После 9 години, адвокатската серија “Suits” дојде до својот крај.
По заминувањето на Рејчел (Meghan Markle), Мајк (Patrick J. Adams) и Џесика (Gina Torres) на крајот од 7-мата сезона, режисерите мораа да смислат начин како да го задржат вниманието на фановите, покрај новите ликови кои го заземаа нивното место.
Што е подобро од долгоочекуваната романса помеѓу Харви (Gabriel Macht) и Дона (Sarah Rafferty) ? Токму тоа стана реалност на крајот од 8-мата сезона и сите со нетрпение очекувавме што ќе се случи следно.
Во тек е прикажувањето на 9-тата сезона, а 7-мата епизода ја очекуваме во среда, на 4-ти септември 2019 година. Последната сезона наводно ќе има само 10 епизоди и токму онаа финалната заврши со снимањето.
Сите актери на своите инстаграм профили споделија емотивни фотографии и видеа од изминатите 9 години и моменти поминати заедно. Го кажаа своето “збогум” со фановите и изразија благодарност за сета подршка од нив и од целиот тим. Да, и вие ќе ни недостасувате – тоа е сигурно.
Додека актерите се присетуваат на нивните најдраги спомени од снимањата, наше е да се потсетиме на животните вредности кои ги научивме од “Suits”:
Лојалност
Позади тешкиот и самоуверен карактер на Харви, се криеше рането момче кое тешко се справува со своите емоции и не верува лесно секому. Но, кон оние што чувствуваше близина и поддршка, покажа неверојатна лојалност – по вистинска дефиниција на поимот. Сите моменти кога застана позади Мајк, Џесика и Луис и сите нешта што ги направи за да ја заштити Дона ја покажаа неговата лојалност, а истите нешта нормално ги бараше за возврат. Токму тоа беше најсилната врска помеѓу главните ликови во серијата – Секој секому го чуваше грбот!
Амбиција
Серијата ни покажа дека луѓето што се преамбициозни можат да бидат исто така себични и да направат многу неморални нешта само за да ја постигнат замислената цел. Сепак, ако нешто добро научивме е дека навистина постои КАРМА и ниедно дело не е без своја последица. Ликовите не научија дека е во ред да си амбициозен и да се стремиш кон врвот, се додека не газиш некој додека го искачуваш патот.
Искреност
На лагата и се кратки нозете, а токму тоа се докажа во многу ситуации од приказната на адвокатите. Вистината, колку и е да лоша и непријатна, секогаш се цени многу повеќе дури и од нејзиното премолчување. Во тоа силно веруваа Харви и Дона, ликовите кои најмногу ја презентираа искреноста како важна и позитивна особина на личноста.
Став
Ликовите во серијата, особено жените – не се плашеа да го заземат својот став за одредена ситуација и гласно да го искажат своето мислење. Не молчеа пред неправди и се бореа за себе, како и за луѓето кои најмногу им значат.
Неверојатно е колку одредена фиктивна приказна од телевизиските екрани може да влијае на многу животи. На нас останува, како гледачи да ги извлечеме сите позитивни лекции и да се потрудиме да ги примениме во нашиот живот.
Кажувајте ја вистината, бидете лојални на луѓето кои ги сакате, нека се чуе токму вашиот глас и не се откажувајте од сопствените амбиции – Затоа што колку и да изгледа тешко кога чекорите по моралниот и праведен пат, на крајот секогаш ќе вреди.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот


