Доктор Горан Видоевски е еден од најреномираните ортопеди кај нас. За него можете да слушнете само позитивни искуства од прегледот во неговата ординација. Има едноставен и функционален пристап кон дечињата, не носи бел мантил и разбира што сакаат да му „кажат“.
Во интервју за Hybrid.mk одговара на прашања кои го засегаат секој родител – прочитајте во продолежение.
H: Доктор Видоевски, кај Вас доаѓаат најмалите пациенти, бебиња од само 2 месеци. Впрочем тоа е и првиот преглед кај ортопед. Кој е Вашиот генерален впечаток, дали родителите се информирани за развојот на детето?
Најпрво сакам да напоменам дека првиот преглед ортопедот (ако е во можност) најубаво е да го направи уште на самото раѓање на бебето, како што и педијатарот го прави првиот преглед веднаш по раѓањето. За правилниот развој на детето потребно е сите системи во телото на бебето да функционираат, односно да се здрави, вклучувајќи го и локомоторниот систем, односно системот за движење. Тој систем е сите зглобови, мускулите, периферниот нервен систем кој дава импулси на мускулите да се движат, ако се здрави зглобовите, како и централниот нервен систем, односно мозокот, кој ги координира сите движења во фина моторика која се учи со физичката активност. Колковите како специфични зглобови е потребно да се видат и со рентген (кога немаше ехо) или ехо како метода за проверка без зрачење. Овие информации, за жал, родителите (не сите) не ги знаат. Тоа е најчесто поради неинформираност од страна на нас лекарите.
H: Кои се најчестите прашања кои ги поставуваат?
Најчестите прашања се (посебно кај родители со прво бебе): како да го држат бебето, кога можат да го седнуваат, кога ќе седне самото, кога ќе седи, кога може да го стават на нозе, кога ќе стои, кога ќе прооди, како да го повиткуваат, зошто се врти на една страна, зошто се плаши и сл.
H: Дали може тие самите да згрешат?
Грешките што може родителите да ги направат се одразуваат само на успорен развој на бебињата. Сите ЗДРАВИ бебиња ќе седнат, ќе научат рамнотежа на седење, ќе станат, ќе научат рамнотежа на стоење и ќе проодат кога ќе научат безбедно да паѓаат. Успорувањето на равојот е од ограничувањата во движењата на бебињата. Тие сакаат да имаат слободни движења во сите зглобови за да мрдаат со максимален опсег на движењата во здравите зглобови, а со тоа си ги раздвижуваат зглобовите, ги зајакнуваат околните мускули, а мозокот ја учи фината моторика. Колку послободно облечено бебе, толку послободни движења, а со тоа и поправилен развој на бебето.
H: Успевате ли да се разберете со родителите, имајќи го предвид фактот дека денес
сите тежнеат кон тоа да бидат „интернет доктори“?
Со развојот на интернетот, родителите имаат послободен пристап кон информациите што ние докторите не им ги даваме. Ако се користат вистинските и стручни портали, тогаш не е проблем. Лошото е што најчесто се користат форумите, каде “стручните совети” ги даваат нестручни лица. Само со разговор и објаснување може да се дојде до разбирање на бебињата (и на децата понатаму).
H: Денес, достапаноста до разни реквизити и помагала за проодување е навистина
голема. Дали воопшто им потреба од нив?
Реквизити и помагала за проодување НЕ ПОСТОЈАТ. Постојат реквизити и помагала за вежбање на мускулите на бебињата, а да одморат родителите. Транспортерите, релаксаторите и количките за бебињата со наслон од 45 степени е за да можат полесно да ги зајакнуваат горните стомачни мускули (ако правилно се користат). Статичните дубаци и џамперите се за зајакнување на мускулите на нозете.
H: До која возраст треба детето да прооди и кога треба да се загрижат родителите ако
тоа не се случило?
Просечните здрави бебиња во околу 75 % проодуваат на околу 13 месеци. Бидејќи се е поврзано во еден систем на вежбање и учење, варијациите се (барем од мое искуство) од 6,5 месеци па и до 5 години. Ако бебето функционира во сите зглобови, ги зајакне сите мускули, проодувањето е само психолошки момент на ослободување од страво за лошо паѓање и повреди. Родителите треба само да овозможат безбедно место за вежбање и учење и
да не ги ограничуваат движењата во зглобовите кои се претходно проверени
дека се здрави. Безбедноста е: да не е лизгаво местото каде детето вежба и
учи, да не е многу тврда подлогата и да не е на високо.
H: Кои вежби треба да се практикуваат кај поголемите дечиња кои веќе одат на училиште, со оглед на тоа дека седат во клупа цел ден, носат поголеми ранци и слично?
Редовна физичка активност со трчање и скокање, фискултура со наставник по фискултура, запишување на некој спорт, или спортски активности како балет, играорна, модерни танци и сл.
H: Што се рамни стапала и зошто се појавуваат?
Сите бебиња со РАЃААТ со рамни стапала. Сводот на стапалата се формира до 10-12 годишна возраст со одење, трчање и скокање на прсти. За разлика од децата, кај возрасните кои имале правилно развиени стапала, со тек на стареењето, поради разни заболување на лигаментите, мускулите или зглобовите, доаѓа до спуштање на сводовите и развој на рамни стапала.
H: За крај, да дефинираме што е широк повој и како треба новороденчињата да бидат
повиени?
Дилемата е што е тоа широк повој. Погледнете ја малку историјата на повиткувањето на бебињата. Во голем број на земји во светот долго време бил применуван т.н. тесен повој, а тоа е бебињата биле стегнувани со пелена околу нозете и околу целото тело за да не мрдаат и за да се “исправат” “кривите” нозе. Во тој начин на повиткување бебињата не можеле да мрдаат
ниту со рацете, ниту со нозете, а им било и оневозможен развојот на мускулатурата на стомакот и на грбот. Поради тоа бебињата не можеле ниту да се припремаат за оние моторни активности што им следат во развојот, а тоа се да седнува (самото), да се превртува, што е услов за ползењето, а ниту за застанување на нозе. За сето тоа е потребно да се развие мускулатурата на соодветните делови од телото. Затоа се премина на т.н. широк повој, а тоа е
ПЕЛЕНА ПОМЕЃУ НОЗЕТЕ НА БЕБЕТО, при што има слобода на движења, а со тоа и развој на мускулатурата и припрема за седнување, ползење и застанување на нозе. Кога се менуваше начинот на повој постоеа само пелени за повеќекратна употреба, а тоа се т.н. тетра пелени. Бидејќи со една тетра пелена помеѓу нозете при мокрење истата пропушташе влага на облеката, се наложи потреба од ставање на две или три пелени за подолго да трае
повиткувањето до следното преслекување. Тоа наложи потреба од производство на пелени кои не пропуштаат влага, затоа што со две или три пелени помеѓу нозете повторно бебињата ја изгубија способноста и слободата за мрдање и вежби. Тие пелени се ПЕЛЕНИТЕ ЗА ЕДНОКРАТНА УПОТРЕБА, или (за жал) кај нас т.н. памперс пелени. Напомнувам дека PAMPERS не е поим за предметот, туку е бренд или фирма на еден од производителите на
пелени за еднократна употреба. Малку математички формули….. Ако е ПЕЛЕНА ПОМЕЃУ НОЗЕ = ШИРОК ПОВОЈ, а PAMPERS = ПЕЛЕНА, тогаш следи – PAMPERS ПОМЕЃУ НОЗЕ = ШИРОК ПОВОЈ. Дефинитивно не е тесен повој. Постарите генерации кои биле со тесен повој не се сите со ишчашени колкови. Такви колкови имале само оние кои имале пореметен колк при
раѓање. Здравите колкови и со тесен повој останале – здрави. Ако за женските бебиња “требало” да се ставаат две-три пелени помеѓу нозете за да им се рашири карлицата и да можат да раѓаат, запрашајте се како нашите баби, кои биле со тесен повој (пелена околу нозете), имаат многу широки карлици и раѓале по десетина деца ????? Запамтете, пелените се за одржување на хигиената кај бебињата, а карлицата кај женските ќе се прошири и ќе се
припреми за раѓање од женските хормони кои ќе се јават во пубертетот.
Значи……..ДЕФИНИТИВНО – ШИРОК ПОВОЈ СО ЕДНА ПЕЛЕНА ОД 21 ВЕК (СЕЕДНО КАКО СЕ ВИКА БРЕНДОТ) ПОМЕЃУ НОЗЕТЕ АКО СЕ ЗДРАВИ КОЛКОВИТЕ ШТО Е ПОТРЕБНО ДА СЕ ВИДИ КОЛКУ МОЖЕ ПОРАНО СО ЕХО НА КОЛКОВИТЕ.
Подготви: Билјана Настеска – Каланоска
Фото: Приватна архива
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.