Пишува: Ана Јовковска
AJ: Сами си ја одредуваме слободата, па, така вашата слобода ве однесе во театарските претстави „Венера во крзно“, „Животот на Молиер“, „Магбет“… во „Навигаторот Цветко“, во “Wonderland Theatre”, во популарната ТВ серијата „Преспав“, во филмот „Деца на сонцето“, а изминативе седум години сте и една од главните хероини во детската серија „Фамилија 5 +“. За односот кон актерската професија ќе речете: „Посакувам да ме држи вечно желбата за игра и при секој процес да се осеќам како мало дете во огромна, шарена продавница за гумени бомбони“. Се согласувам со вас дека контрастот и различните улоги се потребени за раст на секој глумец. Што друго?
ИП: Доколку Пер Гинт не заминеше на она негово магично патување со цел подобро да се осознае себе си или пак доколку Алиса во земјата на чудата не извршеше слободен пад во црната, темна, зајачка дупка која ја однесе на едно ново, магично место, верувам дека многу од работите во овој свет ќе беа тажни. Нуркањето во непознатото и потрагата по нови нешта, дали се тоа скапоцени камења или празно буре, секогаш е посебен предизвик, исто како копањето, чистењето, забавата, маките и солзите кои нè чекаат зад некој непознат агол. Слободната мисла, љубопитноста и немањето страв од непознатото се клучни за секој актер.
Имам чувство дека секој секого го суди, без навечер, пред легнување, да се погледне во огледалото.
АЈ: Една од омилените драмски реплики ви е: „ЦЕЛА МЛАДОСТ НИ ОТИДЕ ДУРИ СИТЕ ВИЕ ПИЕТЕ КАФЕ!“
Што пропуштивме да направиме подобро минативе години?
ИП: Пропуштивме да се радуваме на ситни нешта кои ни прелетуваат пред нос. Да сакаме да учиме еден од друг и конечно, на некоја тема да се осмелиме да кажеме едно искрено „не знам”. Народов има проблем со тоа. Можеби е некоја скриена фрустрација што си влече корени – да знаеш сè однапред, а да си стигнал да прочиташ само основни лектири зошто учителката те натерала. И проклето за сè да си во право! Не може вечно само нас да не нè сака учителката, а ние да сме единствените генијалци. Имам чувство дека секој секого го суди, без навечер, пред легнување, да се погледне во огледалото – измиен, со сите внатрешни лузни, кои ако не ги средиш на време ќе те гнијат и оглупавуваат. Не смееме да си дозволиме да имаме кратка меморија.
Не може вечно само нас да не нè сака учителката, а ние да сме единствените генијалци.
АЈ: Љубовта, неверството и предавството се чести теми на „даските што живот значат“. Имате можности да ги оживувате туѓите болки и љубови. Сепак, кога се работи за личните животни искуства, каков е вашиот однос кон љубовта и неверството?
ИП: Тврдам дека некогаш е подобро да спиеш сам на перница, отколку да ја делиш со некој кој нема слух за тебе. Со некој кој не знае да те „чита“ меѓу редови и на кој твоето смеење, плачки, успеси, маани и планови за иднина му се рамнат со нула. За мене состојбата „сеедно ми е“ е поопасна од тоа да мразиш или да сакаш. Многу е битно да сме искрени пред себе. Не сметам дека треба да губам нечие време или да повредувам нечии чувства доколку не сум задоволна од она што го имам дома, а под дома спаѓаат мојот мозок, утроба и емоции. Ич не ми чуе, комотно нека звучам како непоправлива романтичарка, но јас сериозно верувам во љубов која може да расте и трае.
Лошо е да се најдеш на раскрсница како издуван балон. Неверството кое се случува во нашата психа е можеби пострашно од она другото, физичкото, кое може да трае 30 секунди, два, три или пет часа, а човек да се осеќа празен како никогаш порано. Можеби како никогаш до сега ја одбирам слободата која за мене е најбитна, а со самото тоа и љубовта која не те гуши, туку метаморфозира и те прави подобар човек. Една без друга не можат, како една игра со прсти која ја игравме ко мали (се смее). А, кога ќе осетиме дека патиштата им се двојат, кога веќе немаат ништо заедничко, навистина нема потреба од делење иста чаша вино или цигара по дома за фајронт пред спиење, а камоли перница.
Состојбата „сеедно ми е“ ми е поопасна од тоа да мразиш или да сакаш некого!
АЈ: Актерската професија подразбира голем емоционален влог, а богами и време со шашави распореди. Како најблиските, пријателите, партнерот… се вклопуваат во вашиот професионален биоритам?
ИП: Искрено, мислам дека глобалнава пандемија им отежна. А ни јас не сум навикната на овој распоред, иако не смеам да се жалам бидејки месециве постојано нешто работев. Свесна сум дека сум подобар и поисполнет човек кога работам. „Главам“ на проба и тоа нема крај, но, тогаш, природно некако се наметнува да имам волја и време за сè. Се сеќавам кога уште на факултет, пред секој почеток на семестар, мојата професорка Зоја нагласуваше дека доколку сакаме да се занимаваме со глума треба да сфатиме дека за нас нема ниту празник, делник, роденден на најдобрата другарка, момче, журка…. дека влогот е многу голем, откажувањата исто така и дека треба да се навикнеме на тоа. Со време, сите мои блиски луѓе се навикнаа и не сметам дека треба да правам компромис за она што ме исполнува. Затоа кај мене имам развиено поголема толерантност за туѓите планови и обврски и пробувам на никој да не му се наметнувам. Битна ми е нивната поддршка и бруталната искреност која ја очекувам на тацна после секоја премиера.
Пред да почне пандемијава, повеќе луѓе седевме во друштво и еден познаник ме праша дали е вистина дека некогаш заглавуваме по цели денови на проба во театар, на што потврдно му климнав со главата, а тој само искрено кажа: „Ауууу… па, јас, да има девојка глумица и да ми се врати дома од проба во три сабајле, ќе „шекнам“. Од каде ќе знам таму што правела.” За жал, многу луѓе не се свесни дека во најмалото гранапче под влезот виреат поголеми шанси за сомнеж.
Неверството кое се случува во нашата психа е пострашно од она другото, физичкото кое може да трае 30 секунди, два, три или пет часа, а човек да се осеќа празен како никогаш порано.
АЈ: Последното професионално искуство ви беше сосема поинаково, својствено за новите адаптации на културата и уметноста за време на корона-криза. Станува збор за дигиталната престава „Илузии“ на режисерката Нела Витошевиќ. Како ве понесе виртуелната кутија? Ви фалеа ли директните воздишки од публиката? Допирите?
ИП: Во април, кога цел свет за прв пат се соочуваше со нова глобална пандемија, ние решивме да не седиме дома и да кукаме туку да се фатиме со работа. Одбравме тема која е безвременска, а која посебно се истакна за време на карантинот, бидејќи голем дел од паровите се соочија со моментот дека мора да го гледаат својот партнер 24/7 на ден. На површина испливаа многу нови нешта… Имам чувство дека многу од луѓето одново се запознаваа. Секој ден за време на полицискиот час работевме на платформата Zoom, дискутиравме, извадивме од домашниот фундус безброј костими и реквизити и имавме чист порив да се искажеме себе си, притоа незнаејќи каков ќе биде резултатот. Од денешна перспектива, многу сум горда на „Илузии“, на Нела и на целата екипа.
А, ако зборувам за театарот… ми фали мојот хаос. Ми фали тремата пред да излезам на сцена, самодовербата во моментот кога ќе стапнам на неа, нервозите и смеењето, звукот од гласовите на публиката, ми фали да земам голтка вода и да ја фрлам мастиката, костимите, вечните дискусии со колегите… Некогаш пред заспивање замижувам и опасно посакувам да постои момент на телепортирање во онаа стара реалност која ја живеевме, макар таа била само за театар.
АЈ: Сеќавајќи се на вашата баба, „мудрицата Катерина“ како што ја нарекувате, се сетивте на нејзините зборови: „Господ е таму каде што ќе го замислиш ти!“. На тоа ви ја одбравте вселената. Што тоа значи?
ИП: Архангел имаат една генијална строфа од Заумна сила:
„Јас сонце и месечина
и точка и цела вселена,
од црна дупка светлина,
твоја љубов голема.”
Одбирам да не се водам по идоли и начела. Намерно, со ладна глава, одбирам да сум вечен скитник кој ќе верува само во оние нешта, луѓе и ситуации кои му ја полнат душата. Не се водам по наметнати правила и норми, туку по емоции и здрав разум. Нема потреба моите неуспеси и успеси да ги препишувам на некоја одредена фигура. Сама сум кројачка на својот живот!
АЈ: Театарот и филмот се како голем спектакл. Но, овој термин може да асоцира и на значењето за кое зборува Ги Дебор – „општството на спектаклот“… На што ве асоцира спектаклот надвор од театарскиот контекст, односно во поширок општествен контекст?
ИП: За жал, во денешно време спектакл е да си нежен и скромен. Спектакл е да не молиш и лиеш солзи за да добиеш работно место во национален театар, иако работиш без престан од твоето дипломирање. Спектакл е да кажеш: Aма јас немам врски и не ги познавам тие луѓе. Спектакл е некој да се запраша како преживуваме ние, невработените глумци за време на оваа криза. Да не се потпишеш за партија. Да не си во некој клан кој ти создава диво месо во грлото. Спектакл е да си против “лицемерството кое е привилигиран грев, кој ја затнува устата на сиот свет”, што би рекол мудриот Булгаков. Да си свој човек со сопствен пат пред себе. Да не се срамиш од своите корени. Да имаш став. Да кажеш добар ден во лифт, иако не ти враќаат и учтиво да го замолиш комшијата да ги тргне кесите со ѓубре од пред вратата од каде се шири реа веќе три дена и да не го испцуеш сочно.
Спектакл е да играш во театар, а да не си вработен и да се радуваш што си на иста линија со режисерите кои и покрај сите притисоци, сепак на крајот од денот те одбрале тебе. Спектакл е да не носиш турско кафе, евтина бомбоњера со лик на девојка од турска серија и виски за вработување кое си го заслужил со своето образование за кое плаќале твоите родители со чесна работа. Спектакл е да читаш, да одиш во музеи, да гледаш филмови, да слушаш нова музика, да те интересира астрономија, да сакаш да учиш секојдневно. Спектакл е да си луциден и притоа да не повредиш никого, да умееш да повлечеш јазик на време зошто не знаеш каков му бил денот на оној кој ти се обраќа. Спектакл е да побараш помош од психолог. Спектакл е да љубиш без да очекуваш нешто за возврат. Спектакл е после секоја горчлива солза да легнеш мирно на перница, да се насмееш и да продолжиш да веруваш дека сè уште има добри луѓе.
Спектакл е да не носиш турско кафе, евтина бомбоњера со лик на девојка од турска серија и виски за вработување кое си го заслужил со своето образование за кое плаќале твоите родители со чесна работа.
АЈ: Ме стаписавте Ивана, иако моето прашање алудираше на нешто сосема друго… Впечаток ми остави и чистењето на вашите ментални фиоки… Ве цитирам: „Многу ми е битно секоја од фиоките на мојот мозок да биде уредна, чиста и да биде доволно голема за сите работи кои ги складирам низ годиниве“. Од кои товари би сакале да ги испразните вашите ментални фиоки? Од кои тежини ви треба да се ослободите?
ИП: Сè што сум поминала до сега било за мое лично добро. Eдноставно така требало да биде. Како му кажа Цвета на Осман во Балканот не е мртов: „Сакај нешто – е баш тоа ќе ти скрши глава”. Баба ми имаше уште неколку сјајни поговорки со кои растев. Една од нив беше онаа дека „100 стапа по туѓ грб, ич не болат”. Затоа гордо си ги носам своите на мој начин. Тие се нераскинлив дел од мене колку и да знаат да заболат. За ништо не се каам, напротив, сметам дека без тежините немаше да стигнам до оваа скала на којашто сум денес. Кога работам, по потреба роварам по нив. Како дете, паметам како паднав во паркот во Чаир, пред кој живеев во една зграда, и дека многу лошо се удрив. Имаше крв, солзи, тага… ми остана една мала бела лузна на моето колено што порано не ја сакав и лепев фластер на неа. Исто како што лепев фластер и на мојот белег на десната нога што ми е наследен од баба ми. Сега ги обожавам. Лузните ме потсеќаат на минливата болка. Денес се смеам во име на вечно љубопитната арамбаша Ивана, со сендвич од пола леб, со мајонез, евтина салама и кашкавал, што ми го даде комшијата, чичко Сефер од маалото, за да ми пројде побрзо… Тежините и траумите кои ни се калемат низ животот нè еволуираат на еден посебен начин. Драго ми е што на време се научив да ги отварам прозорите за да излуфтирам, а сè друго е за памет! Некогаш она што ни се чини дека е „крај на светот“, е токму она кое направило подобра верзија од нас.
Некогаш она што ни се чини дека е „крај на светот“, е токму она кое направило подобра верзија од нас.
АЈ: Што би промениле денес во Скопјe?
ИП: Претходната влада премногу го смени, така што веќе губам верба, а и разумот ми шепка гласно дека џабе се надевам оти со еден замав со волшебно стапче ќе може да исчезнат сите оние мегаломански споменици и фасади кои во моите очи се бајати и поразителни. Овој град е непрепознатлив и испоганет до немајкаде и тоа многу ме боли. Шетајќи се или возејќи точак како да гледам пред себе скапоцена порцеланска кукла со скапани, гнили заби. Молк кој татне и пара уши. Наместо да се стремиме напред и да им се даде шанса на нашите телентирани, современи уметници да дадат едно ново руво на ова наше Скопје…
Сепак, како камуфлажа би додала дупло зеленило, нови велосипедски патеки, нови сцени, театри за независната културна сцена, чист воздух и повеќе емпатија. Длабоко во себе сè уште ја пееме песната на Златно Славејче – Градот убав пак ќе никне.
АЈ: Кои жени ви се светли примери?
ИП: Како мала, пред да заспијам, со мајка ми имавме наш мини ритуал на читање приказни за добра ноќ. Во Приказни по телефон од Џани Родари, омилена ми беше приказната за една жена од Сан Антонио која се викала Аполонија Мармаладова и која со своите магични раце правела најубав мармалад, им помагала на сиромашните и се верувало дека може да направи мармалад дури и од камења. Денот кога императорот побарал да проба од тој мармалад, сосема случајно во неговата чинија паднала мува, па тој се згрозил и побарал војниците да ѝ ги пресечат рацете. Народот се кренал на бунт и за прв пат во историјата му порачале на кралот дека доколку го направи тоа, тие ќе му ја пресечат главата заедно сосе круната, бидејќи императорски глави се наоѓаат, а магичните раце, чистото срце и добрината на Аполонија се реткост во светот. На крајот, царот ги обрал крушите. Јас сè уште верувам дека оваа жена постои (се смее).
Секоја жена која гордо, насмеано ги носи своите брчки и која има свој личен интегритет и печат… Секоја која неуморно јава наспроти големите бранови во океанот е мој светол пример. Се радувам што таквите примери ги имам дома и во најблиската околина.
АЈ: Што ве прави среќна?
ИП: Кога знам дека нешто за што сум се борела, сум го направила добро. Кога моите дома се добри и кога шизат без никаков повод на фанк и диско. Кога моиве најблиски другарки-сестри, ко што милувам да ги кажам, зрачат приватно и професионално. Принцес крофните на баба ми и поезијата на дедо ми. Старите слики од одмори. Неговите пуканки што некогаш се со премногу сол, а јас мудро молчам и викам „не, топ се, тамам се, совршени”, на што тој во секунда ме фаќа како лажам (се смее). Чашите вино и нашето прегледување стари филмови еднаш во неделата, како ритуал. Нашето смеење и дискусиите до ситните саати ко стеници. Бистриот, луциден ум на брат ми Мио. Сакамото, Филип Глас… Режисерите со кои се контаме со поглед. Животинско царство и тоблероне. Новите процеси. Долги проби. Публиката што после втора пијачка во кафуле се ослободува, доаѓа и ко од пушка рецитира некоја твоја реплика што им сменила живот. Возење велосипед и мерење улици низ Скопје. Ласта во море. Пеги на моето лице. Кога гледам како родителите на децата со посебни потреби успешно се справуваат со образовниот систем и стегите во ова општество. Кога ќе се „шекнам“ од некоја нова книга или песна. Кога ќе испливам во длабокото. Добра претстава после која молчам. Кога дедото што ми ги продава најубавите божури на пазарот под влез ќе ми каже мудра мисла што некогаш е посилна од некое големо дело. Луѓето кои знаат искрено да се радуваат и кои не се срамат да заплачат.
Насловна фотографија: Марио Андоновски за nea.mk