Родителите на Инес Станковска се Македонци, но таа скоро целиот свој живот живее во Париз. Таму за прв пат се вљубила во уметноста која ѝ е наследна дури од дедо ѝ, а денес со уметност се занимаваат и таа и нејзината помала сестра Мелани. Инес не е типичен уметник, барем не кај нас – таа со своите ножички создава силуети на луѓе од хартија и тоа го прави на големи и ексклузивни настани, на забави, на промоции… Ја канат од Луј Витон, Хермес, Ив Сен Лорен, Булгари, Картие, Ролекс…
По завршувањето на средното образование Инес од Париз заминува во Шпанија за да студира сликање и фотографирање, но паралелно ја усовршува техниката на создавање силуети на улицата Рамбла во Барселона. Една година подоцна се враќа во Париз каде што се стекнува со диплома по Ликовна уметност и Историја на уметноста.
И токму тогаш решава да ја продолжи семејната традиција и да почне да создава силуети на повисоко ниво. Нејзиниот дедо е еден од првите уметници кои создаваат силуети од хартија во Париз, а таа ги следи неговите стапки. Освен што е една од првите жени кои сечат силуети на хартија, таа е меѓу најуникатните уметници од овој вид.
Колку често се враќате во Скопје, градот во кој живеевте неколку години како дете?
Доаѓам тука на една, една и пол година. Имам семејство во Скопје и пријатели кои сакам да ги посетувам. Па кога ќе дојдам тука, се чувствувам како да сум дошла на одмор. Потоа, кога ќе се вратам во Франција на пријателите таму им раскажувам дека луѓето во Македонија се потопли, дека имаат поинакви сфаќања, дека ова е некогаш подобар, а некогаш полош свет, но дека оваа земја вреди да се види.
Во Франција Ве познаваат како La Sillhouettiste… Како започна оваа приказна?
Силуетите ми се „наследство“ од дедо ми од страната на мајка ми. Тој е стар уметник од Монмартр кој сечел силуети и кој целиот живот го правел тоа. Во текот на животот сечел силуети за кралското семејство во Монако, работел на настани и работел како сликар на Монмартр. Бидејќи ова не е женска професија, кога мајка ми се омажила, татко ми го научил занаетот. Тој и самиот е уметник, портретист, но почнал да се занимава и со ова. Кога пораснав и самата почнав да учам. Бидејќи татко ми нема машко дете, јас посакав да научам да правам силуети. Тој не сакаше, но јас инсистирав, бидејќи ми беше магично.
Зошто е ова „машка професија“?
Не постојат предрасуди во однос на професијата, но кога почнував да учам, беше друго време. Ова е работа што се прави на улица, па можеби затоа. Но, јас работам исклучиво на настани, на забави по модни ревии, на промоции… Можеби затоа е поинаку за мене.
Колку е тешко да се „исече“ вистинска силуета, сите оние црти што се карактеристични за мажот или жената на кои им изработувате силуета во моментот?
Прво, мора да кажам дека се работи со посебни ножички и со мека хартија која се витка лесно, а сепак не се прекршува и не се кине затоа што е многу тенка. Сега ми требаат буквално три секунди да го „скенирам“ лицето, а потоа уште околу две минути да ја изработам силуетата на хартија. Самиот процес на учење траеше долго – започнав кога имав десет години, а потоа со учење ми требаа скоро десет години за да се усовршам.
Како започнавте со работа на големи настани? Беше ли тешко да се влезе во светот на Тур де Франс, Вог, Марк Џејкобс, Кристијан Диор?
Искрено, почнаа да ме бараат самите. Јас работев на настани поврзани со културата, на кои присуствуваа новинари, но и луѓе кои и самите имаат агенции за организирање настани, па почнаа да ме ангажираат. Со првата агенција што ме ангажираше работев на Ролан Гарос, на Тур де Франс, па тоа го привлече вниманието и на модните куќи. Во изминативе години работев навистина многу, а луѓето кои можам да ги издвојам како личности на кои сум им направила силуети се Мајкл Даглас, Форест Витакер, Џон Траволта, Џенифер Лопез, Хју Грант… За дел од тие забави потпишувам договори во кои стои дека не смеам да сликам, ниту да објавувам фотографии од гостите, но се убав спомен.
Кој е најзабавниот дел од работата?
Целата работа е забавна. Мене ми е забавно од моментот кога ќе стигнам на настанот. И од мене во голема мера зависи дали ќе биде успешна некоја забава или не. На почетокот на забавата луѓето се срамат, воздржани се, а јас сум тука да ја стоплам атмосферата, да им направам силуета, да започнам интеракција која ќе се пренесе од еден на друг. За мене е многу интересен тој контакт.
Иако верувам дека реакциите се воодушевувачки, имало ли негативни реакции?
Понекогаш знаат да се погледнат и да речат „Ова сум јас?“ Тоа е можеби најнегативната реакција, но бидејќи ја добиваат силуетата на подарок, мислам дека им е драга. Има и такви кои знаат да речат дека не сакаат, а потоа кога ќе ги видат силуетите да прашаат дали сепак може да им направам и на нив.
Каква ќе биде Вашата агенда по враќањето во Париз?
Работам за луксузни фирми, а работам и за приватна банка од Швајцарија, па сега ќе заминам таму на настан кој ќе се одржи во еден од швајцарските ски центри. Потоа ќе одам на турнеја низ Франција со Рошас, на промоцијата на нов парфем. Работата ме носи секаде – во Јапонија, Кина, Кореа, САД, Дубаи… Можеби еден ден ќе ме поканат да работам и на настан во Македонија. Тоа би сакала.
Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: Приватна архива
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот