Според Светската здравствена организација пливањето денеска е најпрепорачуваниот спорт во светот, што го потврдуваат и бројните придобивки кои вашето тело ги има по применување на оваа физичка активност.
Пливањето е спорт кој може да се практикува во било кое годишно време и препорачливо е да се плива секој ден барем по 30 минути, а доколку не сте во можност, пливањето три пати во неделата по половина час, би имало исто така одличен ефект.
Пливањето е спорт кој овозможува додека мускулите активно работат, мозокот да се одмара и релаксира. Исто така, помага во брзо согорување на калориите.
Доколку сте во потрага по физичка активност, погледнете неколку причини зошто пливањето е одличен избор.
Пливањето е сигурен пат до здравје и долг живот
Редовното пливање има неверојатни придобивки за организмот бидејќи го зајакнува кардиоваскуларниот систем, го стабилизира крвниот притисок и го зголемува капацитетот на белите дробови. Покрај тоа, ја зголемува мобилноста и еластичноста на зглобовите.
Пливањето особено се препорачува на луѓе кои боледуваат од астма или болки во грбот.
Пливањето го намалува стресот
Активностите во вода, како и длабокото дишење кое се применува при пливање докажано го намалуваат нивото на кортизол т.н “хормон на стрес” кој е одговорен за стресот и анксиозноста. Исто така, водата сама по себе делува смирувачки и симболизира спокој и обновување.
Пливањето е препорачливо за сите
Пливање од рана возраст
Пливањето е одличен спорт за децата уште од рана возраст, најпрепорачливо од 4 години.
Пливањето го подобрува здравјето и помага при правилниот раст и развој на децата, ги зајакнува белите дробови и срцето, се развива чувство за координација на движење и самоконтрола. Поради зајакнувањето на мускулите се продлабочува дишењето, со што телото добива повеќе кислород.
Пливањето исто така влијае врз концентрацијата и има позитивен ефект врз менталниот и социјалниот детски развој.
Пливање во бременост
Умерената физичка активност во текот на бременоста е корисна од повеќе причини: го опушта телото и го намалува стресот, спречува од појава на труднички дијабетис и водата ја намалува гравитационата сила и делумно штити од повреди.
Пливањето се препорачува и за постари лица
Напоменавме дека со пливањето покрај останатите мускули на телото, така и срцевиот мускул станува посилен, а со самото тоа се продлабочува дишењето и се добива повеќе кислород – што е особено важно кај постарите лица.
Со пливањето се трошат значителен број на калории
Дали знаете дека пливањето согорува повеќе калории од трчањето и возењето велосипед?
Доволно е и само рекреативно да пливате три пати неделно по 1 час и ќе го почувствувате сами губитокот на калории. Секако, не заборавајте да внимавате и на исхраната бидејќи како и секоја друга физичка активност, така и пливањето бара да внесувате одредена количина протеини и хранливи состојки.
Професионалните стилови со 1 час пливање согоруваат:
Делфин – до 800 калории
Градно пливање – до 750 калории
Слободен стил – од 500 до 700 калории
Грбно пливање – до 500 калории
Пливањето идеален избор за намалување на телесната тежина за луѓето кои имаат индекс на телесна маса поголема од 25 или 30. Поголемиот број од другите активности претставуваат преголемо оптеретување за зглобовите, а кај пливањето телото природно губи тежина и оптеретувањето се намалува.
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум,задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот
Discussion about this post