Пишува: Ана Јовковска
AJ: Идентитетите се флуидни и повеќеслојни, па, така, Вие истовремено сте и детски стоматолог и професорка на Стоматолошкиот факултет и докторка на науки и визитинг професорка на Универзитетот Колумбија, Њујорк, САД, но и сопруга на претседателот Стево Пендаровски и мајка на Огнен, и што уште… ?
БЃ: Сите ние сме изградени од различни фрагменти и влијанија низ нашиот живот, но и од разгранетите врвици кои ни се дадени и по кои одбираме да се движиме. И тоа е најубавото за секој еден човек. Kлучните вертикали во мојот живот се професионалната патека како лекар, наставник, научник и мојата интимна посветеност и исполнетост како мајка, сопруга, ќерка… Оваа вторава, би ја нарекла и „посвоја“, поформативна за мојата длабока внатрешност. Но, пред сѐ јас сум човек со сите свои маани и доблести. Човек кој знае да тагува, но и да се радува, иако и тие две работи се испреплетени меѓусебе. Многу е тешко да се направи дистинкција на среќните мигови, затоа што секогаш има еден превез на тага за оние кои не се со нас да ја споделат таа среќа, и без кои таа не е комплетна. Во секој случај, не треба да бегаме од тоа – како што ја прегрнуваме радоста, така треба да ја прегрнеме тагата, да се соочиме, да го признаеме нејзиното присуство и значење и да продолжиме понатаму.
Тешко е да се направи дистинкција на среќните мигови, затоа што секогаш има еден превез на тага за оние кои не се со нас да ја споделат таа среќа, и без кои таа не е комплетна.
АЈ: Кога ја препрочитував книгата „Неподносливата леснотија на постоењето“ од Милан Кундера ме натера одново да мислам на тоа колку леснотијата е празна, а тежината полна со содржина. Тежината има достоинство. Кои тежини во животот Ве оформија во личноста што сте денес? И кои болки ни времето не успеа да ги преработи?
БЃ: Се согласувам, Ана, тежината има содржина и достоинство, и, секако, кога би била во ситуација да избирам, би го избрала патот на Тереза или Франц. Секој нареден пат со тежина зборувам за загубата на мојата помала сестра, како нешто што го обележа мојот живот. Некогаш дури се чувстувам дека животот го поимам како животот пред нејзината смрт, со неа, и потоа, со Стево и со Огнен. Тие ми помогнаа да ја пронајдам смислата во постоењето без неа, но, секогаш останува превезот на нејзиното отсуство. Секојдневно се соочувам со прашањето: каков ќе беше животот ако и таа сега беше овде, со нас.
Секој нареден пат со тежина зборувам за загубата на мојата помала сестра. Некогаш дури се чувстувам дека животот го поимам како животот пред нејзината смрт, со неа, и потоа, со Стево и со Огнен.
АЈ: Комуникацијата е наша насушна потреба! Во овие вонредни услови на пандемија, потребата за стимулација, допири, дразби, строукови… ја компензираме наоѓајќи виртуалени начини да ја задоволиме социјалната интеракција. Дигиталните прозорци се нашата нова светлина. Што е за вас метафора за отуѓеноста?
БГ: Чувството на отуѓеност е концепт со кој се соочуваме уште при доаѓањето на овој свет и со кој се обидуваме да се справиме во текот на целиот живот. Ако зборуваме за метафора на отуѓеноста, прво што ми паѓа на ум е облакот кај Вордсворд (I wandered lonely as a cloud…) или Кафка во „Процес“ кој нѐ соочува со постоењето на едно индиферентно општество во кое царува чувството на отфрленост, изолација, осама, напуштеност, изневереност и анксиозност кај поединецот кој е виновен само затоа што е самостоен.
На почетокот на пандемијата зборувавме за социјална оддалеченост, подоцна терминот беше сменет со физичка оддалеченост. Иако станува збор за физичко растојание, сепак, во неговата суштина има една длабока социјална димензија. Виртуелниот свет не може комплетно да го замени вистинскиот. Човекот како социјално суштество има потреба од заедничко собирање, групирање, кое, всушност, е најопасниот момент во оваа пандемија. Тоа е она што нѐ изместува во суштината на битисувањето и вистинската побуна против мерките за заштита е токму потребата да се биде заедно, да се споделат просторот, времето, тагата и радоста со другиот, иако сите се свесни за оваа опасност.
Најмногу ми пречи што како што поминува времето, почнуваме секого да гледаме како потенцијална опасност и сѐ повеќе се оддалечуваме. И морам да кажам дека најмногу што ми недостига периодов се прегратките со блиските, со пациентите…
АЈ: Избегнувајќи ги луѓето, патувањата, групирањата и сѐ она што го носи урбаната џунгла, се свртивме повеќе кон својата земја и кон природата… Кое место Ви е омилено?
БЃ: Ако треба да издвојам омилено место, тоа би била Св. Богородица Перивлепта, каде постојано се навраќам. Уште од дете, секоја посета на Охрид не можеше да помине без да се задлабочам во фреските на ова византиско светилиште на духовноста со безвременска убавина и да уживам во прекрасниот поглед, каде што од истото место, во дворот, под стотици години старото дрво, имате поглед на Самуиловата тврдина и на синилото на Охридското езеро.
АЈ: Во Хомеровата „Илијада“ и „Одисеја“, гостинот е на пиедестал. Гостинот не се прашува кој е и од каде доаѓа додека не се искапе и нахрани. Што мислите за гостопримството во Македонија?
БЃ: Македонското гостопримство е можеби нашиот најпознат заштитен знак. Прекрасната храна, спремена со многу љубов, како и радоста на приемот во домот се дел од нашата култура. За странците е вистинско откровение кога првпат ќе дојдат овде. Пред некој ден посетив неколку семејства кои започнуваат мали бизниси во близината на Охрид. Она што е навистина за почит е нивната посветеност и радост да му се предадат на гостинот, да го услужат најдобро што можат, дури повеќе од она што би си го дозволиле себеси.
Хуманоста не ја сфаќам како дел од протоколарните обврски, напротив, сметам дека треба со личен пример да дадеме сѐ од себе онаму каде што можеме.
АЈ: Храната е право, а не привилегија. Секоја година се фрлаат по 1,3 милјарди тони храна, додека еден од седум луѓе во светот си легнува гладен. 20 000 деца дневно умираат од глад. Сиромаштијата и неправдата ѕирка и од многу македонски ќошиња. Се трудите да помагате колку што можете. На кои полиња на хуманоста и солидарноста сте најактивна? Со што се гордеете, а што оди на контото „за поправедно општество и за подобро утре“?
БЃ: Хуманоста не ја сфаќам како дел од протоколарните обврски, напротив, сметам дека треба со личен пример да дадеме сѐ од себе онаму каде што можеме. Животот само така може да има смисла – кога го живееме за заедничкото добро! Конкретно, јас волонтирав во Црвениот крст и во Институтот за јавно здравје. Длабоко верувам дека волонтирањето треба да е дел од животот на секој човек, да даде дел од себе во грижа за заедницата. На таков начин сите, а особено младите, ќе станат свесни за проблемите во општеството, ќе развиваат емпатија, чувство на заедништво и солидарност кон своите сограѓани кои имаат потреба од помош.
Посебен предизвик ми е да допреме до оние кои имаат проблем со семејното насилство, пред сѐ родово базираното насилство, стимулирајќи ги жртвите не само да го пријават, туку да отидат и чекор понатаму, да се охрабрат да се оттргнат од маѓепсаниот круг во кој се наоѓаат. Да се спротистават на стигмите од околината и да продолжат самостојно, без секојдневниот товар кој ги уништува и ги замрачува нивните животи.
АЈ: Жените често се во сенката на мажите. Дали живееме во ера на женска доминација, но во машки свет? Во време во кое смело врескаат огнените химни на Бијонсе и спортистки удари на Серена Вилијамс, додека на други катчиња во светот илјадници женски гласови се стишени низ шепата на традицијата и патријархатот. Од една страна се пораките што треба да ги поттикнат девојчињата и жените да бидат смели да го живеат сонот на својот живот, од друга страна се родовите сопки во општеството во кое е ужасно тешко да се биде успешна жена и успешна мајка. Сите овие стапици се отрови за женската психа. Тоа што не го променивте Вашето презиме со стапувањето во брак со Стево Пендаровски го читам како еден од начините во родовата еманципација. Или се работи за моја слободна интерпретација? Кои се другите Ваши заложби?
БЃ: Искрено, самото зачувување на презимето не го сметам како некој посебен еманципаторски подвиг, туку тоа е повеќе емоционален гест. Факт е дека живееме во општество, каде за жал сѐ уште се потребни квоти да се постигне рамноправност на жените. За да можеме да обезбедиме еднаквост во квалитет, потребно е да создаваме терен за еднаков старт на секој без разлика на полот.
Да инсистираме девојчињата да имаат образование, да се залагаме за политики кои ќе ја поддржат жената да биде дел од пазарот на трудот и да напредува во својата професионална кариера и во мајчинството. Ако правилно се вреднуваат луѓето, без разлика на полот, но и религиозната, етничката, политичката и расната припадност, сексуалната ориентација и социјалното потекло, светот ќе биде поправедно и попријателско место за живеење. Во свет каде жените сѐ уште се борат за право на глас, за право на образование, за право на абортус, каде не смеат јавно да кажат кога се искористувани за да обезбедат егзистенција – во тој свет има уште многу што да се направи…
Секогаш ќе бидам поддршка и ќе стојам на страната на храбрите жени кои излегуваат од стереотипите во општеството и го креваат гласот против неправдата. Храбрите жени кои се справуваат стоички со болестите и победоносно излегуваат од нив.
АЈ: Што Ве прави слободна и своја?
БЃ: Можноста да го работам она што го сакам, но и привилегијата што можам да си дозволам да го кажам тоа што сметам дека е исправно, без да се плашам. Навистина го имам тоа чувство на слобода и самостојност.
АЈ: Има луѓе кои се со „закопчано лице и заклучени очи“. Ве сметам за отворена и храбра жена и би Ве замолила искрено да одговорите на следново прашање, бидејќи љубовта е голема тема за која нема поента да се зборува со дипломатски јазик. Што ви е најважно во релацијата со вашиот сопруг? И каков партнер е Стево Пендаровски?
БЃ: Разбирлива е желбата на луѓето да знаат поединости од животот на јавните личности, па човек треба да е спремен да се откаже од дел од приватноста. Кундера размислува за две крајности, едната каде приватниот живот треба да е само свој, и дека е чудовишно да се споделува со други дури и најмал дел од него, до другата крајност каде секој момент треба да се сподели со сите.
Сепак, не сум спремна да живеам во, како што би рекол Бретон, стаклена куќа, каде секој може да види сѐ што се случува, иако немам што да кријам и тоа отворено го покажав уште во 2014 година, кога за првпат јавно проговорив за тоа каков е Стево надвор од камерите и професионалните обврски.
Нашиот однос се темели на љубов и разбирање, на договор и меѓусебно почитување, на потреба да се споделат дури и најситните случувања од секојдневието.
АЈ: А како се борите со егото?
БЃ: Кога зборуваме за егото, веројатно најблиску е Ајнштајн, кој вели дека егото е обратнопропорционално со знаењето. Колку сте пошироко едуцирани, колку сте повеќе свесни за светот, за големината на универзумот, дотолку повеќе ќе можете да го контролирате своето его. Да се трудиме да бидеме скромни, без тоа да нѐ доведе во позиција на потчинетост.
АЈ: Една позната песна вели: На најдобрите им недостасува самодоверба, а најлошите се полни со страсна убеденост! Колку и да не ги сакам генерализациите, сепак, ова е чест проблем во нашата татковина. Како да ги мотивираме младите луѓе кои масовно се иселуваат, барајќи просперитет и подобар живот надвор од нашите граници?
БЃ: Се согласувам со констатацијата, Ана. Моето скромно мислење, кое се заснова на можностите што сум ги имала да бидам во контакт со најпознатите умови во мојата област, е дека најдобрите главно биле луѓе кои се скромни, кои прашуваат, подготвени да сослушаат, отворени за дискусија, без да ја потенцираат својата величина и позиција.
Како наставник, верувам дека нашиот добар пример треба да е една од причините за младите генерации да сакаат да се угледаат на нас и да имаат желба да останат овде. Уште поважно е адекватното вреднување на трудот и можноста за вработување со што ќе се обезбеди егзистенција и финансиска независност, но и простор за професионална исполнетост. Искуството од живеењето во странство ме научи дека навистина е штета квалитетни, оформени луѓе да одат да живеат надвор, далеку од семејствата, пријателите… Верувајте дека не е исто. Исклучително важно е да создадеме општество кое ќе поттикнува знаење, квалитет, одговорност и кое ќе ги надмине оние заобиколни патишта на успехот. Само така ќе можеме да го запреме одливот на умни млади луѓе.
АЈ: Филозофот Славој Жижек во неговата нова книга Пандемија! Ковид-19 го тресе светот пишува за „вирусот кој ќе ги растресе темелите на нашите животи, притоа предизвикувајќи не само огромни количества страдање туку и економски пустош значитечно полош од оној за време на Големата рецесија“.
Животот се промени радикално. Стравот, стресот и неизвесноста со кои се соочуваме во оваа светска здравствена криза предизвикана од коронавирусот се составен дел од спектарот на нашите емоционални состојби. Како Вие се соочувате со новонастанатата ситуација?
БГ: Сите бевме во неверување кога пролетта почна карантинот речиси во целиот свет. Ситуација што не беше видена никогаш претходно. Невидлив непријател кој го сопре светот, ги испразни улиците на градот што никогаш не спие. Од нашата меморија никогаш нема да исчезне незамисливата слика кога за првпат Папата ја прати Велигденската порака Urbi et Orbi од празниот плоштад Св. Петар во Рим.
Како лекар секојдневно сум во контакт со пациенти, колеги и несфатлива е ноншалантноста на дел од луѓето кои не го прифаќаат постоењето на коронавирус. Во моменти кога секојдневно слушаме за огромни бројки на новозаразени, кога голем број наши сограѓани ја губат битката со болеста, мора да покажеме висока свесност и да ги почитуваме мерките, кои се толку едноставни. Основната цивилизациска придобивка која не смееме да ја погазиме е грижата за заедницата!
Разбирам дека во човечката природа е борбата против наметнатите правила, но овде станува збор за нешто многу поважно: опстанокот, не само сопствениот, туку и на сите околу нас, блиски или далечни. Вирусот не бира по возраст и никој не е безбеден.
АЈ: Се сеќавате ли на изјавата на Мартин Лутер: „Можеби сите пристигнавме со различни бродови, ама сега сите сме на истиот брод“? Ова совршено добро реферира на она што денес го живееме со пандемијата. Поврзани сме повеќе од кога било, сите ја сркаме истата вирусна каша, како еден вид сурова казна за човештвото поради немилосрдната експлоатација на другите форми на живот на Земјата. Харирчи вели: „Овој вирус е демократски и не прави разлика помеѓу сиромашните и богатите или помеѓу државниците и обичните граѓани“. Сепак, орвеловски – дали сите сме еднакви, ама некои од нас се поеднакви во оваа светска здравствена криза?
БЃ: Оваа пандемија е тест за здравствените системи дури и во најразвиените земји. Видовме огромни разлики во начиниот на справување меѓу Германија во споредба со Италија, Шпанија, Велика Британија, Франција, па дури и САД. За жал, разликата е во достапноста до здравствените услуги – има огромен број на луѓе во светот кои немаат здравствено осигурување. Освен во достапноста на болничките места, разликата е и во пристапот кон терапеутиците, како што бевме сведоци кога на претседателот Трамп му беа ординирани поликлонални антитела, кои се експериментални и не се достапни дури ни за останатите пациенти во Америка. Нашиот здравствен систем е поставен на начин на кој сите имаме можност за еднаков пристап до болнички услуги и до медикаментите кои се користат во третманот.
АЈ: Кои звуци од политиката Ви прават дисторзија во ушите и би ги ставиле „на мјут“?
БЃ: Лажните вести! Но, и вестите кои се однесуваат на исмевање на физичките карактеристики на луѓето, нивната попреченост, различност, како и вестите кои промовираат погрешни вредности.
АЈ: Кои жени Ви беа инспирација низ животот?
БЃ: Искрено не сум се врзувала за личности, туку повеќе за идеи и постигнувања. Но, ако треба да издвојам една личност, тоа би била Марија Кири, жена која беспоштедно, по цена на сопствениот живот се вложила во напредокот на науката. Во периодот кога живеела во Полска, жените немале пристап до универзитетите, па морала да се пресели во Франција за да се посвети на својата животна определба. Ваквите светли примери ми беа и поттик за време на карантинот да почнам со иницијативата „Раскажуваме заедно“, каде за децата раскажувавме приказни за повеќе жени/поединци кои оставиле белег за човештвото.
АЈ: Во контекст на познатата мисла на Џон Ленон – „Животот е она што ти се случува додека си зафатен правејќи планови“…. како ја инхалирате сегашноста?
БЃ: Пандемијата нѐ научи дека треба да го применуваме добро познатото правило: Carpe diem! Би сакала сега да можев: да патувам со моите, да поминам време задлабочена во лабораторија, да можам да работам со моите пациенти и студенти како порано…
АЈ: Што Ве плаши, а што Ве радува најмногу?
БЃ: Одговорот е едноставен и на двете прашања ист: Огнен. Ме плаши непознаницата каква ќе биде неговата иднина. А, мојата најголема радост е што го имам и што е таков каков што е. Веројатно најтешко на секој родител му паѓа она што Џибран во „Пророкот“ ќе го каже за децата: „Може да го вдомиш нивното тело, но не нивните души, бидејќи тие престојуваат во домот на утрешнината, кој ти не можеш да го посетиш, дури ни во твоите сништа“.
Фотографии: Т. Георгиев, K. Георгиевски и А. Атанасов