Најчестиот појадок кај нас, за време на работната недела, е бело печиво во комбинација со јогурт. Тоа може да бидат ѓевречиња, бурек, симит погача, разни видови кифли, колачи, солени стапчиња, пити и слично. Во просечните пекари, 100 грама печено тесто чини околу 40 денари, четвртина бурек е 50-60, а слична цена се и кифлите со сувомесен производ (шунка, виршла…). Малата чашка јогурт пак, се продава по цена од 15-20 ден.
Ако оваа количина на храна ви е доволна за појадок, тоа значи дека месечно плаќате околу 1.500 денари за појадок на работа. Овој оброк не само што е малку за возрасен маж, или за жена работник, туку е и со слаб квалитет. Дополнителен проблем се јавува и кога е време за ручек, а немате кантина со подготвени оброци близу работното место, или тие оброци едноставно не се достапни за вашиот буџет.
Повторно сте „осудени“ на пекарницата, но овој пат ви треба нешто „посилно“ за да ве засити. Изборот на повеќето вработени е често сендвич, кој чини од 100 до 150 денари (во зависност од состојките). Ова значи дека ако не го јадете најскапиот сендвич секој ден, ќе ви требаат околу 2.200 денари за 22 работни денови. Секако, ако притоа не се освежите со некој пијалок, односно ако не си допуштите некое парченце десерт или кафе.
Освен фактот дека оваа исхрана е здодевна, таа и не е добра за здравјето ако се консумира секој ден.
Затоа, ние споделуваме со вас совети за тоа како подобро да се организирате на работа кога станува збор за исхраната:
- Ако наутро сте навикнати да јадете печиво со јогурт, тогаш барем донесете го од дома. Еден килограм лиснато тесто во пекарница чини минимум 400 денари, но замрзнатото од продавница, со иста тежина, чини двојно помалку.
- Не заборавајте на овошјето, тоа честопати може да биде добар и здрав појадок за вас. Исечете го на парчиња, измешајте и спакувајте го во кутија. Можете да додадете и малку јаткасти плодови, што ќе ве задржи сити подолго време.
- Она што е практично да се земе од дома, не го купувајте подготвено во продавници. На пример, во кантината 100 грама рижото може да чини и до 80 денари, што значи дека оптималниот оброк, од 300 грама на ден, би чинел повеќе од 5.000 денари месечно. Покрај рижото, од дома можете да донесете и интегрални тестенини, пире од компири со парчиња пилешко и слично. И сето тоа е поздраво од пекарски производи.
- Ако приказната со готвени јадења е комплицирана за вас, тогаш барем направете сендвич за на работа. Килограм леб, што може да го јадете неколку дена, чини околу 35 – 40 денари, 100 грама сецкана печеница – 35 денари и подобар крем за мачкање, што исто така ќе трае неколку денови – околу 100 денари. Значи, добивате сендвич по ваш вкус за помалку од 100 денари.