Д-р Снежана Џамбазова – Попорданоска е доктор по медицина, советник и доктор на науки во областа на психологијата. Неодамна излезе нејзината книга „Да се живее поинаку“, која е исполнета со одговори на најважните животни прашања и проткаена со оригинални поетски дела.
H: Вашата кариера започнува како доктор по општа медицина, а потоа целосно се посветувате на науката на психологијата. Што беше пресудно да ја донесете оваа одлука?
Еден од најпознатите американски писатели, Марк Твен рекол: „Двата најважни дена во вашиот живот се денот кога сте се родиле и денот кога ќе дознаете зошто сте се родиле.”
Кога во 2004 година заедно со мојот сопруг, Емил донесовме одлука да заминеме за Австралија, јас бев принудена да ја напуштам мојата работа како доктор по општа медицина, како и сите мои роднини и долгогодишни пријатели во Македонија. Во тие пресудни моменти, јас одлучив да се свртам кон себеси и да тргнам по патот кон себеспознавањето. Под водство на моите мудри учители во животот, успеав длабоко да се спознаам себеси и да соберам храброст да го следам патот на моето срце. Најпрвин се запишав на Австралискиот Институт за Професионални Советници, каде се стекнав со диплома за психолошки советник. Веднаш потоа, се запишав на докторски студии на еден од водечките универзитети во Мелбурн, на Дикин Универзитетот, каде се стекнав со титулата доктор на психолошки науки.
Јас сум цврсто убедена дека секој од нас има единствена мисија на овој свет. И секој од нас има уникатна комбинација на вредности, таленти и пасии кои водат кон нашето идеално креативно изразување. Доколку сакаме да живееме среќен и исполнет живот, многу е важно да ја пронајдеме нашата идеална професија во животот. Да живееме исполнет и значаен живот, значи сесрдно да им помагаме на другите, а истовремено да го правиме она што ни го исполнува срцето со радост. На тој начин, ќе успееме да ја исполниме нашата мисија на Земјата, што за возврат ќе ни предизвика чувство на огромно внатрешно задоволство, што јас постојано го доживувам во текот на мојата работа.
H: Работите како психолошки советник и имате постојани средби со луѓе на кои им е потребна Вашата помош. Како успевате да го избалансирате Вашиот мир?
Секој од нас е составен од три дела: тело, ум и душа. Јас сметам дека само ако секојдневно ги негуваме овие три дела од нашето битие, ќе можеме да постигнеме хармонија на физичко, ментално и духовно ниво. Јас научив да живеам во согласност со циклусите на природата, секојдневно негувајќи ги физичкиот, менталниот и духовнитот аспект од моето битие. Со други зборови, секој ден одвојувам време за медитација, за мојата омилена физичка активност, читам книги за личен и духовен развој, ја изразувам мојата креативна енергија преку пишаниот збор и секако, уживам да го поминам времето во кругот на семејството и на пријателите. На овој начин, успевам да одржам оптимален проток на животната енергија низ моето тело.
Освен тоа, мојата работа како психолошки советник многу ме исполнува. Во мојата работа со пациенти од преку 100 различни култури, религии и националности ширум светот, со голема посветеност им помагам на луѓето да го пронајдат својот внатрешен мир и да му се радуваат на животот. Најчесто, само после неколку сесии со мене, се случуваат огромни позитивни промени во нивните животи, што за мене е најубавата музика за моето срце. Длабоко во срцето знам дека преку оваа работа ја остварувам мојата мисија на Земјата, а тоа е да им помагам на луѓето ширум светот да го надминат страдањето и да стигнат до изворот на постојан мир и трајна среќа што постои во сржта на нашето битие.
H: “Да се живее поинаку“ ја посветивте на читателите со надеж дека ќе им помогне да ги пронајдат мирот и радоста во себе. Во неа, велите дека секој човек е создаден да биде радосен и среќен во секој момент во животот. Иако, тоа е нашата природна состојба која ни е дадена од самото доаѓање на овој свет, зошто е некогаш многу тешко да се пронајде во себе?
Секој од нас може да постигне состојба на постојан внатрешен мир и трајна среќа, доколку сме подготвени да го зголемиме нашето ниво на свест. Важно е да разбереме дека нивото на нашата свест го одредува нивото на нашата среќа. Тоа е така затоа што нашето ниво на свест одредува какви искуства ќе привлечеме во нашиот живот. Значи, преку нашето моментално ниво на свест ние ги креираме нашите животни искуства.
Најважно од сѐ е, секој од нас да се грижи за својот личен и духовен развој и да се стреми да го зголеми своето моментално ниво на свест. Најбрз и најефикасен начин да се постигне повисоко ниво на свест е со работа на нашиот личен развој под водство на духовен учител, психолог или советник во кого имаме доверба. Во суштина, животот треба да се разбере како едно духовно патување. Доколку луѓето ги занемарат своите духовни вредности, како што се љубовта, почитта, скромноста, алтруизмот и емпатијата, тие ќе станат духовно празни и безживотни. Следствено, тие ќе станат себични, плашливи и ќе имаат тенденција да манипулираат, па дури и да се однесуваат агресивно кон другите луѓе. Кога луѓето ќе ја изгубат врската со духовноста, тие се изложени на страдање, бидејќи животот им изгледа неподносливо тежок и им е исполнет со чувство на разочараност и длабока празнина. Како што Хсинг Јун мудро кажал: „Најважното нешто во животот е да ја замените алчноста со дарежливост, омразата со емпатија, измамата со мудрост и љубомората со почит. Само тогаш ќе бидете благословени со просветлен живот.”
Во суштина, секој ден можеме да донесеме свесна одлука дали ќе респондираме од позиција на страв или од позиција на љубов. Доколку одлучиме да се однесуваме со љубов кон секое човечко суштество со кое ќе стапиме во контакт, ќе успееме да ги надминеме сите наши стравови, да ја победиме лутината и да го надминеме страдањето. Со зголемување на нивото на самосвеста, целото наше битие ќе биде исполнето со љубов, која постојано ќе се изразува преку нашата креативност и емпатија кон секое живо суштество. Така ќе креираме повеќе искуства на нашава планета кои се засновани на љубов и хармонија.
H: Во модерниот свет кој е многу динамичен, а начинот на живот често е диктиран од самите општествени норми, како да се задржи вниманието кон себе и да се ужива во животот?
Секој од нас може да постигне состојба на високо ниво на свест, а тоа е таква состојба кога сме потполно присутни во сегашниот момент-овде и сега. Поконкретно, тоа е состојба на свеста кога не ги осудуваме или критикуваме нештата, луѓето или настаните, туку ги прифаќаме токму такви какви што се. Во оваа состојба на свеста, умот не е обземен со мисли и чувства поврзани со минатото или иднината. За да го направиме ова, најпрво треба да сфатиме дека сегашноста е сѐ што имаме, бидејќи овде и сега е единственото време кога постоиме, кога навистина сме живи. Тоа може да го постигнеме така што секојдневно ќе го насочиме целокупното свое внимание само на она што го мислиме или на она што го правиме во дадениот момент. На пример, кога јадеме, нашето внимание треба во потполност да биде фокусирано на процесот на конзумирање на храната. Кога читаме, треба да се сконцентрираме исклучително на она што го читаме и така натаму.
Преку различни техники на концентрација на умот кои детално се опишани во мојата книга „Да се живее поинаку“, може лесно да ја достигнеме оваа состојба на висока свест, a притоа да се чувствуваме спокојно и опуштено однатре. На овој начин, ќе станеме поефикасни и попродуктивни во текот на денот, а истовремено со задоволство ќе ги извршуваме обврските во животот. Само така ќе можеме целосно да ја уживаме сегашноста и да му се радуваме на секој миг од животот.
H: Велите дека егото и стравот се тесно поврзани. Стравот го создава егото, формирајќи негативни мисли кои создаваат лоши ментални навики. Како да се ослободиме од нив?
Перцепцијата за светот околу нас, во суштина е рефлексија на нашите доминантни мисли, чувства и идеи кои се создаваат во нашиот ум. Важно е да разбереме дека нашиот начин на перцепција, кој во основа е само извитоперена претстава за реалноста, е причина да ја перцепираме реалноста неточно, најчесто на негативен начин. Токму тој негативен начин на перцепција на реалноста, кој во суштина претставува субјективно и еднострано гледање на работите во животот, е причина за нашите негативни чувства. Како што познатиот научник Дејвид Барнс изјавил: „Се надевам дека самите ќе утврдите дека голем дел од вашите негативни чувства, фактички се базирани на вашите грешки во перцепцијата.”
На пример, кога ќе се соочиме со некоја несакана ситуација во животот, повеќето од нас имаат тенденција да ја перцепират истата преку призмата на стравот, очекувајќи негативен исход од таа ситуација. Овој негативен начин на перцепција предизвикува негативни чувства, кои можат да доведат до анксиозност, паничен напад, тага или депресија. Со други зборови, овој негативен начин на гледање на работите има потенцијал да предизвика нарушување на нашето ментално здравје и благосостојба. Доколку често се чувствуваме напнати или загрижени за нешто што е надвор од нашата контрола, тие чувства ќе создадат негативна енергија во нас, која ќе ни наштети нам, т.е на нашето психичко и физичко здравје. Како што Буда умно забележал: „Никој и ништо толку многу не може да ви наштети во животот, колку вашите негативни мисли на кои сте им допуштиле да ви го нарушат внатрешниот мир.”
Затоа, многу е важно да ги препознаете кај себе овие негативни начини на перцепција кои се во расчекор со реалноста. Наместо да мислите на најлошото можно сценарио во одредената ситуација, обидете се да го фокусирате целокупното свое внимание на себеси и да го слушнете гласот на вашето срце. Откако ќе постигнете смирена состојба на умот, поставете си го себеси следново прашање: „Што може да биде најповолниот исход од оваа ситуација?“ Одговорот на ова прашање ќе предизвика промена на вашето гледиште. Штом ќе се промени вашето гледиште, неминовно ќе се променат и вашите мисли во однос на таа ситуација и како резултат на тоа, ќе настане промена и на самата ситуација. Тоа за возврат, ќе ви помогне да се ослободите од стравот и од страдањето.
Позитивниот начин на размислување е исто како да ги отворите прозорците на вашиот дом, овозможувајќи му на сонцето да ги исполни сите соби со светлина. Запомнете дека кога ќе го промените вашиот начин на гледање на работите, ќе настанат вистински позитивни промени во вашиот живот!
H: Според развојните теории на Ериксон и Фројд, доживеаните искуства во адолесцентниот период влијаат врз креирање на личноста. Оттаму, дали токму тие искуства имаат силно влијание во тоа како ние ќе се прифатиме себеси и ќе ја пронајдеме својата лична слобода и спокој?
Во суштина, секој од нас има изградено некаква слика за себе која сме ја формирале во раните години на нашиот живот врз основа на мислењата, осудите и субјективните гледишта на луѓето од нашата непосредна околина. На пример, многу често, луѓето веруваат дека не се доволно добри, дека не се доволно паметни, дека не можат да бидат доволно сакани од другите и тн. Важно е да се разбере дека оваа слика која многумина ја имаат стекнато за себеси, не соодветсвува со нашето вистинско јас, со она што навистина сме. И токму затоа повеќето од нас страдаат, бидејќи длабоко во себе се плашат од лажната слика која ја создале за самите себе. Овој лажен имиџ што повеќето од нас го изградиле за себеси ги ограничува, а истовремено ги оддалечува како од себеси, така и од другите луѓе. Како резултат на тоа, тие не можат целосно да го изразат својот потенцијал, да почувствуваат вистинска љубов, или да развијат блиски пријателства со другите луѓе.
Важно е да се напомене дека сите тие верувања кои лежат длабоко во нашата потсвест се призмата низ која го гледаме и го доживуваме светот. Честопати овие верувања се јавуваат како внатрешни гласови кои нѐ критикуваат или нѐ потценуваат и на тој начин значително влијаат на тоа како го живееме нашиот живот. Ова, за возврат, може да го ограничи нашиот потенцијал и значително да ја наруши нашата среќа и успех во животот. Битно е да разбереме дека кога се обидуваме да живееме според верувањата на другите, многу често ќе дојдеме во конфликт со самите себеси. Доколку постојано се бориме со нашето вистинско јас, ќе ја трошиме нашата животна енергија и следствено, ќе се чувствуваме исцрпено кон крајот на денот.
За да постигнеме вистинска слобода во животот, неопходно е да се ослободиме од сите само-ограничувачки верувања што сме ги стекнале во минатото и да ги замениме со нови и разумни верувања. На овој начин ќе можеме длабоко да се поврземе со своето вистинско битие, со она што навистина сме. Тогаш ќе можеме да направиме вистински избори и да донесеме правилни одлуки во животот кои се во согласност со нашата внатрешна природа. На овој начин ќе можеме да култивираме поголема самопочит и да имаме поголема верба во себеси. Само така ќе успееме да бидеме автентични во секоја животна ситуација. Истовремено, однатре ќе бидеме исполнети со мир, радост и задоволство, бидејќи ќе создадеме живот кој ќе има вистинска смисла за нас.
H: Што би им порачале на читателите, токму во овој момент?
Треба да разбереме дека во нас лежи клучот за позитивни промени во светот! Само кога во секој од нас ќе настане позитивна промена и будење на свеста, неминовно ќе настанат и позитивни промени во светот. За да се постигне повисоко ниво на свест на светско ниво, секој од нас со личен пример треба да им влијае на другите луѓе. Затоа, бидете извор на љубов кој постојано ги напојува луѓето околу вас!