадеш дел од себе, да се изразиш, можеш и да се вклопиш и да најдеш убавина во сето тоа.
Дали би сакала да промениш нешто во животот сега или да бидам поконкрентна што може да те налути, изнервира?
Во моментов ме нервира Скопје и вревата која доаѓа од него. Искрено ми оди на нерви. Ја сакам смиреноста на мојот дом кој е на периферијата и од таму ја црпам енергијата.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.