Едицијата „Читаме заедно“, која цела година постојано ги збогатуваше домашните библиотеки на читателите на ТРИ, е комплетирана денес, кога од печат пристигна италијанскиот фолкор сместен меѓу кориците на книгата од Итало Калвино.
Ова дело е совршен начин за заокружување на една ваква едиција која има за цел да придонесе за запознавање со разновидните национални богатства, пред сè, бидејќи бајките се совршена слика за еден јазик и култура. Преку умешноста на Калвино, еден од најзначајните италијански и светски автори на 20 век, се овозможува циркулација на книжевен квалитет кој и на децата и на возрасните им овозможува запознавање со најдоброто во европската литература.
Преводот на приказните го направи искусната и плодна преведувачка проф. д-р Радица Никодиновска. Како професор кој добро ја познава Италија од сите нејзини аспекти, таа придонесе за нивно висококвалитетно приопштување на македонски јазик.
Проектот поддржан од Европската Унија допрва ќе ги остварува своите цели надвор од предвидените рамки. Сите десет книги што ги вклучи, од десет различни културни и јазични средини, им овозможуваат на македонските читатели подобро да се запознаат со европската уметност, но и да извлечат животни поуки од нив, зашто најпосле сите сме гости на овој свет сè додека не го запознаеме. Тогаш тој станува дом за сите. А запознавањето преку литературата е најдобриот начин. Изданијата какви што се овие „Италијански приказни“ и сите други европски приказни што ги читавме годинава, како и сите нивни читатели, се потврда за тоа.