Пишува: Ана Јовковска
Кога разговарате со писател од рангот на Александар Прокопиев, се чувствувате како Човечулец. Тогаш границите до северниот и јужниот пол ви стануваат тесни…
Секој пат има убав повод за универзитетскиот професор, прозаист и есеист, иако во ваков формат тоа не сме го направиле од последното интервју во мојата поранешна ТВ емисија Пулс пред десетина години. Овој пат, актуелен повод ни е прозата на Прокопиев којашто се најде во Енциклопедија работена на Сорбона, во најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности Les Lettres Europeennes во поглавјето Тенденции и современи фигури, 1891-2021. Голема чест е да се биде застапен меѓу великаните на литературата како Орхан Памук, Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук и други.
Владислав Бајац и Георги Господинов за него напишаа: „Поетиката на Прокопиев се сместува во таа на инвентивни раскажувачи како Бартелми, Калвино… тој ужива во подметнувањето на сентименталните парчиња од бајките, задржувајќи бројни елементи на фантастичните или магичните повести. Прокопиев ја втелотворува постмодерната струја во Македонија, додека ги тера читателите да го прифатат фактот дека самиот живот се темели на збрка“.
Отворивме многу правци во разговорот со авторот кој беше добитник на наградата Балканика во 2012 година за книгата Човечулец, а богами и многу други награди. Објавил дваесетина книги, неговите дела се преведени на англиски, јапонски, француски, германски, руски, италијански, српски и други јазици. Прокопиев е уметнички директор на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан, член е на македонскиот ПЕН и на Независните писатели на Македонија. Најголемиот дел од својот работен век го мина на Институтот за македонска литература.
Инспирирана од неговите книги, овој пат најмногу се задлабочив во Антиупатства за лична употреба и Љубовни аматери (двонасони новели), ѕиркајќи му во интимата и во писателската суета.
Чест ми е секогаш кога разговарам и учам од овој наш раскошен книжевник, за кој впечатокот е дека во литературата најсилно го возбудува впивањето на интимното во речениците и индуцирањето на внатрешната топлина во текстот.
AJ: Вашата проза се најде во Енциклопедија работена на Сорбона, во најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности Les Lettres Europeennes во поглавјето Тенденции и современи фигури, 1891-2021. Голема чест е да се биде застапен меѓу великаните на литературата како Орхан Памук, Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук и други. Што значи ова за Вас?
АП: Изданието е буквално тешко, има илјада и нешто страници, но го носев со леснотија. За среќа, бев со велосипед, кој има корпа однапред, сепак по пат неколку пати запрев, да ја подржам книгата во раце. Ме радуваат одгласите на моето пишување, дека тоа поттикнало чувство, мисла или разговор. Како дете, многу порано пред да почнам да пишувам, станав занесен читател. Се внесував во авантурите на Винету, трите мускетари, каубојците на Зен Греј, на Лун, кралот на подземјето. Ама тие не остануваа само во мене, едвај чекав да ги споделам во маалото со моите другарчиња и да ги развиеме во своите маалски игри, онака детски, непосредно.
Многу подоцна, кога почнав да пишувам и објавувам, сфатив колку тие доживувања од детството, таа рана биографија, е важна во формирањето на мојот писателски профил, како уште тогаш во мене се зачна таа потреба да комуницирам преку приказни и колку тоа ќе биде важно во мојот живот. Оттаму ми се чини сосем природно што го усовршував својот писателски занает, не заради некоја популарност, туку пред сѐ заради љубовта кон книгата. А самиот процес на пишување… со годините станува, од една страна посигурен, од друга, ме изненадува. Еве, повеќе од четири децении пишувам и објавувам, а понекогаш, читајќи ги своите рани текстови се прашувам: Дали ова јас сум го напишал?
Интелектот понекогаш може да стане опасен за оној што го поседува, особено ако го користи во подрачја кои се стресни и матни. Под огромниот притисок на пропагандата, тој дури не го кажува (пишува) она што го мисли, туку она што треба да го мисли. Дали „демократијата“, онаа што се практикува во нашата и во светската политика, го слуша различниот индивидуалец?
АЈ: Во Вашата книга Антиупатства за лична употреба пишувате дека интелектуалецот припаѓа на два основни типа: јавен и алтернативен. „Јавниот интелектуалец е прагматично снаодлив, рационален, по потреба релативист или спротивно, демагошки убедлив. Ставот го прилагодува, нагонот за власт го покажува, со праведноста не се оптоварува. Алтернативниот интелектуалец е анксиозен, потиснат, кокетира со тајноста како јавниот со власта. Субјективен е, критичен, а конфузен. Нагонот за власта го мимикрира со протест. Без оглед дали е јавен или алтернативен, интелектуалецот станува опасен, за другите и за себе, кога ќе се убеди дека има Авторитет. Авторитетниот интелектуалец се чувствува должен да дели лекции, да држи монолози, да се расфрла со кованици, неологизми и велепизми“.
За авторитарецот знаеме, но што е најопасно за демократичниот ум на интелектуалецот?
АП: Тоа го напишав после некое интервју кога Македонија се осамостојуваше. Веќе почнаа првите партиски престројувања, некои од моите другари влегоа во жестоки расправии. Колку и да имаа свои аргументи, толку беа неправедни кон оние од другата страна. Интелектот понекогаш може да стане опасен за оној што го поседува, особено ако го користи во подрачја кои се стресни и матни. Под огромниот притисок на пропагандата, тој дури не го кажува (пишува) она што го мисли, туку она што треба да го мисли. Дали „демократијата“, онаа што се практикува во нашата и во светската политика, го слуша различниот индивидуалец? Тешко, затоа што сликата за непоткупливиот интелектуалец во денешниот дисфункционален свет се чини наивна. Како што и самото именување „интелектуалец“ си го лепат многу самонаречени зналци кои го подзаборавиле својот интелект. И својата самостојност.
АЈ: „Литературата не може да биде пофантастична од животот, но може да биде попатетична“.
АП: Непредвидливата фантастика на животот… Овој убав капут кој што понекогаш горделиво го носам е всушност од непознат италијански господин со кој во едно белградско кафуле по грешка ги заменивме капутите. Кога сфатив дека носам туѓ капут, веќе беше минал цел ден, а човекот одамна отишол на аеродром. Келнерот ми го даде пасошот, што ми беше останат во внатрешниот џеб од стариот капут, со пријателска напомена на поранешниот газда да си уживам во новиот како во свој (се смее). И навистина го присвоив. Подоцна, кога почна короната, навивав за непознатиот Италијанец во мојот капут да биде жив и здрав… Во оваа приказна од животот уште поинтересно е што во еден мој поранешен расказ што го именував „Капут“ се провлекуваат необични случки што навистина ми се случуваа во Скопје пред замената во Белград. Од порано. Зашто во расказот кажував за постариот капут, оној што Италијанецот го однесе со себе.
Овој убав капут што горделиво го носам е, всушност, од непознат италијански господин со кој во едно белградско кафуле по грешка ги заменивме капутите. Кога сфатив дека носам туѓ капут, веќе беше минал цел ден, а човекот одамна отишол на аеродром. Подоцна, кога почна короната, навивав за непознатиот Италијанец во мојот капут да биде жив и здрав…
АЈ: „Меѓу пренаселените вени на големите градови, во некоја скришна артерија сèуште ќе се сретне понекој чудникав, маргинален ловец на невидливото, кој на своите сограѓани им изгледа како отпадник или како Абориџин. Често, тој е оној налудничав писател, оно што го троши времето повторно да ја разоткрива чувственоста на зборовите… Ловецот на невидливото, и меѓу своите реалистични колеги, е најчесто означуван како фантаст, неразбирлив дрдорко, а подвижноста, затрчаноста на неговата имагинација се квалификува како анархистичка во однос на доминантниот (диктаторски) дискурс – книжевен, етички, политички“.
Дали сте приврзаник на Музиловото мислење дека за писателот не е пожелно да се натпреварува со реалноста?
АП: Да, Ана, понекогаш е тешко да се натпреваруваш со реалноста, но, ако си писател, што би правел без неа? Најмногу зависи од писателот, од неговата поетика, стил, од неговиот карактер, како ќе ја преобликува во книжевно ткиво. Во секој случај, таа е неопходна, и кога нѐ изненадува, и кога нѐ шокира, и кога нѐ засмејува. И не треба да се заборави дека освен таа надворешна реалност, постои и онаа внатрешната, возбудувачка и инспиративна. Тие реалности се поврзани со видливи и невидливи нишки, и кога пребира по нив, писателот, со отворени или затворени очи, ги чувствува како музичар. Подобар или пак, полош.
Мојата професија е осаменичка, без непосредна публика. Читателите доаѓаат отпосле. Затоа, сакам да учествувам во тимски проекти – од рокенролот, алтернативниот театар, во последно време анимираниот филм… и секако, „УСТА“ (Универзална Самостојна Творечка Асоцијација), „Петтиот Круг“, „Независните писатели“, работата во бројни редакции… што ме збогатуваат и енергетски се дополнуваат со мојата суштинска дејност – пишувањето.
АЈ: „Понекогаш, најромантично посакувам да се засолнам во некое осмаено, скришно место, со многу слободен простор наоколу, оддалечен од животната бучава и немир. Едноставно, да пишувам. Тогаш, убеден сум, не е само поеластичен, туку и суштински поблизок допирот со вистината. Но, исто така сум свесен дека тој експеримент може да биде погубен за осамениот писател, барем за оној со карактер сличен на мојот“.
Кога се чувствувате најосамен? И како ѝ пркосите на осаменоста?
АП: Јас сум очигледен екстроверт, но неретко, имам потреба да се осамам. Понекогаш тоа го правам на динамичен начин – возејќи велосипед или шетајќи. И кога пишувам, пред компјутерот. Иако некои од своите текстови, на пример дел од антиупатствата што ги цитирате како прашања, сум ги запишал по аеродроми, во кафулиња, на клупа во паркот. Сепак, за време на изведбата, мојата професија е осаменичка, без непосредна публика. Читателите доаѓаат отпосле. Но затоа, сакам да учествувам во тимски проекти – од рокенролот, алтернативниот театар, во последно време анимираниот филм… и секако, „УСТА“ (Универзална Самостојна Творечка Асоцијација), „Петтиот Круг“, „Независните писатели“, работата во бројни редакции – креативни проекти со тимско дополнување и радост што ме збогатуваат и енергетски се дополнуваат со мојата суштинска дејност – пишувањето.
АЈ: Ве цитирам: „Седнуваат на мојата маса тројца напнати, убави, со коси одзади собрани во опавчиња, со празни лица. Набрзо ме напаѓа нивниот едносложен мрмор, проследен со музиката што спирално завива. Се обидувам да им се насмевнам, не ми возвраќаат“. Со какви типови на луѓе најтешко остварувате комуникација?
АП: Со иритантни самобендисаници. За разлика од симпатичните самобендисаници.
Буквално бевме исфрлени на улица. Иако бевме млади и незрели, но во таа незрелост, реагиравме со некој морален инаетлук, да не звучи препотентно – со сопствено чувство на правдина.
АЈ: „Отсекогаш ме фасцинирала физичката и душевната разнообразност на пријателите на татко ми – и флегматични дебелковци, и борбени џинки, и штрклести осаменици, и кротки и црвулци, дрдорковци и молчаливци, фрустрирани интелектуалци и славољубивци, момчаци и пензионери“. А какви се Вашите пријатели? Што Ви е клучно во изборот на пријателства?
АП: Би сакал да сум наследил барем дел од човекољубивата лепеза на татко ми. Животот е движење, а во тоа движење пријателствата и дружењета се неопходни состојби. Иако во младоста, и тој, и јас, поради конфликти со автократи претрпевме прилични последици. На некој начин, искуството се повтори. Буквално бевме исфрлени на улица. Иако бевме млади и незрели, но во таа незрелост, реагиравме со некој морален инаетлук, да не звучи препотентно – со сопствено чувство на правдина. Настрадавме, но до крај на животот, тој беше омилен кај своите бројни пријатели.
АЈ: Во описот на Вашиот татко ќе речете: „Понекогаш, заличуваше на мој разбушавен врсник, понекогаш на меланхоличен Прустовски јунак со огромно мечтателско искуство. Неуништливиот дух на татко ми, замислениот сончев човек. И колку и да звучи сентиментално, ја имав судбинската среќа што ме одбра не само да ми биде родител, туку и патрон. Во онаа најнеопходна смисла која ја истакнува Вирџинија Вулф: „Никаде патронот не може покорисно да дејствува отколку кога го охрабрува писателот против сентименталноста од една страна, и кукавичкиот страв од изразувањето на сопствените чувства, од друга“.
Што научивте од Вашиот татко?
АП: Сега, кога го правиме овој разговор, Ана, јас сум единаесет години постар од него кога почина, а мислам дека горниот фрагмент, што сум го напишал одамна, и денес важи во целост. И тоа не беше учење со цел, туку спонтано, во непосредни разговори и игри…
А како во тоа соочување ќе се однесуваме… како Прометеј, Фауст, Дон Кихот, Раскољников или Петар Пан, која улога ќе ја одбереме, за каков живот ќе се избориме, во нашата страст кон живеењето, кога мојата радост и мојата тага се неповикливи…
АЈ: „Последната есен пред да го нападне болеста, тато и јас минувавме долги, развлечени часови во дневната (тој во фотељата нагрнат со домашното палто, сèуште без потреба да се одмора по напорниот работен ден иако зениците почнаа да му патуваат кон горе, што на погледот му даваше некоја замислена отсутност) и главно – читавме“…Каков Ви е односот кон смртта?
АП: Со време, мислите дека сте научиле многу работи од животот што, и покрај сите радости и задоволства, не ве милувал, или од книгите, со кои сте го промислувале и оправдувале своето лично искуство, за потем да сфатите дека тоа е само една во океанот судбини, и дека сите тие судбини што се случиле пред вас се соочуваат со… смртта. А како во тоа соочување ќе се однесуваме, како Прометеј, Фауст, Дон Кихот, Раскољников или Петар Пан, која улога ќе ја одбереме, за каков живот ќе се избориме, во нашата страст кон живеењето, кога мојата радост и мојата тага се неповикливи…
АЈ: Минатото е сèуште пред нас, пишува Цветаева на маргината од писмото до Рилке на умирање – магична реченица што може слободно да се прифати во поимањето на целовитоста на времето што источниот дух го напоило со прекрасна верба во реинкарнација. Верувате ли во реинкарнација? Има ли живот после животот?
АП: Посакувам, иако не знам. Религиите и митовите ни прикажуваат како тој живот би изгледал. И тоа се силни, поучни приказни, инспирирани од вер(б)ата. Но, која ќе биде фигурата на мојот следен живот, тоа можам само да си замислувам… на пример – делфин.
Љубовта не е еднонасочна, има таа свои етапи. Весели и сериозни, и страствени, и пријателски, но во било која етапа, таа е неопходна.
АЈ: Уживав во Вашата најнова книга двонасочните новели Љубовни аматери во која напишавте: „Со Ида бев во брак петта година. Велат дека седмата е кризна, но во нашиот однос непостојаноста се вмеша уште на самиот почеток. Секоја вечер, пред да легне, го отпетлува елечето и мазно се чешка по плешките, но токму тогаш студено прашува „Колку е часот?“, „Дали ја заклучи влезната?“ или „Те молам, да не го турнеш Чехов“ (на полицата над креветот, секогаш виси по некоја негова книга). Ова дејствува како вистински еротски колапс“.
Што е најдевастирачко во/за љуботно-еротските релации?
АП: Љубовта повеќе се рони од времето отколку од љубовниците, и тоа мислам сум го напишал во истата книга, но тоа е став на главниот јунак, што е поткрепено од неговото искуство и карактер. Моето сфаќање е поинакво: љубовта не е еднонасочна, има таа свои етапи, и весели, и сериозни, и страствени, и пријателски, но во било која етапа, таа е неопходна.
АЈ: Во Љубовни аматери пишувате: „Испаѓа дека сум неправден кон Ида. И обајцата сме илузионисти, само што таа е отворено приврзана кон своите фантоми, а јас се кријам под маските на Бетмен, Петар Пан и Пајо Паторот. Всушност и објацата си ги компензираме нашите мошне зачмаени животчиња. Ми текнува како Ида, жена со дух, но не секогаш духовита, пред да се вљуби во Чехов умееше ненадејно, со брзи потези да исече цел прамен на челото и потоа смирена да се набљудува во огледалото. Единствено не ми е јасно зошто толку строго ме изолира во светот на баналниот материјализам, кога пред себе гледа најнеснаодлив можен примерок. Останува како причина само тагата кон детенцето, но зарем тоа не беше и моја тага, и моја загуба? Сигурен сум дека Чехов и сличните чувствителни гении би го преболеле тоа многу подостоинствено. Или би создале некој страшно добар расказ со најдлабоко познавање на чаевите, на цутовите, на пеперутките и се подразбира, на женската душа“.
Како ѝ приоѓате на тагата?
АП: Во животот сум се соочувал со тешки таги, но не сум станал роб на тагувањето!
АЈ: „Она што во определена активност се чини периферно, во некој друга активност може да биде клучно“. Што Ви беше клучно, а што периферно во животот?
АП: Кога ќе размислам, периферна ми е кариерата во буквална смисла, преку „јавните функции“ што се ограничуваат преку надворешноста.
Бев меѓу првите што користеа мобилен, во она време кога беше како цигла, или како токи-воки, а сега имам еден скроз старомоден телефон, без фејсбук, месинџер и слично. Писателот мора да е трагач, така тој ги развива своите способности, но не на ваков помоден начин.
АЈ: „Шанса барем за ден, барем за час, да ја испереме од себе заканувачката индиго-инфицираност од колективното и еднонасочно восприемање на нештата што живот значат“. Како им се спротивставувате на меинстрим струите, како им давате боја на Вашите денови?
АП: Бев меѓу првите што користеа мобилен, во она време кога беше како цигла, или како токи-воки, а сега имам еден скроз старомоден телефон, без фејсбук, месинџер и слично. Писателот мора да е трагач, така тој ги развива своите способности, но не на ваков помоден начин. И љубопитноста има свои нивоа, да се допре до скриената реалност што Википедија не може да ја разоткрие. Иако, неретко чкрапнувам на Википедија во потрага по податоци (таму ќе најдете повеќе важни и неважни податоци за некоја американска старлета отколку за голем источно-европски уметник). Меинстрим струите имаа кампањски карактер, тие имаат намера да придобијат што повеќе поклоници, така што тука сум скептичен.
Со хаикуто се заразив уште како гимназијалец, со онаа младешка занесеност со која тогаш ги сакав песните на Превер или романите на Хесе. Потоа дојдоа нови, посилни љубови во поезијата, прозата и филмот, иако меѓу нив беа делата на Куросава, Агутагава, Кавабата или Мишима…
АЈ: „Во хаику патувањето, стапалата се помалку важни од главата, географијата од геопоетиката. Во врвното хаику се чувствува спонтаното номадство на духот, што не бега од луцидното набљудување на предметниот свет, а успева да дојде со Апсолутот. Во хаикуто величината на замислата никогаш не повлекува пренагласување на емоциите“. Така некако доловува и она на Иса: „До секоја порта пролетта стасува со кал на наланите“ или како таоистичката изрека: „Лесно е да се одрекенеш од чекорењето, многу потешко е да чекориш без да ја допреш почвата“.
АП: Ах… Ана, со хаикуто се заразив уште како гимназијалец, со онаа младешка занесеност со која тогаш ги сакав песните на Превер или романите на Хесе. Ми беше и далечно и блиско, некој страшно привлечен спој на длабочина и едноставност, додека ги читав тристишјата на Башо, Бусон, Иса и Шики. Потоа дојдоа нови, посилни љубови во поезијата, прозата и филмот, иако меѓу нив беа делата на Куросава, Агутагава, Кавабата или Мишима, во кои тој специфичен, сконцентриран предмет на раскажувањето, тој суптилен, а остар пресек на мигот и вечноста е незаборавен.
Пишувањето хаику ми беше и како ментална вежба, и како игра со детето во себе.
АЈ: „Овие градови ја немаат привилегијата на големите светски метрополи: Париз, Лондон, Њујорк или Рим – да бидат инспиративен предизвик за книжевни амбиции. Тие не припаѓаат ниту на оние села и гратчиња како Маркесовото Макондо, Фокнеровата Јокнапатавла или Кукулино на Јаневски. Сепак, само кога се во книгата на еден човек, разоткриени во огледалото на личното време, тие стануваат Даблин на Џојс, Трст на Звево, Лисабон на Песоа. Градот му „припаѓа“ на писателот, но не онака неприкосновено како што тој го поседува имагинарното место, туку благодарение на уметниковата предаденост, постоечкиот град станува посложен, потајнови, поединствен. Градот на детството. Поради исчезнувањето во земјотресот (точно по првата декада од мојот живот), прераснува воневидлив, калвиновски град – бајка“.
Како го доживувате Скопје денес?
АП: Како жител на Скопје ми се чини дека градот брзо ги пресвртува своите лица, така што кога ги монтирам настаните од различните периоди на мојот живот во него, понекогаш тешко ги спојувам. Како распарчување на биографијата, со лабави спојки.
АЈ: Импресионистичка црта во Вашиот карактер е вклопена во неприфаќањето на доследната примена на сувата наука во толкувањето на литературата. Ќе речете: „Претпоставувам дека тоа неприфаќање на систематичното, воспоставеното, специјалистичкото наспроти дифузното, инцидентното, асоцијативното има врска и со односот спрема границите воопшто, со убеденоста дека, слично како и во микрокосмосот на клетката, свеста истовремено се потхранува со потсвеста, како што и времето се шири и компензира со подвремето“.
Очигледно е дека во литературата Ве возбудува впивањето на интимното во речениците, индуцирањето внатрешна топлина во текстот… Дали тоа значи дека имате поголеам склоност кон пишување есеи отколку научни студии?
АП: Есејот ми е еден од омилените облици, и за читање и за пишување. Не би го поврзувал толку со импресионистичката карактерна особеност. Има тука поважни предуслови – асоцијативната способност во ракување со мислата, слободно навигаторство со знаењето, прозен талент… Во секој случај, во опитувањето и создавањето на есејот уживам подеднакво како и во пишувањето расказ или новела.
Современото масовно општество ги притиска жителите на нашата планета со огромниот чекич на политичката принуда што е натежнат од злото и омразата.
АЈ: „Како убеден ескимофил, на кого државата не му обрнува внимание, а ни тој на неа, ми преостанува понекогаш да глумам авторитет пред саканата жена“.
Ако треба оваа Ваша релација да ја ставам под заеднички именител, прво на што ќе помислам е слободата. Што Ви е клучно во односот кон државата?
АП: Слободата и државата, во моето животно искуство ми се чинат прилично оддалечени, понекогаш опасно спротивставени. Да не биде ова самореклама, но сум се борел да ја сочувам својата слобода, и кога сум бил стиснат во претесен простор. Не трпам да ме ограничуваат дури и кога прифаќам ризици што после не се покажуваат толку вредни. Но затоа, и покрај сите пречки, сум го сочувал ентузијазмот. Тоа е мојата природа. Со државата (ите) за жал владеат политичарите кои се на власт и кои, поради своите манипулации, брзо ќе ме изнервираат. Затоа можеби на секои избори ја менувам партијата за која гласам. И ми се чини дека поради таквите слободни избори, сум ги погодувал работите (дали поседувам интуиција?).
Креативноста го спасува човекот, од праисторискиот ловец со неговите пештерски цртежи до денес!
АЈ: „Тој копнеж по најмалечкото, но сопствено парче простор, е вроден во секој од нас. Колку лесно малечкиот буквален простор се преобразуваше во бескрајно, а заштитно метафизичко катче“.
Кој е тој Ваш простор на креативно будење?
АП: Тука би можел да напишам цел нов есеј, но да ги сумирам твоите инспиративни прашања, Ана – креативноста го спасува човекот, од праисторискиот ловец со неговите пештерски цртежи до денес! Но не онаа што ги смислува ужасните оружја за уништување луѓе. Тоа и не би го нарекол креација, туку зло. Човекот понекогаш (бил) е принуден да избира меѓу креативното и злото. Современото масовно општество ги притиска жителите на нашата планета со огромниот чекич на политичката принуда што е натежнат од злото и омразата. Секој човек, во својот живот и во својата професија, добива шанса да го намали тој ужасен притисок. Среќен сум што во мојата професија ја најдов слободата на креативноста. Се трудам да ја исполнам што повеќе.