Пишува: Ана Јовковска
АЈ: Албер Ками ни остави аманет фатен во следниве зборови: „Должност на писателот е да ја спречува цивилизацијата да се уништи себеси“. Која е должноста на претседателот?
СП: Иако ми се блиски дилемите на Ками и неговите размисли за смислата и тешкотиите на човековото постоење, сепак, не верувам дека која било единка е доволно моќна да си постави таква колосална задача пред себе – „да ја спречува цивилизацијата да се уништи самата себеси”. Затоа, јас, пред себе си поставувам далеку поскромни задачи: секој ден да внимавам со некоја од моите постапки или пак на луѓето околу мене. Да не ја поткопуваме дополнително прилично разнишаната основа на нашево парче од цивилизацијата. Тоа не е обврска којашто уставот му ја задава на претседателот (се смее), тоа го разбирам како своја лична обврска која ме одредува како човечко суштество.
АЈ: „Домот е чувство, не простор“. Каде се чувствувате најмногу дома?
СП: Интересно, никогаш во животот не сум бил егзистенцијално поврзан со некој простор, дури ни со домот во кој сум роден. Наместо тоа сум се поврзувал со луѓе, секогаш од редот на моите најблиски, а на јавната сцена – со идеи. Најмногу се чувствувам дома онаму каде што сум опкружен со најблиските или кога патувам низ мислите во светот на идеите кои го обликуваат мојот живот.
Не е тешко да се предвиди дека сè повеќе ќе се форсира работењето од дома. Но што ќе се случува со солидарноста и емпатијата меѓу нас, кога милиони луѓе ја загубија битката со животот, а тие индивидуални трагедии секој од нас можеше да ги гледа во директен пренос на своите мобилни телефони…
АЈ: Филозофот Славој Жижек во неговата книга Пандемија! Ковид-19 го тресе светот пишува за „вирусот кој ќе ги растресе темелите на нашите животи, притоа предизвикувајќи не само огромни количества страдање туку и економски пустош значително полош од оној за време на Големата рецесија“. Животот ни се промени радикално. Стравот, стресот и неизвесноста со кои се соочуваме се составен дел од спектарот на нашите емоционални состојби. Како Вие се соочувате?
И што мислите каков свет ќе донесе оваа пандемија по нејзиното завршување? Ќе биде ли човекот уште поотуѓен и роботизиран, производството автоматизирано, комуникациите дигитализирани, или, пак, ќе станеме посвесни и разбудени? Ќе се сменат ли приоритетите на државите во смисла на градење силно јавно здравство и вложување во науката, образованието и културата, наместо во оружје, на пример?
СП: Ниту најголемите светски умови, засега, не можат да ги предвидат последиците по светот откако пандемијата ќе заврши. Неколку релевантни аналитички студии го опишуваат пост-ковид светот, но се задржуваат најмногу на она што се нарекува “техничко врамување” на човештвото. Сепак, никој со сигурност не знае што ќе се случува со нашите чувства, со нашата психа, а, мене ми се чини дека таму последиците ќе бидат многу покомплексни.
Еве, само еден пример… не е тешко да се предвиди дека сè повеќе ќе се форсира работењето од дома, но што ќе се случува со солидарноста и емпатијата меѓу нас… кога милиони луѓе ја загубија битката со животот, а тие индивидуални трагедии секој од нас можеше да ги гледа во директен пренос на своите мобилни телефони.
Се плашам дека страшните страдања на кои сведочевме нема да го намалат трендот на отуѓување на луѓето еден од друг. А логиката на најмоќните во светот тешко ќе се менува за наместо во оружје да вложуваат повеќе во здравството или во системите за социјална заштита.
Никој со сигурност не знае што ќе се случува со нашите чувства, со нашата психа, а, мене ми се чини дека таму последиците ќе бидат многу покомплексни…
АЈ: Некои луѓе гледаат можности онаму каде што други гледаат тешкотии. Зборот криза во кинескиот јазик е составен од два знака, едниот претставува опасност, а другиот можност. Кои особини Ви овозможуваат добро да менаџирате криза и стрес?
СП: Не верувам дека некои од нас се раѓаат со посебен талент да менаџираат кризи и стресови. Тој капацитет најмногу зависи од тоа низ што животот “те натерал” да поминеш. Јас (без посебно да сум го планирал тоа) сум имал прилика да поминам низ речиси сите наши кризи од независноста до денес во некоја од клучните државни институции каде што сум имал прилика да го гледам (не)функционирањето на системот од прва рака. Тоа искуство и денес ми помага да не дозволам чувствата да го диктираат моето однесување во критични ситуации.
Навистина не сметам дека сме должни, кому било, да докажуваме кои сме и што сме – ние тоа го знаеме, светот тоа го знае.
АЈ: Од денешна перспектива, како би ја искоментирале познатата сентенца на Блаже Конески: „Јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“?
СП: Нападите од надвор врз нашата суштина ни помогнаа да постигнеме национална мобилизација околу една кауза која многу одамна ја имавме вградено во националниот хабитус, а степенот на нашиот отпор кон најновите обиди за негирање само ја потврди нашата монолитност по тоа прашање.
Се разбира, не треба да влеземе во другата крајност и до бескрај да повторуваме дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик бидејќи тоа е ноторен факт, одамна меѓународно верификуван. Навистина не сметам дека сме должни, кому било, да докажуваме кои сме и што сме – ние тоа го знаеме, светот тоа го знае.
Иако сум повеќе од дваесет и пет години присутен во медиумите, секогаш сум се трудел да го сочувам својот внатрешен свет од погледите однадвор.
АЈ: Секој избор е одрекување од нешто друго. Што најмногу Ви недостига од претходните животни навики пред да станете претседател?
СП: Приватноста, Ана. Постојано се навраќам на мојот личен парадокс дека иако сум повеќе од дваесет и пет години присутен во медиумите, секогаш сум се трудел да го сочувам својот внатрешен свет од погледите однадвор. Затоа, повеќе ваши колеги имам одбиено за интервјуа. Никогаш не разбрав како експонирањето во јавноста, без повод и причина, му служи на јавниот интерес. Меѓутоа, тоа заврши во 2019 година откога сум должен да бидам присутен во јавноста, секогаш кога граѓаните поставуваат прашања на кои сум должен да одговорам.
Од најмала возраст се трудам да се осамам макар на неколку минути во текот на денот, затоа што така најдобро си ја враќам енергијата која им ја давам на другите луѓе.
АЈ: Често се вели дека осаменоста е избор на писателите и филозофите. Но дали се во право егзистенцијалистите кога тврдат дека осаменоста е есенцијата на тоа да се биде човек, кој доаѓа и си оди од овој свет сам? Џозеф Конрад пишува: „Којзнае што е вистинска осаменост – не конвенционалниот збор туку самиот терор“? Неодамна налетав и на еден одличен опис – самотијата не се мери со присуството на другите, туку со отсуството на себе си! Кога сте се почувствувале најосамен?
СП: Од лично искуство знам дека осаменоста не е избор само на писателите и филозофите. Имено, од најмала возраст се трудам да се осамам макар на неколку минути во текот на денот, затоа што така најдобро си ја враќам енергијата која им ја давам на другите луѓе. И во таа смисла, чувството на осаменост кај мене не е резултат на депресија или незадоволство од некоја конкретна животна ситуација, туку состојба во која влегувам по своја волја и која ми е навистина потребна.
Чувството на осаменост кај мене не е резултат на депресија или незадоволство од некоја конкретна животна ситуација, туку состојба во која влегувам по своја волја и која ми е навистина потребна.
АЈ: Кормилото на разговоров би сакала да го свртиме на луцидна нота, па не можам а да не го споменам она што универзитетската професорка Ана Мартиноска го кажа во мојата ТВ-емисија „Пулс“ уште пред десет години, кога некој додворувач ѝ рекол: „Можеш да бидеш и претседател на држава, ама кога ќе дојдам дома од работа, ако нема супа на масата, сè друго е џабе!“ (се смее). Според некои истражувања направени во европски рамки, 75% од жените готват секој ден, независно дали се вработени или не. Поголемиот број на испитанички тврдат дека се чувствуваат емоционално одговорни да го прават тоа за другите членови од семејството. Продолжувам да ја цитирам Мартиноска: „Кујната е сè уште царство на жените. Дури и во поеманципирани општества од нашето, во Норвешка на пример, анкетите покажуваат дека жената минува трипати повеќе време од мажот во кујна и во извршување на домашните работи.“
Прво, дали знаете да готвите и дали наоѓате време за в кујна?
Второ, каде гледате сексизам во нашево општество?
СП: Јасно е дека не треба да губиме време во докажување дека стереотипите за улогата на половите прилично жилаво опстојуваат во едно конзервативно општество какво што е нашево, и покрај малите позитивни исчекори направени во меѓувреме. Сексизмот е видлив во семејствата, во политиката, во бизнисот. Со законските мерки од комплексот на таканаречената афирмативна акција, најголеми придвижувања се забележуваат во јавната сфера, најмалку во семејствата.
Со оглед на мојата возраст, за жал, јас сум типичен продукт на времето и немам намера да го кријам фактот дека не се снаоѓам во кујна. Но со симпатии гледам на новите генерации на кои им припаѓа и мојот син, кои покажуваат далеку поголема автономија и креативност во споменатиот простор од мене.
АЈ: Кои жени го променија светот?
СП: Жените, планетарните икони на своето време, најмногу влијаат врз локалните актери затоа што големите идеи се концептуализираат на глобално ниво, но нивната примена е сепак локална. Ние ја имаме мајка Тереза, чие потекло е од тука, но нејзините постигнувања се почитувани од светот.
Последниве години најголем впечаток ми остави малата Малала Јусуфзаи од Пакистан, најмладата добитничка на Нобеловата награда за мир, која заради своите заложби за еманципација на девојчињата во Пакистан за малку ќе ја платеше највисоката цена – својот живот.
Секоја генерација има свои хероини, но, најважно е да ги откриеме оние кои инспирирани од глобалните примери ги предводат промените на локално ниво.
АЈ: Вашето семејство потекнува од мијачкото село Галичник. Кои места во земјата треба да ги заштитите како природно национално богатство и како културно богатство?
СП: Зборувавме пред малку за сеприсутниот сексизам, Ана, и за волја на вистината треба да кажеме дека татко ми е од Галичник, но, мојата мајка е по потекло од околината на Кратово. Инаку, за нашите природни и културни богатства недоволно се грижиме и токму тоа беше мојот главен мотив што неодамна не го потпишав указот за важење на законот за легализација на бесправните градби, затоа што во еден дел предвидуваше легализација и на градбите во таканаречените заштитени зони.
Битно е децата да ги учиме од најмлада возраст да си ја сакаат својата земја, нејзините убавини и културно-историските богатства. За жал, очигледно е дека и дел од нас, како родители или како учители, потфрламе – кој повеќе, кој помалку.
Сите идеолошки разлики меѓу луѓето стануваат беспредметни кога сите сме жртви на загадената земја, вода и воздух.
АЈ: Од професорот и писател Владимир Мартиновски слушнав дека во светот веќе се патентирани пчели-дронови што наскоро ќе треба да ги опрашуваат растенијата. Го цитирам: „Уште малку ќе почнат да ни продаваат и чист воздух“! Навистина… заради профит, безмилосно ги истребуваме другите форми на живот. За среќа, се повеќе луѓе стануваат свесни за отровите со кои ја клукаме природата па „се вртат“ кон локалното производство и органската, хемиски нетретирана храна, како еден од начините на похуман однос кон земјата и нејзините плодови, и од друга страна, како погрижлив однос кон сопственото здравје. Кои се начините со кои сте еколошки одговорен?
СП: Според мене, еколошките движења се најважниот демократски исчекор во светот во последниве три децении. Уште како кандидат на изборите во 2019 година, потпишав таканаречена Зелена декларација со алијанса на невладини организации, дека тие прашања приоритетно ќе ги третирам во следните пет години. Пред 1.5 година, проблемот со аерозагадувањето го поставив на седница на Советот за безбедност и за првпат пред тоа тело им дадов можност на претставниците на еколошките здруженија да ги соочат своите аргументи со претставниците на надлежните државни институции. Минатиот ноември во Глазгов, на самитот КОП 26, во име на државата преземав неколку сериозни обврски за периодот до 2030 година во однос на емисиите на стакленички гасови.
И после завршувањето на мандатот, како граѓанин, имам намера да продолжам да давам поддршка на сите иницијативи за поздрава животна околина, бидејќи сите идеолошки разлики меѓу луѓето стануваат беспредметни кога сите сме жртви на загадената земја, вода и воздух.
На планетарно ниво, вирусот е “демократски” само додека влегува во нашите тела. Понатаму, влезот и третманот често се привилегија на богатите, а, демократијата останува пред вратите на најскапите светски клиники.
АЈ: Се сеќавате ли на изјавата на Мартин Лутер: „Можеби сите пристигнавме со различни бродови, ама сега сите сме на истиот брод“? Ова одлично реферира на она што денес го живееме со пандемијата во светот. Сите ја сркаме истата вирусна каша, можеби и како еден вид казна за човештвото поради немилосрдната експлоатација на другите форми на живот. Харирчи вели: „Овој вирус е демократски, не прави разлика помеѓу сиромашните и богатите или помеѓу државниците и обичните граѓани“. Сепак, орвеловски – дали сите сме еднакви, ама некои од нас се поеднакви во оваа светска здравствена и економска криза?
СП: Јавна тајна е дека богатите поминаа полесно низ пандемијата од сиромашните. Богатите држави први добија вакцини, први ги применија врз нивното население, а сите останати чекавме на ред испораки од таканаречените солидарни фондови. Истото важи и за тековната енергетска криза, а потполно истото се случуваше и за време на големата светска економска криза во 2008 година: најбогатите дури и заработија, додека сиромашните мораа да заминат на принуден одмор.
Така што, на планетарно ниво, вирусот е “демократски” само додека влегува во нашите тела. Понатаму, влезот и третманот често се привилегија на богатите, а демократијата останува пред вратите на најскапите светски клиники.
АЈ: Што сакате да читате? Кои книги Ви оставија најсилен впечаток?
СП: Без да го користам стандардниот изговор дека немам време за читање откога сум на функција (се смее), ова се последните три книги кои ми оставија впечаток последниве месеци: прво, Mahbubani, “Has China Won: The Chinese Challenge to American Primacy”, потоа, Bostrom, “Superintelligence: Paths, Dangers, Strategies”, и Lührmann/ Lindberg, “A third Wave of Autocratization is here: What is New About It?”.
Во тој период ми беше најважно да останам човек и да ги задржам особините на кои ме учеа моите родители – скромност, чесност и почит кон останатите.
АЈ: Да Ве вратам малку во младоста… Се смета дека доколку сакаме да имаме среќен живот, треба да го поврземе со цел, а не само со луѓе или предмети. Која беше Вашата цел кога бевте млад студент на Правниот факултет во Скопје?
СП: Јас бев студент во годините на големите турбуленции… кога се ближеше распадот на Југославија и кога беше само прашање на време заминувањето на тој идеолошки систем во архивите на историјата. Тоа беше време на исчекување и неизвесност, не многу податливо за правење на големи планови за иднината. Во тој период ми беше најважно да останам човек и да ги задржам особините на кои ме учеа моите родители – скромност, чесност и почит кон останатите.
Иако често слушам дека “денес тоа не се исплати”, дека со тие особини не се напредува во животот и кариерата, никогаш не сум помислил да се прилагодувам на “вредностите” на новото време. Не верувам дека прогресот на човечката цивилизација има шанса ако се потпира врз лицемерие, криминал и трка по материјални богатства.
Се трудам да пронаоѓам позитивни примери на луѓе кои и во тешкиве времиња не мислат само на себе.
АЈ: Низ нашите ментални филтри луѓето ги пакуваме во црно-бели кутии на добри и лоши, на Наши и Ваши, на домашни и натрапници, на староседелци и бегалци. Во време во кое говорот на омраза и ксенофобијата создаваат вести, мораме да развиваме наратив на толеранција, поврзаност и солидарност. Како накратко би ја опишале Вашата борба?
СП: Секојдневно се трудам да пронаоѓам позитивни примери на луѓе кои и во тешкиве времиња не мислат само на себе. Долгата транзиција која нѐ натера да заборавиме на солидарноста, да не си ги познаваме комшиите, а колегите на работа да ги гледаме само како конкуренти во кариерата, драстично го намали бројот на таквите индивидуи, но, тие сѐ уште постојат. За жал, во време на невидена комерцијализација и естрадизација на јавниот простор, не постои голем интерес тие луѓе и нивните дела да бидат извадени на површина. Се обидувам да одам наспроти матрицата и да дадам мал, скромен придонес во таа насока.
Ако човек е здрав, тогаш најверојатно е и среќен.
АЈ: „Најжестоко ги браниме мислењата што се засновани на предрасуди” (Линколн). Со кои предрасуди во македонското општество сè уште се буткаме на рака?
СП: Старите предрасуди останаа наши придружници, а новите, без најава и без да сакаме, пристигнаа на дневен ред. Реално, направивме огромен исчекор во меѓуетничката сфера, иако и ден-денес се пребројуваме на наши и ваши, и тоа не само во политичките форуми. Почитта кон постарите речиси исчезна, сиромашните се маргинализирани во општество во кое богатите го имаат последниот збор, а лицата со попреченост ги среќаваме само по некакви поводи. Свеста за потребата од решенија за новите поделби, според пол, род или сексуална ориентација, тешко го пробива патот до институциите кои ги поставуваат и применуваат правилата.
АЈ: Што Ве прави среќен?
СП: Да бидам искрен Ана… до пред пандемијата немав добар одговор на ова прашање, иако е сигурно дека никогаш не сум ја сакал фразата „среќата е во малите нешта” (се смее). Но, по оваа двегодишна голгота и константен психички притисок врз сите нас, навистина верувам дека ако човек е здрав, тогаш најверојатно е и среќен.
АЈ: Во контекст на познатата мисла на Џон Ленон: „Животот е она што ти се случува додека си зафатен правејќи планови“…. како ја инхалирате сегашноста? Што Ве преокупира најсилно во моментов, творечки, политички и лично?
СП: И лично и политички најмногу ме загрижува состојбата на апатија во која како нација се наоѓаме подолг временски период, особено засилена последниве две години со чувството на изолираност и страв од вирусот. Тука многу не помагаат вебинарите, виртуелните состаноци или оние собирања кои сосема надреално ги нарекуваме хибридни настани. Само живата интеракција на слободните граѓани може да ни ја поврати вербата, надежта, свежината и ентузијазмот што ни се толку потребни за повторно да го живееме животот со полни гради.
АЈ: Разговорот ќе го завршиме со Жан Пол Сартр: „Можеби некогаш ќе дојдат и подобри времиња, но само ова време е наше“. Каква порака ќе им пратите на читателите во ова чудно време?
СП: Во животот сум имал привилегија да се запознам и разговарам со некои од најбогатите и најмоќните луѓе на нашето време, кои ги имаат истите дилеми за суштината на постоењето како и оние кои се турнати на периферијата на животот. Не верувам во рецепти за среќа што некој ќе ви ги даде, а вие треба само да ги следите (се смее). И не верувам во фразите на политичарите кои ветуваат подобар живот за граѓаните, без конкретно да кажат што точно имаат намера да прават. Затоа и никогаш не сум користел таква реторика. Верувам само во чесен однос кон соговорникот и секогаш ја преферирам вистината над лагата.
Знам дека од позицијата на која сум, од мене се очекува да зборувам за улогата на државата во правењето на амбиент во кој луѓето полесно ќе ги реализираат своите замисли, но, бидејќи ова не е типично политичко интервју – тоа свесно ќе го одбегнам. Од тој човечки агол на гледање, убеден сум дека разбирањето за среќата и чувството за тоа кои се тие “подобри времиња”, како што велите, е длабоко интимен чин. При тој интимен чин, само нашата лична проценка на крајот од денот решава дали ќе бидеме задоволни од она што животот ни го нуди.
Фотографија: Хибрид Медиа и приватна архива.
При објавување на материјали од порталот www.hybrid.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.