Татјана Багеска работи како дефектолог во Центарот за сензорна терапија „Во Мојот Свет“ која е за лица со аутистичен спектар на нарушувања. Центарот постои 2 години, а за толку кратко време имаат многу позитивни резултати. За работата таму и за неа како дефектолог, прочитајте во интервјуто во продолжение.
H: Татјана колкава е свесноста кај нас за посета на еден ваков Центар?
Во центарот имаме деца помали од 2 години, што покажува дека многу е поголема свеста од порано. Родителите многу порано почнуваат да ги носат кај нас, бидејќи препознаваат дека нешто не е во ред. Тоа е целта, да се препознае проблемот за да почне да се третира. Најтешкиот чекор е родителот да согледа дека нешто не е во ред со неговото дете и да побара помош.
H: Како реагираат децата?
Толку мали деца, на таа возраст различно реагираат бидејќи секое дете е различно само по себе. Посебно децата со аутизам. Но, да се биде различен, не е ништо страшно, тоа значи да се биде посебен. Кај нас можеби се доживува поинаку – ако детето е различно, тоа е лошо. Напротив, тоа е посебно дете.
H: Која е Вашата улога во Центарот?
Мојата улога е на децата кои имаат пречки во развојот (атипичен развој) е да им дадам максимална поддршка, која се темели на многу љубов и работа, пред сè на едукација и осамостојување. Гледано пошироко јас би претставувала врската помеѓу типичната и атипичната популација. Дефектолог за мене е учител со посебни моќи, а децата се мали волшебници. Неописливо убаво е чувството кога се работи со децата секој ден.
H: Како изгледа еден ден во Центарот, по која програма се водите?
Центарот има капацитет за 40 деца и работи во 2 смени. Ние индивидуално работиме со 10 до 15 деца, што значи дека и наставата е индивидуална, се одржуваат часови и се работи со секое дете посебно. Децата со аутизам се позатворени, интровертни и потешко воспоставуваат комуникација, но кога ќе се случи конекцијата помеѓу вас и детето, дечињата даваат едно чувство, една емоција која што ја нема на ниту едно друго место. Кога доаѓаат децата кај нас се прави сензорен профил, го набљудуваме заедно со родителите, а потоа се прави профилот.
Програма генерално сами ја составуваме, но во постојана консултација со експерти. Ние сме млад тим, екипата е свежа и полна со енергија, амбицизона, сите имаме желба за борба, за знаење и подобрување. Соработуваме со Д-р Мери Бошкова од клиниката „Ремедика“, а имаме постојана и целосна поддршка од родителите, така што се надополнуваме постојано благодарение на нив.
H: Како реагираат родителите при првиот контакт?
Не се секогаш сите отворени за соработка, иако знаат дека нивното дете има проблем. Процесот на прифаќање е долг, вродува со плод. Сметам дека родителите се клучните соработници. Зошто? Бидејќи кога родителот ќе го препознае проблемот тогаш настапуваме ние. Мора да ги разбереме за нивната реакција, недоверливост и воздржаност. Ние, дефектолозите, сами и свесно сме ја одбрале оваа професија, тие несвесно се во тоа. Живеат со аутизмот и по 20 години, 24 часа во текот на денот.
H: Татјана, со какви препреки се судрувате секој ден?
Секој ден е борба. Се судруваме со огромни ѕидови, но добрата вест е што се рушат, секојднeвно. Најглема нагрда од сетоа тоа е кога ќе видите дека кај детето има успех, дека сте постиганале нешто. Не постои ниту еден паричен надоместок кој што тоа може да го направи. Кога детето ќе пројави говор, плачеме подеднакво со родителите. Интуицијата игра голема улога во процесот на работа, бидејќи јас треба да знам кога да се повлечам, кога да го оставам детето да биде само во интеракцијата. Понекогаш себеси се доживувам како диригент бидејќи постојано морам да давам некакви инструкции, односно мора да им се сервира по јасен редослед. Од децата не треба да очекуваме да ги гледаат работите онака како што ние возрасните ги гледаме.Од нив треба да учиме за љубовта.Многу е едноставно, давате љубов – добивате љубов.Неможете да направите конекција ако имате само едносмерна комуникација.
H: Што Ве мотивира секој ден?
Ме мотивира гладта за знаење и учење, емоцијата и љубовта, бидејќи љубовта која ја добивате од нив не може да се добие од ниту едно друго место. Она што јас учам од децата е усовршување на невербалната комуникација и броење до 100. Склона сум на многу зборување, но сфатив дека понекогаш не треба да се зборува воопшто за многу да се каже. Се помалку постојат луѓе кои умеат да слушаат (или да Ве сослушаат) на таквите се воодушевувам. На потребата која ја немаат да зборуваат само за себе, на несебичноста.
Подготови: Билјана Настеска – Каланоска
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.