Hybrid
  • НОВОСТИ
  • ЖИВОТЕН СТИЛ
  • УБАВИНА
  • КАРИЕРА
  • ЗДРАВЈЕ
    • БЛОГ
  • ИНТЕРВЈУ
  • HYBRID WORLD
No Result
View All Result
  • НОВОСТИ
  • ЖИВОТЕН СТИЛ
  • УБАВИНА
  • КАРИЕРА
  • ЗДРАВЈЕ
    • БЛОГ
  • ИНТЕРВЈУ
  • HYBRID WORLD
No Result
View All Result
Hybrid
No Result
View All Result

ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ – ПАНДЕМИЈАТА Е ШАНСА ДА СЕ ПРЕИСПИТАМЕ ВО КОЈА НАСОКА КИНИСАЛО ЧОВЕШТВОТО

Потребни ни се џиновски инфузии со надеж и љубов

Фото: Тоше Огњанов

Фото: Тоше Огњанов

1.3k
Прегледи
Сподели на фејсбук

Пишува: Ана Јовковска

АЈ: Во ова наше чудно време сè уште има оптимисти со точна диоптрија за сите аномалии, но полни со верба во доброто на луѓето и со надеж за човештвото и покрај пандемијата во светот. Ве сметам за еден од нив… А Хегел вели дека единственото нешто што можеме да го научиме од историјата е дека од историјата не можеме да научиме ништо. Дали оваа пандемија ќе нè направи помудри?

ВМ: Прво, благодарам за вбројувањето во таборот на оптимистите (се смее). Оптимизмот за мене не значи наивно, неодговорно и тврдоглаво носење розови очила. Но дефинирањето како „верба во доброто на луѓето”, Ана, многу ми се допаѓа. Работите се загрижувачки, но ова не е ни прва, а веројатно, ни последна пандемија, како глобален предизвик за човештвото. Во огромен број книжевни дела (од Лукрециј Кар, преку Џовани Бокачо до Албер Ками) се говори за чумата, а човештвото постојано се бори со најразлични облици на чуми. Веројатно затоа оптимизмот ни е насушно потребен како надеж во човекот. Како форма на пркос против апатијата или стравот од смртта. Уште повеќе, како потстрек да дејствуваме во вистинската насока. Или барем да имаме трпение и надеж.

Инаку, се согласувам дека сме лоши ученици од историјата. Еден вид вечни повторувачи: упорно паѓаме на истите грешки. Колку средства и колку инвентивност, на пример, годишно се трошат за воените индустрии наместо да се вложат во борбата за подобрување на здравјето на луѓето, или во борба против сиромаштијата и гладот?

Но пандемијата може да нè натера да се преиспитаме. Да не ги земаме нештата „здраво за готово”. Да се соочиме со нашата кревкост и краткотрајност. Да сфатиме дека сме една од формите на живот на планетава, а не сурови Господари, кои си дале право да пустошат околу себе. Во таа смисла, покрај сите реални опасности пандемијата е можеби и шанса да се преиспитаме во која насока кинисало човештвото.

 

Оптимизмoт е пркос против апатијата или стравот од смртта.

Фото: Ромир Имами

АЈ: И во време на корона успеавте да објавите нова книга 101 сонет од една чудна пролет (Кликер книги, 2020), која срдечно им ја препорачувам на читател(к)ите. Вие и Славој Жижек (се смее), честитки! А во новата книга Пандемија! Ковид-19 го тресе светот познатиот филозоф вели: „Вирусот ќе ги растресе темелите на нашите животи, притоа предизвикувајќи не само огромни количества страдање туку и економски пустош значително полош од оној за време на Големата рецесија. Ќе мора да си го поставиме клучното прашање: Што тоа не е во ред со нашиот систем, па се најдовме неподготвени за катастрофата што нè снајде, и покрај тоа што научниците нè предупредуваа со години“?

ВМ: Сè уште не сум ја прочитал најновата книга на Жижек, но оваа негова теза ми е блиска. Неговата книга со алармантен наслов е показ дека пандемијата нè повикува да ја промислуваме и преиспитуваме состојбата на човекот и на современото општество. Многу уметници, научници и мислители тоа секојдневно го прават не само како „задача на денот” туку и како животен позив. И во подобри и во полоши околности.

Па така, и јас спонтано го одбрав сонетот како начин низ пеење да се соочам со новите околности. Сите песни од книгата 101 сонет од една чудна пролет настанаа меѓу 10 април и 19 мај 2020 година. Беа пишувани во, најблаго кажано, „чудни” околности. Tоа е причината што во значаен дел од песните се протега еден вид потрага по поведрите страни на животот, која неизбежно подразбира и соочување и со помалку ведрите. Сонетот се појавил во раната ренесанса, кога беснеела пандемијата на чумата и кога поетите пееле за своите „мртви сакани”. Можеби затоа ми се наметна како стар предизвик и како ново прибежиште во карантинските ноќи и денови. Оваа книга е една мала победа над стравот!

 

Колку средства и колку инвентивност, на пример, годишно се трошат за воените индустрии наместо да се вложат во борбата за подобрување на здравјето на луѓето, или во борба против сиромаштијата и гладот?

 

АЈ: Коронавирусот го промени нашиот однос кон смртта. Во вашата претходна поетска книга Сонувани и будни песни низ педесетина песни го преиспитувате односот меѓу сонот и будењето, т.е. меѓу животот и смртта. Ќе речете: „Смртта на блиски луѓе секогаш ни ги поставува прашањата од сликата на Гоген: Од каде доаѓаме? Кои сме ние? Каде одиме?” Уште ли верувате дека смртта е немоќна пред љубовта?

ВМ: Длабоко сум уверен дека од најстари времиња човекот нема друго прибежиште и оружје во борбата против смртта и минливоста. Љубовта го чува споменот за луѓето кои сме ги познавале и сакале лично, но и за луѓето кои живееле пред милениуми. Таа е основниот двигател на сите уметнички дела. Уште од своите почетоци, уметноста е соочување со смртта, а и еден вид бунт и пркос. За жал, за време на пандемијава, смртта на луѓето станува статистика. Како да забораваме дека зад тие бројки на луѓето жртви на вирусот се исто така нечии блиски, сакани, пријатели, роднини. Камбаните бијат за секој од нас.

 

АЈ: Докторските студии на Сорбона во Париз ви беа едно од многуте скапоцени искуства. За патувањата сметате дека се „можности за интензивно учење и излегување од инерцијата на секојдневието, битни затоа што ја острат нашата будност за светот околу нас“. Денес кога сме лишени од патувањата надвор од границите на нашата земја, каде низ Македонија најчесто ги носите вашите координати? И уште едно прашање – кои патувања и искуства ве направија духовно богат?

ВМ: Секој човек е еден вид патник. Подеднакво возбудливи ми се прошетките на Водно и Шар Планина и патувањата на други континенти. По неколку дена карантин во нашите домови, и прошетката во парк е како човек да бил во Амазон. Иако на Картата на светот Македонија е мала, сигурен сум дека еден живот е прекраток за да се откријат сите нејзини убавини. Секој нејзин жител може да си најде парче рај.

АЈ: Вашата искрена насмевка прави човек да не се чувствува мал пред ерудицијата што ја имате. Но, списокот на вашите успеси, објавени книги (повеќе од дваесет авторски книги и уште толку приредени или преведени), награди… е далеку поголем од бројот на чорапите во мојот плакар (се смее). Во исто време да се биде поет, есеист, професор на катедрата за Општа и компаративна книжевност, вљубеник во хаику-поезијата, музичар, вљубеник во екстремните спортови, верен другар на својот велосипед, посветен татко и сопруг… е прилично мачно менаџирање со себе си. Велите: „Мислам дека современиот човек, сакал-нејќел, е упатен на паралелен слалом, а тогаш човек лесно може да утне некоја капија на некоја од патеките“.

Како си го негувате зрното позитивна енергија покрај многубројните обврски и улоги во денешнава цивилизациска мелница?

ВМ: Духовниот мир го барам преку неизвесноста на уметноста. Во читањето книги и во пишувањето. Преку музиката. Поезијата ја сакам поради предизвикот со малку да се сугерира, да се навестува нешто што си го почувствувал, а тоа да звучи и да значи ем обично ем некако необично. Прозата ја сакам поради можноста сложеноста на животот да ја насетиме преку слоевитоста на приказните. Блиски ми се и хибридните форми, особено хаибунот, а кога пишувам есеи уживам во вкрстувањето на мисловните хоризонти со книжевници и научници од различни времиња и простори. Во последно време ја засакав и литературата за деца и млади. Работата врз секоја нова книга ја доживувам како нов предизвик, кој ми го збогатува животот, а можеби некогаш ќе израдува и некој друг човек. Дружењето со други музичари преку заедничко музицирање го сметам за еден од најмоќните облици на длабока и искрена интуитивна комуникација и со другите и со себеси. Затоа, никогаш не се двоумам кога ме покануваат да свирам со пријатели. Признавам дека „паралелниот слалом” понекогаш заморува, ама занимавањето со творештво на човек му дава многу работи кои не можат да се купат со пари.

Фото: Маја Аргакиева
Фото: Сантијаго Жиро

АЈ: И во ова чудно време одржавте неколку поетско-музички перформанси „Песни и звуци од чудната шума“ со групата „ВИС Тркалезна маса“ која обединува писатели, музичари и уметници, сплотени околу творењето и импровизирањето музика, настаната во спонтан дијалог со книжевноста и со омажи на значајни уметници и писатели како Дејвид Боуви, француски надреалисти, Блаже Конески, Лилјана Дирјан…

ВМ: Да, со „ВИС Тркалезна маса” неодамна имавме фантастични настапи на Скопско и Велешко културно лето. За танц секогаш се потребни двајца: и ние бевме жедни за музицирање и поетско-музичко истражување, но и наидовме на одлична публика, која особено нè инспирираше. Како сите да примавме џиновски инфузии со чиста надеж и љубов.

Фото: Jован Димовски

АЈ: Минатата недела учествувавте на „Поетската ноќ во Велество” која се одржува веќе 32 години . Дали ваквите гозби на отворено, во природа, над езеро, на планина, со помал број на искрени вљубеници во пишаниот збор се новите форми на културни собиранки?

ВМ: Фестивалот помина во волшебна атмосфера, не менувајќи речиси ништо од основниот препознатлив формат, а сепак почитувајќи ги протоколите за претпазливост. Баш беше еден вид „гозба за духот” во кој се гоштевавме со одлична поезија во незаборавен амбиент. Убав пример е што ПНВ се пренесуваше во живо преку интернет и што така стана достапен за многу поголема публика.

Фото: Томе Љушев

АЈ: Дали културата е колатерална штета на пандемијата?

ВМ: Тешко е да се каже што сè е колатерална штета на пандемијава. Седејќи дома, сите се уверивме колку ни е потребна уметноста во сите времиња, не само во кризните. Што ли ќе правевме во долгите карантински денови, ноќи и недели да немаше филмови, книги, музика? Уметниците секако продолжија со Донкихотовските мисии и во овие тешки времиња. И во оваа криза се гледа колку се битни образованието, културата и науката, а колку многу се потценети. Последниве три децении тие витални сектори се хронично запоставени кај нас. Доволно е да се види колку сите досегашни влади издвојуваат за тие области и сè е јасно.

 

Обложувалниците, тие фабрики за губење време и пари, се отворија многу побрзо од библиотеките.

АЈ: Непосредно пред Саемот на книга кој ќе се одржи од 8 до 14 септември на отворено, пред салата „Борис Трајковски“, потсетувам на вашата реченица – „Денес е огромен успех да го предизвикате некого да го остави телефонот час-два и да одвои време за вашата книга“. Ако на тоа го додадеме и односот книжарници-обложувалници во Скопје, кој веројатно е еден наспрема десет, што добиваме?

ВМ: Тоа што сум го рекол пред некоја година мислам дека не е воопшто променето – сите поминуваме повеќе време пред екраните, додека книгите трпеливо го чекаат нашето внимание. Но гледањето во екран и читањето се битно различни. Читањето бара целосна посветеност, непрекинато внимание, вклучување на имагинацијата… За жал, гледањето во екраните од телефоните неретко се претвора во плитка забава. Актуелнава пандемија повторно ни покажа дека нашето општество има и други опасни хронични заболувања: обложувалниците, тие фабрики за губење време и пари, на пример, се отворија многу побрзо од библиотеките.

 

 

АЈ: Ќе се согласиме дека сите сме соучесници во еколошкава катастрофа што ја живееме. Се сеќавам кога во една дискусија потсетивте дека речиси сите палиме кола за до продавница. Прецизно го формулиравте тоа дека „сите додаваме масло, или по некое пластично шише, на огнот со своето однесување: доволно е човек да види што сѐ има покрај патиштата или што сѐ плови по матниот Вардар“.

ВМ: Да, Ана, сликата ни во оваа сфера, за жал, не е многу променета: во нашата земја никнат диви депонии на секој чекор и повеќе од половина година дишеме сериозно загаден воздух. Сите имаме дел од одговорноста, како што сите и ги трпиме последиците од еколошката неодговорност. Еден вид парадокс на опасната пандемија е што поради карантините на глобално ниво се промени состојбата со озонските дупки. Некои луѓе на Далечниот Исток, конечно видоа бистро небо и сонце. Невидливиот опасен вирус, се чини, ни покажа дека сепак планетава може да ги зацелува раните што постојано и‘ ги нанесуваме. Уверен сум дека има решенија за сите проблеми кои самите си ги создаваме.

 

Настојувам да пешачам или да одам со велосипед во секоја прилика. Го препорачувам и консумирањето органска храна, но и поодговорниот однос кон трошењето на водата.

 

АЈ: Се изненадив кога ми кажавте дека веќе се патентирани пчели-дронови што наскоро ќе треба да ги опрашуваат растенијата. „Уште малку ќе почнат да ни продаваат и чист воздух“, велите. Навистина… заради профит, безмилосно ги истребуваме другите форми на живот. За среќа, се повеќе луѓе стануваат свесни за отровите со кои ја клукаме природата па „се вртат“ кон органското, локално производсто и органската, хемиски нетретирана храна, од една страна како еден од начините на похуман однос кон земјата и нејзините плодови, и од друга страна, како погрижлив однос кон сопственото здравје. 

Кои се вашите начини со кое сте еко-одговорен?

ВМ: Пред сè, настојувам да пешачам или да одам со велосипед во секоја прилика. Секако, го препорачувам и консумирањето органска храна, но и поодговорниот однос кон трошењето на водата. Денес да се биде еко-одговорен значи и постојано да се прави притисок за решавање на натрупаните проблеми во оваа сфера.

Фото: Филип Кондовски

Не е исто да си во карантин во палата со сто соби и во мемлива соба во која живеат десет луѓе. Вирусот е подеднакво опасен за сите луѓе, но пандемијата ни покажува дека живееме во драматично поделен свет, со драстични социјални разлики.

 

АЈ: Се сеќавате на изјавата на Мартин Лутер: „Можеби сите пристигнавме со различни бродови, ама сега сите сме на истиот брод“? Ова совршено добро реферира на она што денес го живееме. Поврзани сме повеќе од кога било. Сите ја сркаме истата вирусна каша, како еден вид казна за човештвото поради немилосрдната експлоатација на другите форми на живот на Земјата.  Харирчи вели: „Овој вирус е демократски, не прави разлика помеѓу сиромашните и богатите или помеѓу државниците и обичните граѓани“. Сепак, орвеловски – дали сите сме еднакви, ама некои од нас се поеднакви во оваа светска здравствена криза? 

ВМ: Да, вирусот е подеднакво опасен за сите луѓе, но пандемијата ни покажува дека живееме во драматично поделен свет, со драстични социјални разлики. Не е исто да си во карантин во палата со сто соби и во мемлива соба во која живеат десет луѓе. Додека во некои земји се прават журки во кои ич не се почитуваат мерките за претпазливост, во други земји деновиве  маларијата, на пример, предизвикува фатални последици, поголеми и од ковидот. Неодамна наидов на официјалниот податок на УНИЦЕФ дека на десет секунди во светот умира дете од глад. Каков очај! Каде е нашата солидарност како луѓе?

 

На десет секунди во светот умира дете од глад. Каков очај! Каде е нашата солидарност како луѓе?

АЈ: Што прогнозирате, ќе има ли враќање во нормала или врз урнатините на старите животи и навики ќе конструираме нова „нормала“ или пак ново варварство?

ВМ: Што да кажам – и пред пандемијата веќе се навикнавме многу ненормални работи да станат нормални. Не би се осмелувал да прогнозирам околу времетраењето на пандемијата, а дури и за нејзините краткорочни и долгорочни последици. Дека веќе има промени во многу сфери – тоа секојдневно го искусуваме. Подобро би било да работиме промените да водат кон подобро. И да не се откажуваме од вербата во доброто на луѓето.

 

 

 

Претходен пост

Номинирање на решенија на компании членки на МАСИТ на WITSA Virtual Global ICT Excellence Awards

Следен пост

Отворен повикот за онлајн-учество на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија 2020“

Следен пост

Отворен повикот за онлајн-учество на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија 2020“

HYBRID

© 2019 HYBRID - Сите права се задражани hybrid.mk.

Навигација:

  • НОВОСТИ
  • ЖИВОТЕН СТИЛ
  • УБАВИНА
  • КАРИЕРА
  • ЗДРАВЈЕ
  • ИНТЕРВЈУ
  • HYBRID WORLD

Следете нѐ и на:

No Result
View All Result
  • НОВОСТИ
  • ЖИВОТЕН СТИЛ
  • УБАВИНА
  • КАРИЕРА
  • ЗДРАВЈЕ
    • БЛОГ
  • ИНТЕРВЈУ
  • HYBRID WORLD

© 2019 HYBRID - Сите права се задражани hybrid.mk.