По точно 27 години, се снима ново продолжение на едно од најпопуларните забавно-едукативни детски серијали од 90-тите години, шоуто „Дајте музика“.
По речиси три децении, во најава се нови 30 епизоди исполнети со многу музика, дружба и детски интриги. Со оглед на малиот избор на детски емисии и се поголемиот пристап до интернет, безгрижната детска игра е сведена на минимум. Децата ја наоѓаат забавата на интернет, гледаат разни видеа без едукативна содржина и повеќе се во контакт со странски јазици отколку со мајчиниот македонски јазик.
Поради интензивното влијание на технологијата во нашето секојдневие, социјализацијата и детската игра страдаат најмногу. Токму затоа, идејата и целта на проектот е да им се понуди на децата квалитетна ТВ содржина која ќе поттикне повеќе интеракција и меѓусебна дружба и низ новата генерација детски идоли ќе ги мотивира да стекнат здрави навики, да бидат искрени, да се однесуваат добро и одговорно и да го ценат вистинското пријателство и да ги почитуваат возрасните.
Во новото продолжение е најавено учеството на голем број македонски музички имиња меѓу кои Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Влатко Стефановски, Владо Јаневски, Влатко Лозаноски, Елена Ристеска, Некст Тајм, Нокаут итн.
Автори на новото продолжение на ТВ шоуто „Дајте музика“ се Лазар и Цаци Паковски, во режија на Лазар Паковски и Владимир Митревски.
Продолжението наскоро ќе биде прикажано на МТВ1.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот

