“Пријателството е нашиот дневен специјалитет.”
-JBJ Soul Kitchen
JBJ Soul Kitchen е непрофитабилен ресторан првично отворен во Red Bank, New Jersey од страна на Бон Џови и неговата фондација Soul Foundation во 2011та година. Она што овој ресторан го нуди, а е различно од останатите е мени без цени.
Што значи тоа?
Посетителите имаат две можности: може да платат со донација од минимум 10$ или да го одработат својот оброк во вид на волонтирање. Одличен спој на различни класи од опшеството, каде секој може да придонесе според своите можности, да им помогне на другите и да задоволи една од основните човекови потреби, а тоа е храна.
При отворањето на ресторанот Бон Џови изјавил: “Секој шести човек во Америка страда и навечер легнува гладен и секое петто семејство живее на или под линијата на сиромаштијата.”
Целта на JBJ Soul Kitchen не е само да го нахрани телото, ресторанот е исто така изграден за да ја негува заедницата. Токму како што фразата од нивиот веб сајт вели: “Пријателството е нашиот дневен специјалитет”, овој концепт дава чувство на припадност и без разлика дали ја познаватe личноста која седи покрај вас или спроти вас, охрабрени сте да се претставите себеси и да поставите основни темели на нешто што може да прерасне во прекрасно пријателство.
Денес постои и втор ресторан, лоциран во Toms River, New Jersey и во моментов според ажурираните податоци на официјалната веб страна, ресторанот брои 105,893 послужени оброци, меѓу кои 46% од оброците се платени со волонтирање, а 54% се платени со донации.
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот