Епикур (роден 341 п.н.е. на Самос – умрел 270 п.н.е. во Атина) бил старогрчки филозоф и основач на филозофското учење познато како епикурејство.
За Епикур целта на филозофијата е достигнувањето среќен и мирен живот кој се одликува со атараксија – душевна непоматеност, ослободеност од страв и апонија – отсуство од болка, како и живеење на самостоен и независен живот опкружен со пријатели. Епикур подучувал дека задоволството и болката се мерила за доброто и лошото; дека смртта е крај на телото и на душата, па затоа човекот не треба да се плаши од боговите кои ниту ги наградуваат, а ниту пак ги казнуваат луѓето; универзумот е бесконечен и вечен, а настаните во светот се во крајна линија засновани на движењата и интеракциите на атомите движејќи се во празниот простор.
Епикур го истакнал пријателството како важен елемент на среќата, а школата во многу нешта личела на заедница од пријатели кои живеат заедно. Сепак, тој, исто така, вовел хиерархиски систем на нивоа меѓу неговите следбеници кои морале да положат заклетва кон неговите основни принципи.
Неколку цитати од Епикур
„Од сите нешта кои ни ги овозможува мудроста, со цел да бидеме среќни, најважната и најголемата е можноста да стекнеме пријатели.“
„Оној кој се задоволува со малку, никогаш ништо не му е доволно.“
„Смртта не треба да не загрижува, бидејќи во времето во кое ние постоиме, неа ја нема. А кога ќе умреме, не постоиме повеќе.“
„Никогаш не се стремев да и угодам на толпата. Она што ги задоволуваше нив, јас не го научив, а она што го знаев беше далеку од нивното разбирање.“
„Лудо е човекот да се моли на боговите за она што тој има моќ да го добие самиот.“
„Несреќата на мудрите е подобра од просперитетот на будалите.“
„Не ни е потребна помошта на пријателите толку колку што ни е потребна сигурноста дека ќе ни помогнат кога ќе биде потребно.“
При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.